1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските фирми зависни од солунското пристаниште

Бизнис заедницата од Македонија и Грција се мобилизира. Утре, во ист ден во Скопје и Солун стопански делегации од двете земји ќе разговараат за унапредување на економската соработка.

default

Солун

Триесетина компании од северниот дел на Грција во петок се гости во Стопанската комора на Македонија. Истовремено македонска бизнис делегација предводена од првиот човек на комората Бранко Азески патува во Солун на средба со грчката комора и раководството на солунското пристаниште.

Иницијативата се случува во период кога Грција е во исклучително тешка економска положба и под засилен меѓународен притисок за спроведување на големи реформи што пак предизвикува бран штрајкови и протести во земјата. Бизнис заедницата бара решение со оглед дека постојаните штрајкови пред се’ на грчката железница и царина го отежнува пристапот до Солунското пристаниште кое е од исклучителна важност за македонските компании:

„Мислам дека нас во овој момент ни е потребна трпеливост, ни е потребен разговор. Знаете дека сме правеле многу активности за алтернативните морски пристаништа меѓутоа морам да ви кажам дека неподелено е мислењето дека во овој момент солунското пристаниште нема сериозна алтернатива“, вели Азески.

Модернизација на инфраструктурата

За поефикасен и побрз проток на стоки бизнис заедницата од двете земји, а посебно од Македонија инсистира на модернизација на патната и железничката инфраструктура долж Коридорот 10. Раководството на Солунското пристаниште апелира до властите во Скопје и Атина да ги решат клучните проблеми со железницата и царинските процедури:

Symbolbild Export Kiste Box Wirtschaft

„Мислиме дека двете влади мора да се обидат да ги решат овие проблеми. Да седнат на маса и да најдат решение. Во делот на царината проблемот е во двете граници. Железницата исто така е голем проблем, но се надеваме дека наредната година со либерализацијата во овој сектор што го налага европското законодавство ќе има решение. Постои интерес кај приватниот сектор за оперирање со железницата што е случај и во двете земји, а има можност и за соработка на овој план“, вели Емануел Михалидис, генерален менаџер на солунското пристаниште. 

Колку е значајно солунското пристаниште и за двете страни доволно зборува податокот дека речиси половина од годишниот транспорт на стоките е за потребите на македонските компании. Токму затоа од исклучителна важност се иницијативите за надминување на проблемите во функција на ефикасност на бизнисот, вели за Дојче Веле, Иван Петревски од компанијата „Фершпед“ која со години е единствената македонска компанија присутна на Солунското пристаниште.

Солунското пристаниште нема алтернатива

„Во последните десетина дена имаше 48 часовен штрајк на грчката царина, за денеска има најавен штрајк на грчката железничка управа, така што тие потешкотии се сериозен проблем во нашето работење. За решението на првото прашање секако дека е добредојдена помош на државните органи и токму затоа е за поздравување и посетата на македонската комора во Солунското пристаниште. Додека кај железницата тука ќе дојде до едно доста добро подобрување со оглед на европската законска регулатива и овозможувањето на либерализираниот пристап на железничката инфраструктура од страна на приватен капитал што наредната година треба да се случи и кај двете земји“, вели Петревски.

22.10.2010. made in germany hafen

Најавите за инвестиции за модернизација на пристаништето од 250 милиони евра и попустите кои раководството на пристаништето ги нуди за услугите на македонските компании само го потврдуваат фактот дека солунското пристаниште е главната извозна порта за македонскиот бизнис:

„Ова пристаниште е сеуште без сериозна алтернатива во однос на сите други пристаништа кои се во соседство. Близината и изградената инфраструктура, исто така и Коридорот 10, најновото инвестирање во патната мрежа на делницата Смоквица-Демир Капија со што ќе се комплетира патниот дел од коридорот што пак води кон развој на целиот регион“, вели Петревски.

Инаку до крајот на годинава Грција планира приватизација на уште 23% од солунското пристаниште со што приватниот капитал би изнесувал 49%, а мнозинскиот пакет би останал во грчка државна сопственост.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Борис Георгиевски

Поврзана содржина