1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонски ден на Берлиналето

Вчера на Берлиналето беше неофицијален ден на Македонија. Претпладнето на филмскиот маркет беше прикажан “Плати и жени” на Атанас Георгиев, а вечерта Филмскиот фонд ја промовираше Македонија како дестинација за снимање.

default

Македонско остварување меѓу конкурентите за „златни мечки“ нема. Сепак земјата се презентира на фестивалот во Берлин

“Плати и жени” во режија на Атанас Георгиев, копродукција на Македонија, Хрватска, Автрија и САД го предизвика вниманието на Европскиот филмски маркет.

Тешката тема ведро раскажана

Оние малкумина што дојдоа да ја видат сторијата за патешествијата на луѓето од Балканот, кои во потрага по подобар живот во Европа се спремни да платат за невеста и документи, беа импресионирани од леснотијата и свежината со која се пренесува дејствието што се случува во Виена.

Режисерот Георгиев е потенцијален зет, кој го документира барањето невеста и нему сличните судбини. За позитивниот ефект од приказаната придонесе и прекрасната музика на “Фолтин” која го придружува и надополнува дејствието. Филмот на Маркетот го изгледаа десеттина луѓе, кои крајот го поздравија со аплауз и позитивни коментари:

"Многу ми се допадна.Многу жив, подвижен, искрен... Една сериозна тема, за која би требало да се плаче, е така духовито обработена што предизвикува смеа.“

Berlinale 2009

Реклама за фестивалот во центарот на Берлин

"Одлично сработено. Приказната е добро раскажана, монтажата е одлична. Камерата е повремено преподвижна, но е жива и треба да се има на ум дека е снимано од ситуација во ситуација, зашто станува збор за вистински документарец. Многу забавен и разигран филм” - е оценката на еден потенцијален купувач од Германија. По премиерата на маркетот во Берлин, продуцентот Синиша Јуричиќ ги кажува наредните фестивалски станици на “Плати и жени”:

"Прво оди на фестивалот ’Загреб докс’, каде ќе биде во регионалната натпреварувачка конкуренција. Потоа во Грац на ’Дијагонали’, па на фестивалот во Лион. Но, се надеваме дека големата фешта и официјална премиера со публика ќе ја има во Загреб.“

Македонија дестинација за снимање!

На прикажувањето на филмот немаше македонски претставници, но нив ги имаше вечерта во Сони Центарот во Берлин.

Plakat für 59. Berlinale

Плакатот на Берлиналето

На коктелот што го организираше Филмскиот фонд на Македонија, земјата како дестинација за снимање ја промовираа првиот човек на Фондот Дарко Башевски и новата директорка на Фестивалот “Браќа Манаки” - Лабина Митевска.

Според Башевски последниве години и без реклама во Македонија се снимаа повеќе филмови: данскиот “Хјуман зоо” што беше на Панорамата на Берлиналето, еден чешки филм и една турска серија. Најави има и за еден ирски филм:

"Гледаме дека има интерес и сметаме дека треба повеќе да се промовираме. Бидејки ни еден странски инвеститор нема да остави толку пари, колку што носи снимање на еден филм. Зашто, за месец - два снимање се добиваат по 500.000 до милион и пол евра” - објаснува Дарко Башевски.