Македонски навивачи вмешани во масовна тепачка во Дортмунд | Македонија | DW | 07.03.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонски навивачи вмешани во масовна тепачка во Дортмунд

Десетици македонски навивачи кои пристигнале во Германија на аеродромот во Дортмунд како гости на фановите на Шалке, синоќа биле вмешани во тежок инцидентот.

Група македонски навивачи синоќа учествувалa во инцидент пред аеродромот во Дортмунд, каде пристигнале како гости на навивачката група на фудбалскиот клуб Шалке од Гелзенкирхен. Според информации на полицијата, групата македонски навивачи била пречекана од своите домаќини на аеродромот околу 21 часот. Веднаш по излегувањето од аеродромската зграда, навивачката група на Шалке се соочила со ривалска група на навивачи на Борусија Дортмунд. Дошло до жестоки судири и масовна тепачка во која учествувале околу 120 навивачи од двете страни. Хулиганите фрлале и со камења, а малубројната аеродромска полиција не можела да го спречи инцидентот. По интервенција на полициски сили од градот Дортмунд, кои употребиле и солзавец, состојбата се смирила.

Од полицијата во Дортмунд утрово за ДВ изјавија дека во инцидентот немало повредени, ниту уапсени, но според билтенот предизвикана е материјална штета врз неколку возила на паркингот на аеродромот во Дортмунд.

Fußball Derby Fans Borussia Dortmund FC Schalke 04

Ланското дерби меѓу Борусија и Шалке мина со серија инциденти меѓу навивачите

Меѓу вмешаните во инцидентот, најголемиот дел биле од Македонија и од Гелзенкирхен.

Викендов во германската Бундеслига се игра локалното дерби меѓу Шалке и Борусија Дортмунд во Гелзенкирхен. Ривалитетот меѓу двата клуба и двете навивачки групи е огромен, а неретко се случуваат инциденти пред, за време и по натпреварите. Македонските навивачи во Германија пристигнале на покана на навивачите на Шалке, најверојатно како нивни гости на мечот. Засега нема информации дали навивачите од Македонија се припадници на некоја навивачка група од земјата.