1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Македонските стечајци – на улица

Социјалното незадоволство во Македонија расте и се заканува да ескалира во поголеми пролетни предизборни бранувања. По земјоделците, на улица излегоа и стечајните работници. Тие се со над 25 години работен стаж и нерегулиран статус и од владата бараат да ги згрижи до пензија, да им исплаќа по 100 евра помош месечно, или да им најде нова работа.

Доколку не им бидат исполнети барањата, стечајците ќе бараат смена на власта

Доколку не им бидат исполнети барањата, стечајците ќе бараат смена на власта

“Јас сум стечаен работник од 2003 година. Работев во кланицата “Куманово“, која сеуште не е продадена. Ја барам правдата.“

“По улица. Нема каде да одиме, мора тука. Градоначалникот мора под итно да се вклучи кон нашите барања. Тој е прв човек на овој град.“

Ова се дел од искажувањата на стечајците, кои денеска протестираа на улиците. Станува збор за неколку илјади луѓе кои без работа останаа по пропаѓањето на некогашните социјалистички гиганти, кои ја загубија битката со транзицијата. Се лутат, бидејќи во држава како Македонија, што се декларира како социјална, останаа на улица, на возраст на која самите тешко ќе обезбедат друга егзистенција. Тие огорчено велат:

“Гревота е овој народ вака да излегува и на ваков начин да ги бараме основните права. А, од друга страна, трчаат во Брисел и велат – обезбедуваме човекови права. И сами гледате – по 33 години останав за никаде.“

“Или нека ни дадат некој денар за да живееме, или нека ни ги вратат парите што толку години ни ги земаа за пензиско и инвалидско осигурување, па не мора да ни дадат пензија.“

По минатонеделните протести пред локалните самоуправи, стечајците денеска ги блокираа влезовите и излезите на повеќе градови и се заканија дека ако владата и натаму ги игнорира, ќе се соберат на протест пред зградите на владата и собранието во Скопје.

“Ние ќе продолжиме. Ќе бидеме толку истрајни што ќе бараме нивно сменување и нема да дозволиме, не само на оваа, туку и некоја од наредните влади - ако не се решаваат проблемите со стечајните работници ќе бараме да си заминат од власт предвреме.“

Секојдневно ќе се зголемува и времетраењето на протестите. Денешните блокади во 20 градови ширум земјата завршија без инциденти и проблеми со полицијата. Сообраќајот на влезовите и излезите во Штип, Велес, Куманово, Крива Паланка, Свети Николе, Тетово, Неготино и другите поголеми градови, беше блокиран по неколку часови. Протестите ги организира Стечајното здружение, кое ги обедини сите 24 ограноци во Македонија. Организаторите очекуваат во наредните денови да бидат повикани во владата, за да ги прецизираат барањата на оваа, како што велат, најзагрозена категорија граѓани во Македонија.