1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските лидери да покажат подготвеност на компромис

Европратениците не го кријат разочарувањето што Советот на Европската унија повторно не ја следеше препораката која ја дадоа тие со огромно мнозинство на гласови, исто како и препораката на Европската комисија.

На прашањето што треба да се направи за Македонија да може да започне преговори за членство во Европската унија, од групата на европратеници- искрени пријатели и поддржувачи на Македонија во Европскиот парламент, за ДВ се согласи да зборува Едуард Кукан, европратеник од Словачка и известувач во сенка за Македонија.

„Лидерите на Македонија потребно е да продолжат да го работат она што го работеа досега, бидејќи важно е извештаите за напредокот да бидат и понатаму позитивни. Последната резолуција и извештајот на ЕП, исто како и на Комисијата, беа позитивни и препорачаа почеток на преговори најбрзо што е можно. Но за жал, во институцијата која ги носи одлуките, во Советот на ЕУ, не постои согласност за тоа. Ние официјално не знаеме поради која држава и зошто не постои согласност и тие само одлучија да расправаат за тоа шест месеци подоцна.“

Ова според Кукан е многу „лошо и неправилно“, бидејќи прашање е што друго повеќе може да направи Македонија.

Да се продолжи со реформите

„Реформите продолжуваат, се разбира дека има уште многу да се направи за продолжувањето на реформите, но во основа Македонија докажа дека земјата е подготвена да започне со преговори,“ вели Кукан.

Известувачот во сенка во ЕП изразува разбирање за многу тешката позиција на македонските политички лидери и ја почитува нивната работа, бидејќи во таква ситуација да се задржи поддршката на населението за евроинтеграцијата е многу тешко.

„Јас разбирам, дека граѓаните на Македонија можат да бидат малку разочарани од Европската унија со оглед на нејзиниот однос кон нивната земја“.

Притоа Кукан како единствено решение и совет кој може да им го даде на политичките лидери од земјата е да продолжат со реформите.

„Да продолжат со проевропскиот развој, да продолжат со прилагодување на законите со европските закони и да најдат решение за името на земјата. Но за решение се потребни двајца“.

Eduard Kukan

Едуард Кукан бара трпеливост за прием во ЕУ

Време е за компромис

Словачкиот европратеник смета дека македонските лидери треба да ги убедат земјите членки на ЕУ и да им покажат дека тие навистина се подготвени на компромис.

„Македонските лидери потребно е да не‘ убедат нас дека тие се подготвени за компромис. Тоа е многу, многу важно, бидејќи нашите грчки колеги тврдат дека тие се подготвени за компромис, но Македонија не е подготвена. Тоа јас постојано го повторувам, бидејќи ситуацијата е таква каква што е и затоа е многу важно лидерите на Македонија да бидат подготвени на компромис. Тука нема ниту едно друго решение“.

Едуард Кукан понатаму вели дека добро знае дека прашањето за името е чувствително прашање. „Но, политика без компромиси не постои. Компромисите можат да бидат во согласност со националните интереси на земјата. Бидејќи ако се реши прашањето со името, според мене, се‘ ќе започне да се движи многу побрзо“.

Во оваа насока одеше и размислувањето на Европскиот комесар за проширување, Штефан Филе кој „инспириран“ од лапсусот кога ја нарече Македонија „Поранешна Југословенска Република Југославија“ веднаш пред европратениците беше категоричен:

„Мислам дека е време да направиме нешто во врска со прашањето за името. Време е за тоа, време е за тоа“, рече Филе.

Тој се надева на напредок на Македонија на патот кон ЕУ. Комисијата е подготвена за тоа и да ги повтори препораките, но во согласност со она што Комисијата на крајот од минатата година го побара, односно решавање на проблемот со името во почетната фаза на преговорите и со јасни гаранции за тоа. Се разбира, се бара и напредување во преговорите околу решавањето на проблемот со името според предлогот на Нимиц, за што двете страни треба да покажат одлучност.

На крајот, европратеникот од редовите на Народните партии, Едуард Кукан, советува трпеливост, бидејќи членството во ЕУ е во интерес на сите граѓани. Така на пример, граѓаните на Хрватска по приемот во ЕУ ќе ја видат користа од тоа членство, а тоа треба да ги инспирира другите - патот кон ЕУ е тежок но тоа е исплатлива инвестиција.