1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонски и српски полицајци заедно патролираат низ Охрид

Во Охрид заедно со локалните полицајци патролираат и нивни колеги од Србија. Присуството е симболично, но ефектите ќе се многустрани, смета МВР. Македонски полицајци летово веќе има во Хрватска и Црна Гора.

Проектот „Заеднички полициски патроли“ на просторот на поранешна Југославија долго беше тема на низа средби меѓу првите полицајци од регионот, но за него во континуитет од неколку години се разговараше и на други нивоа. Претходно мешаните полициски патроли беа карактеристика за набљудување на граничните линии на Македонија со соседите, а сега таа размена влегува подлабоко и е видлива и за населението. Посебно во лето кога се претпоставува дека движењето на луѓето е далеку поголемо од вообичаено. Не случајно проектот меѓу македонската и српската полиција започнува во Охрид. „Целта е да се стекне меѓусебна  доверба, да се продлабочи полициската соработка во размената на информации, а српските туристи во Охрид да се чувствуваат побезбедно“, вели Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.

Мешаните патроли – гарант за поспокоен одмор

Присуството на српските полицајци ова лето во Охрид ќе биде сосема симболично, до 15 септември во две смени ќе има вкупно четворица полицајци. При заедничките патроли, српските полициски службеници нема да имаат полициски овластувања и на терен се обврзани да го почитуваат македонското полициско законодавство со кое се веќе запознати. Тие нема да имаат полициски или други извршни овластувања и нема да носат службено оружје и друга опрема.

Заедничките активности веќе се одвиваат во централното градско подрачје, по охридското крајбрежје. Во Македонија, но уште повеќе во Србија, свежи се сеќавањата на 2010 година кога во Охрид беше убиен српски турист. Тоа ги залади туристичките врски меѓу Охрид и Србија. Инцидентот беше причина драстично да се намали бројот на традиционалните српски туристи во Охрид кои се посакувани и поради потрошувачкиот менталитет. Токму, мешаните полициски патроли, колку и да се симболични за почеток ја враќаат довербата за поголема безбедност. Српските полицајци ќе се во постојана обиколка на угостителските објекти и во контакт со српските туристи за да им бидат поддршка и да им го зголемат чуството на сигурност во Охрид.

Schiffe in Ohrid Mazedonien

Охрид

По охридските улици видливо е присуство на автомобили со српски регистарски таблички, особено од Белград. „Тука сме со поголемо друштво. Убаво е, немаме никакви проблеми. Случајно слушнавме дека во Охрид патролираат и наши српски полицајци. Тоа е убав гест и уште поубава порака за борба против насилствата, криминалот и свеста за зголемената безбедност“, ни вели Немања.

Српските полицајци задоволни и од колегите и од охриѓани

На куса пресконференција пред охридската полиција се сретнавме со Драган Лукиќ  и Славиша Илиќ од кои едниот е униформиран полициски службеник, а другиот е полициски инспектор во српската криминалистичка полиција.

„Тука сме за да им помогнеме на колегите полицајци од Охрид. Дочекани сме многу убаво. Можам да кажам дека веќе остваривме некои контакти со жителите на Охрид, но и со дел од нашите српски туристи, кои се во посета на  културно-историските споменици и градот“, вели Лукиќ. Ги прашуваме како реагираат луѓето кога ќе забележат мешана патрола со различни полициски ознаки. 

„Мошне пријатно. Ја препознаваат нашата униформа. Не застануваат и не прашуваат од каде тоа ние овде. Им ја објаснуваме идејата за меѓународната соработка помеѓу полициските управи“, додава Илиќ.

Македонски полицајци во Хрватска и Црна Гора

Македонското МВР ист договор за соработка како со српската има потпишано и со хрватската и црногорската полиција. Четворица македонски полицајци од 1. јули се на хрватското и на црногорското приморје. Тие би требало да им се од помош на македонските државјани при евентуални кражби, разбојништва или други кривични дела додека се на летување. Македонските полицајци со нивните тамошни колеги ќе учествуваат и во расветлувањето на криминал доколку осомничените би биле македонски државјани. Слично е и со останатите полиции во регионот. На албанската ривиера летово патролираат мешани албански и косовски патроли, а српски полицајци има и во Црна Гора и Хрватска. Македонското МВР, како што пишуваа некои медиуми, испратило писмо со слични намери и до своите грчки колеги.