1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Македонските ракометари убедливи на стартот

Најдобрите македонски ракометари ја совладаа Швајцарија на отворањето на квалификациите за следното европско првенство. Следниот противник е Португалија

Македонската ракометна репрезентација со убедлива победа ги почна квалификациите за Европското првенство што во 2014 година ќе се одржи во Данска. Македонија синоќа во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ја порази Швајцарија со 30:24, триумф за освојување на првите три бодови во групата 1.

Следниот дуел Македонија во квалификациите за ЕП, ќе го одигра в недела на гостински терен против Португалија.

Македонија веќе во 15-тата минута имаше водство од четири голови разлика (7:3) најмногу по заслуга на „пикерот“ Стојанче Стоилов за кого противничката одбрана немаше решение како да го задржи на линијата од шест метри, а на македонскиот гол како одлична замена за суспендираниот Борко Ристовски се покажа Никола Митревски. Предноста од четири голови од 15-тата, во 28-та минута беше удвоена на осум голови (16:8), за на полувреме да се оди со резултат 17:9.

И во почетните минути од вториот дел избраниците на Ѕвонко Шундовски продолжија со максимално залагање. Во 37-та минута Македонија за првпат дојде до двоцифрена предност од 10 голови кога резултатот беше 22:12. Македонците имаа и плус 13, но гостите во последните 15 минути успеаја да ја преполовата нашата предност и да стигнат до минус шест.

Најефикасни кај „црвено – жолтите“ беа Стоилов со шест, Кире Лазаров со пет и Дејан Манасков и Филип Миркуловски со по четири голови. На голот се истакна Митревски со вкупно 15 одбранети удари.

Ова беше трет меѓусебен натпревар на овие две репрезентации во евроквалификации. Швајцарците во 2004 двапати ја совладаа Македонија, на домашен терен со 34:30, а во Кавадарци со 31:24.

Во другиот натпревар од оваа група денеска играат Шпанија – Португалија.