1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонски во српските училишта

Македонскиот јазик за првпат ќе се воведе во наставата во Србија во новата учебна 2011/2012 година, а при крај се и подготовките за печатење на буквар на македонски за првоодделенците.

default

Првпат можност за изучување на македонски јазик во српските училишта

Македонските деца во Јабука и Панчево, каде има најмногу Македонци, но и секаде каде што ги има во Србија, во новата учебна 2011/2012 година за првпат на училиште ќе го изучуваат својот мајчин, македонски јазик, со елементи на националната култура. Воедно, се прават и последните подготовки за печатење буквар по македонски јазик за првоодделенците, информира Борче Величковски, претседател  на Националниот Совет на Македонците во Србија. 

„Можам да кажам дека учебникот е готов. Тоа значи дека би требало секој ден  да влезе во печат. Учебникот ќе го финансира Министерството за образование и наука на Република Србија, а го изготвија неколкумина стручњаци од Република Македонија, пред се‘ од Министерството за образование. На Република Македонија. Јас се надевам дека најдоцна до 1 октомври 2011 овој учебник, како прв од ваков вид во Република Србија, ќе биде издаден. Тоа значи ќе биде државен службен учебник за изучување на македонскиот јазик“, вели Величковски.

Во прилог на ова е и бесплатниот курс за македонски јазик, насловен: „Добредојдовте на македонски јазик“, наменет за сите од 7 до 77 години, кој освен Македонците, веќе шест   години со голем интерес го посетуваат и многу Срби, потенцира Величковски.

Mitko Donev und Lile Trebjesanin

Митко Донев (л.), претседател на Здружението за македонско-српско пријателство „Шар Планина‘‘ од Крушевац

„Оваа година, како што реков, курсот беше извонредно многу баран и посетен и, што е многу интересно, се‘ поголем број припадници на националните малцинства и мнозинскиот народ на Србите се запишуваат на овој курс.“

Здруженијата за македонско-српско пријателство привлечни за сите

Со поддршка на Националниот совет, Македонците во Србија имаат формирано Сојуз на 30  различни невладини организации, меѓу кои мошне активни се здруженијата за македонско-српско пријателство во повеќе градови во Србија, кои во изминатите петнаесетина години организираат се‘ повеќе културни и други манифестации, кои се во прилог на зачувување на македонската култура и идентитет.

Здружението за македонско-српско пријателство „Шар Планина‘‘ од Крушевац е едно од најактивните. Претседателот на ова здружение Митко Данев за Дојче Веле потенцира:

„Насекаде во Србија се познати нашите хуманитарни акции, но и бројни културни манифестации со гостување на македонски друштва и пејачи.“

Лиле Требјешанин, родена Георгиевска, економист во пензија и секретар во ова здружение, со големи емоции вели:

„И тука ми е некако, кога ќе дојдам, полна душата. Инсистирам да зборуваме македонски, да не зборуваме српски меѓу нас. Да пееме, да заиграме, да се смееме, мене ми ја полни душата. И на многумина коишто доаѓаат тука, без разлика дали се Срби или Македонци.“

,

Лиле Требјешанин: Инсистирам да зборуваме македонски, да не зборуваме српски меѓу нас

Македонката Љубинка Јовановиќ, психолог, исто така член на ова здружение потенцира:

„Потеклото е нешто што е многу важно, она што сте по националност. Јас сум Македонка и она што го носам во себе и со време секако тоа чувство на национален идентитет со години е се поголемо и поголемо. И многу сум среќна што во Србија се организирани здруженија македонско-српски. Ние во тие здруженија можеме да го изразиме ннашиот национален  идентитет на еден најдобар можен начин.“

Македонците се „топат“

Борче Величковски  со жалење констатира дека од 45.407 Македонци на пописот во 1991 година, поради разни причини голем дел, дури  43 % помалку, или само 25.874 се изјасниле како Македонци на пописот во 2002-та. Тој потенцира дека нивна обврска како Национален совет е враќање на Македонците во „своите редови“, нешто што веќе го очекува и на претстојниот попис. Националниот совет на Македонците добива се‘ поголем број ингеренции, а  во наредната година ќе се залага, пред се‘, за поголемо учество на Македонците во органите на власта.

„Тоа е делотворното учество во јавниот живот, каде што едноставно Националниот Совет ќе биде прашан и ќе дава свое мислење за поставување на одредени функции во судството, во полицијата, во државната управа. Сето тоа со назнака дека на местата каде што се одлучува е потребно да бидат и припадниците на националните малцинства“, вели Величковски.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска