1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските партии заедно во Струга и Кичево, албанските во Битола

Управниот суд одлучи: ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе одат со заеднички кандидатски листи во Кичево и Струга. Вечерва во Битола ќе биде промовирана заедничката кандидатска листа на ДУИ, ДПА и НДП за оваа општина.

Управниот суд во Скопје вчера (09.03) донесе одлука дека двете ривалски партии од македонскиот блок,  ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ, смеат да настапат со заеднички листи во општините Кичево и Струга (општинската зграда на сликата горе).

„Листата на кандидати за избор на советници во Совет на Општина Кичево, поднесена од Социјалдемократски сојуз на Македонија и други политички партии наведени во договорот за коалицирање до Општинската Изборна Комисија се потврдува, од причина што е констатирано повлекување на поднесената листа на кандидати за членови на Советот на Општина Кичево, поднесена од Овластен подносител на листа на кандидати од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и е поништено Решението на Општинската Изборна Комисија Кичево со одлуката на Државната Изборна Комисија" се вели во образложението на одлуката на Судот.

Управниот суд одлучуваше по жалба на СДСМ, откако општинските изборни комисии во Струга и Кичево ги отфрлија заедничките кандидатски листи на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по одлуката двете партии заеднички да настапат на локалните избори во Струга и Кичево.

Заеднички настап на локалните избори во Битола договорија и општинските ограноци на Демократска унија за интеграција (ДУИ), Нова демократија (НД) и Национална демократска преродба (НДП). На локалните избори трите ривалски партии од албанскиот блок ќе настапат со единствена листа и заеднички кандидати за членови на Советот на општина Битола. Промоцијата на кандидатите и на носителот на листата, Африм Јусуфи, ќе биде одржана вечерва во големата сала на НУ Центар за култура-Битола, на која ќе присисутвуваат и претставници на централните раководства на трите партии на Албанците.