1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските кошаркари оптимисти пред Евробаскетот

Почнува Евробаскетот во Литванија. Македонија вторпат по ред се пласира на европското првенство во кошарка. На последното во Полска пред две години заврши на деветото место.

default

Македонскиот кошаркарски тим се надева дека ќе мине во втората фаза на Евробаскетот

Македонскиот кошаркарски тим го игра првиот натпревар против Црна Гора денеска (31.08.) во 15 часот и 30 минути. Тоа воедно е и првиот натпревар што се игра во Ц-групата, во која освен Македонија и Црна Гора се наоѓаат и Грција, Босна и Херцеговина, Хрватска и Финска.  Првите три екипи од секоја од четирите групи ќе одат понатаму.

Македонските кошаркари се надеваат дека ќе поминат во втората фаза. Кошаркарот Предраг Самарџиски за Дојче веле оценува дека со малку среќа е можен подобар пласман од тој во Полска пред две години, кога репрезентацијата заврши на деветото место.

Predrag Samardziski

Кошаркарот Предраг Самарџиски оценува дека најголеми шанси за првите две места во групата имаат Хрватска и Грција

„Некако реално, мислам дека на прво место ќе бидат или Хрватска или Грција. Значи, тие екипи би биле први две. Помеѓу нас и Црна Гора го гледам третиот патник. Сега, со малку среќа, можеби и ние ќе бидеме на второ место, затоа што знаеме дека можеме да играме против екипата на Хрватска, иако тие можеби се голем фаворит, но некако ни одговараат како екипа. Ете, да кажеме: Грција, Хрватска, ние, а она што јас сакам да биде: Грција, ние, па Хрватска, затоа што како втор имаш подобра шанса за пласман во вториот круг за понатаму“, вели Самарџиски.

Пред две години македонскиот тим беше исто така во група со Грција и Хрватска, но македонските кошаркари тогаш ги загубија двата натпревара.

Претставуваат мала земја со голема желба за добар резултат

Vojdan Stojanovski

Кошаркарот Војдан Стојановски типува дека Македонија ќе биде на врвот на табелата во Ц-групата

Прашан „за кого би типувал дека ќе биде на врвот на табелата“, кошаркарот Војдан Стојановски одговара:

 „За нас – дека ние ќе бидеме на врвот на табелата. Моите предвидувања се дека ќе одиме во вториот круг. Во вториот круг имаме доста тешка група, добри репрезентации, но мислам дека ќе поминеме“.

Селекторот Марин Докузовски вели дека кошаркарите претставуваат мала земја со голема желба за добар резултат. Тој додава дека кошаркарите се амбасадори на земјата и ќе се трудат да ја претстават најдобро што можат. Најавува изненадување за тие што сметаат дека Македонија нема шанси на првенството.

Marin Dokuzovski

Селекторот Марин Докузовски вели дека тимот е подготвен да ги изненади оние што го сметаат за аутсајдер

„Поважно за нас е што вторпат сме во елитата на европската кошарка, што не е мала работа. И, иако сите не потценуваат и сметаат дека сме аутсајдери на ова првенство, сепак сметам дека сме спремни да изненадиме некого, да дадеме се од себе. Значи, на секој натпревар ќе влеземе максимално мотивирани и за мене е најважно љубителите на кошарката и играчите да бидат задоволни од нашето претставување“, изјави за Дојче веле Докузовски.

Македонскиот тим од денеска до петти септември секој ден ќе игра натпревари против останатите конкуренти од групата, по што ќе се знае дали ќе се најде меѓу тимовите што ќе одат во следната фаза.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Трајче Тосев