1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Македонските ракометари подготвени за успех во Србија

Македонската машка ракометна репрезентација е максимално подготвена за настапот на Европското првенство кое стартува в недела (15.01) во четири градови во Србија.

default

Селекторот Звонко Шундовски генерално е задоволен од подготовките и формата на играчите пред почетокот на ЕП. Истакна дека повредите се санираат и до вечер се очекува да биде познат конечниот состав на екипата.

„Подготвени сме на физички и тактички план. Имаме уште малку време да организираме некои работи, но генерално сме подготвени за старт“, рече Шундовски на денешната прес-конференција.

Европското првенство за мажи 2012 година е десетти европски шампионат во ракомет. Првенството во Србија ќе се одржи од 15 до 29 јануари во Белград, Вршац, Ниш и Нови Сад.

Македонската репрезентација првата фаза ќе ја игра во Ниш. Првиот натпревар ќе го одигра в недела во 19 часот и 30 минути, против селекцијата на Шведска. Германија и Чешка исто така ќе и‘ бидат противници на македонската ракометна екипа.

Капитенот Кире Лазаров потенцираше оти се добро подготвени и дека имале обемни и квалитетни подготовки. Тој изрази голема благодарност до сите што им помогнале пред заминувањето за Ниш.

„Ние сме добра генерација која со години многу дава и покажува, има квалитет и затоа верувам дека можеме да направиме добар резултат. Очекувањата за ова првенство се поминување во прв круг и да пробаме да фатиме континуитет. Се надевам нема да ја повториме грешката од Светското првенство во 2009 година и што и да се случи во Србија не смееме да дозволиме наредните години да чекаме повторно да бидеме учесници на големо натпреварување, рече Лазаров.

Поддршка од навивачите

Според капитенот, реално, македонската репрезентација е најслабо рангираната, односно 16-та пред почетокот на првенството и обложувалниците немаат голема доверба во екипата.

Mazedonien Handball Kiril Lazarov

Кире Лазаров

„Не сакам да се занимавам со тоа. Најважно од се‘ е дека имаме систем на игра, веруваме едни во други и во она што го работиме. Функционираме како добар тим и не‘ очекуваат големи искушенија. Не треба да се замараме со споредни работи и треба да веруваме во себе, потенцираше Лазаров.

Пред заминувањето во Ниш, на македонските ракометари денеска им беше предадено големо платно кое во текот на денот беше поставено на улица „Македонија“. На него граѓаните ги оставаа своите пораки за среќа, успех и поддршка на Европското првенство.

Ракометарите во Ниш ја очекуваат македонската публика во огромен број и максимална поддршка од трибините. Според најавите, се очекуваат повеќе од 4.000 македонски навивачи.