1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Македонски книги за баби, дедовци и внуци!

Во Американската спомен-библиотека во Берлин постои фонд македонски книги. Тука наминуваат постарите читатели, сега баби и дедовци со своите внуци, кои позајмуваат детски книги на македонски јазик.

default

Американската спомен-библиотека во Берлин функционира подолго од половина век. Како кажува и нејзиното име, таа е подарок за престолнината од Американците по успешно надминатата блокада од 1948/49 година. Во приземјето на библиотеката, меѓу стотината регали се наоѓа и еден во кој читателот може да најде и наслови на македонски. Го прашуваме библиотекарот Џузебе де Сиати, кој речиси 40 години се занимава со литературата на јужнословенските јазици, од кога во Берлин ги има и македонските книги.

„Започнавме на почетокот на седумдесетите, кога во Берлин пристигнаа првите емигранти.

Amerika-Gedenkbibliothek Berlin

Само стоттина наслови на македонски јазик...

Пред се’ имаше граѓани од Турција и Грција, но и од поранешна Југославија. Најголемиот дел Хрвати и Срби, но и Словенци и Македонци, кои исто така сакаа да читаат. Тогаш посебно имаше мал број книги на македонски, или словенечки, зашто сите говореа и читаа српско-хрватски, па најголемиот број книги беа и такви, си припомнува де Сиати кој кажува дека тешкотии настанале по деведесеттите, кога земјата се распаднала и кога Хрватите не сакале да читаат книги на српско- хрватски и обратно.

Минимален фонд книги

Во фондот од 3.000 книги од јазичното подрачје на поранешна Југославија, делот со македонска литература е мал - околу стотина наслови. Повеќето, како обаснува де Сиати, се наслови од новата генерација автори. Класичната литература на македонски е помалку застапена.

„Се обидуваме да ја пренесеме современата литература. Покрај белетристиката, застапена е поезијата, но и литература за деца.

Amerika-Gedenkbibliothek Berlin

Секако дека ги има врвните имиња од македонската книжевност. Од Петре М. Андреевски, Васе Манчев, Славко Јаневски, Томе Арсовски , преку детски автори до практични книги и готвачи.“

„Има и германски автори кои се преведени на македонски за оние луѓе кои имаа проблем со германскиот јазик. Идеја беше покрај македонски, тука да бидат најважните германски автори за да можат читателите да добијат преглед и да им се пренесе дел од оваа литература. Има македонски преводи на еден Грас, Бел...“ подвлекува де Сиати кого го прашуваме дали во времето на интернет, се‘ уште постои навиката да се позајмува книга од библиотека и каков е прототипот на македонскиот читател.

„Вистина е дека изнајмувањето книги е намалено. Оние кои некогаш биле млади и кои биле често во библиотека сега се баби и дедовци. И токму тие се најголемиот дел посетители кои со нивните внуци доаѓаат и изнајмуваат детски книги. Сигурно сакаат да го зачуваат македонскиот литературен јазик,“ подвлекува Џузепе де Сиати, кој дополнува дека буџетот за нови македонски и воопшто книги на странски јазици е мал. Затоа се труди со малку пари да обезбеди многу книги поради што е редовен посетител на саемите на книгата во Лајпциг и Франкфурт. И секако го користи стариот и докажан принцип: им порачува одредени книги на оние негови пријатели кои патуваат во Македонија. Ова, можеби не е особено модерен начин на купување, но во секој случај е практичен, ефикасен и евтин!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска