1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските овоштари незаинтересирани за германскиот пазар

Меѓу 2.537 излагачи од 84 земји на годинашниот саем за овошје и зеленчук во Берлин се претставува само една македонска фирма „Екстра фунги“ од Кочани

На западот ништо ново, а на југот - стари приказни... Само вака и никако поинаку може да се опише незаинтересираноста на Македонија за нови бизниси во земјоделството. На јануарската најголема светска изложба за производството на храна „Зелената недела“ Македонија немаше свој штанд со оправдување дека, како комерцијален саем, не е интересен за бизнисот на нашите производители. На актуелниот Фрут-Логистика, пак, каде излагаат производители на зеленчук и овошје од сите континенти и каде вистински се склучуваат зделки, Македонија ја претставува една единствена фирма „Екстра фунги“ од Кочани! Навистина ли им оди толку добро на македонските производители па немаат интерес за новите пазари?

Неорганизирани и незаинтересирани!

Fruit Logistica 2012

Пазарите се освојуваат на саемите! Методија Стојановски


„Имаме сериозен проблем со тоа што ние сметаме дека некој друг треба да ни ги плати настапите на саемот и дека не умееме да се здружиме, заедно да ги поделиме трошоците и да бидеме присутни, зашто бизнисите овде се случуваат. Никој нема да дојде кај нас во Македонија да ни го отвори бизнисот. Тие што ќе дојдат, во Македонија, ќе дојдат да не искористат, на еден или друг начин “, вели за Дојче веле Методија Стојановски кој како консултант во Берлин ја застапува „Екстра фунги“ од Кочани. Оваа фирма во Берлин има штанд што заедно со уште неколку други држави го организираше СИППО - Швајцарската програма за промоција и извоз. Стојановски вели дека никому ништо не паѓа од небо и за пазарите производителите сами треба да се изборат, дополнувајќи дека пазарите се освојуваат на саемите, преку посетите и контактите. На саемот треба да се научи што бара пазарот - за да може производителот да се прилагоди, да се направат вистинските контакти. Неговата генерална критика е дека македонските бизнисмени поради многу причини се навикнати некој друг да им ги решава базично проблемите.

Шанса се дињите!

“Имаме добри можности за произвидство во Македонија, меѓутоа не сме организирани и не сме доволно смели!“, констатира Стојановски според кого дињата и лубеницата имаат вистинска шанса на европскиот пазар. Тоа го овозможува климата и ваквата компаративна предност мора да се искористи.
Сашко Антовски, сопственик на „Екстра Фунги“, дополнува дека Македонија има големо производство на дињи, но има шаренило во сортите и големините.

Fruit Logistica 2012

Печурките од Кочани на германскиот пазар. Сашко Антовски од „Екстра Фунги“

Германскиот пазар бара големина од килограм до килограм и половина и на ваква тежина производителите треба да се ориентираат, зашто не е добро се’ што е големо! Но, горливи проблеми кои со години се познати и се повторуваат се обезбедување количествата кои ги бараат пазарите и постигнувањето на европските стандарди.
„Сега сме во тек на воведување на тие стандарди, но друг проблем е што Германија е голема земја која бара и големи колични, а Македонија нема толкаво производство какво што му е потребно на пазарот“, констатира Сашко Антовски, чија фирма пласира печурки и шумски плодови, а прави и први чекори со овошје на германскиот пазар преку посредниците Никлас, Штал, Валкхале, и други.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Борис Георгиевски