1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските дијалекти најзагрозени во Бугарија

Дијалектите се богатство на еден јазик. Науката за дијалектите во Македонија го губи се’ повеќе здивот, а земјата се соочува со опасност засекогаш да загуби дел од тоа свое духовно наследство за следните генерации.

default

Ако е точно дека низ дијалектите се открива душата на еден народ, тогаш за македонскиот народ може да се каже дека има широка, пространа душа, но на некои нејзини делови им се заканува опасноста да замрат: дел од дијалектите на македонскиот јазик да исчезнат. За што се работи?, го праша Дојче веле Гоце Цветановски, главниот истражувач за македонските наречја во соседните држави во тимот што работи врз капиталниот „Македонски дијалектен атлас“.


Најзагрозени македонските говори во Пиринскиот дел на денешна Бугарија

Тој вели: „ Загрозеноста на македонските дијалекти се чувствува, пред се, во Пиринскиот дел на денешна Република Бугарија. Сосема е разбирливо влијанието на стандардниот бугарски јазик и исчезнувањето на локалните дијалекти. Македонската дијалектологија треба да интервенира час поскоро, со цел да го ’конзервира“ богатството на македонските дијалекти надвор од границите на Македонија.“

Bitola Sirok Sokak, Mazedonien

Статус културно наследство од исклучително значење има и прилепско- битолскиот говор

Во април годинава беше објавен првиот, воведен том на тој атлас, со кој дел од македонските наречја добиваат статус на заштитено духовно културно наследство. Статусот на културно наследство од исклучително значење го добија: скопско-црногорските, кичевско-поречките, малореканските, штипско-струмичките, прилепско-битолските, охридско-преспанските, скопско-велешките, малешевско-пиринските и кривопаланечките македонски говори.

Целта е да се внесе македонскиот јазик во системот на заштита на духовното културно наследство, согласно со Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, прифатено од УНЕСКО во Париз во 2003 година. Во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ за поодделните говори биле изработени 20 елаборати. Секој од нив опфатил одделна група македонски говори според поделбата посочена во постојната „Национална класификација“, заснована врз дијалектната диференцијација на македонскиот јазик, која ја востановил во своите трудови академик Божидар Видоески. Елаборатите се подготвувани во 2007 и 2008 година и се предадени во Одделот за заштита на културното наследство на Министерството за култура.

Заштитени како духовно наследство од исклучително наследство само половина од сите македонски дијалекти!

Врз основа на сето сработено заклучно со 2008 година, на 22 април 2010 година беше публикуван првиот том на „Македонскиот дијалектен атлас“: со доцнење од две години! Меѓутоа, во Институтот за македонски јазик од Скопје велат дека по првиот том, кој e воведен, ќе следат три до четири томови од лексички карактер и посебни томови од фонологија и фонетика, морфологија и од синтакса. Со тоа што за подготовка и печат на секој нареден том ќе бидат потребни околу три години, во услови на недоволни финансиски средства и мала кадровска екипираност.

Во Институтот за македонски јазик потврдуваат дека досега се заштитени само половина од главните дијалекти на македонскиот јазик, кои ги има вкупно 27, покрај нивните диференцирани варијанти. Поконкретно, досега како духовно културно наследство се заштитени само оние говори, кои се истражени и документирани досега низ теренските активности на 250 од вкупно 370 „јазично-дијалектни пунктови“ во Македонија и соседните држави.

Реномираниот дијалектолог Стојка Бојковска од државниот Филолошки факулет „Блаже Конески“ во Скопје, коментира: „Замислете, недостасуваат уште 100 пунктови, кои треба да се обработат. Ние не можеме да правиме сега некои истражувања за современиот јазик, ако една третина од народно-јазичната, од дијалектната база ни ја нема !“

Директно предупредувајќи на опасноста некои од македонските дијалекти да се загубат неповратно, без да бидат регистрирани и проучени од науката, професорката Бојковска конкретизира во врска со причините за ваквата состојба: „Веќе 20 години ние немаме научен подмладок за да можеме да обучуваме кадри и тие да почнат да работат на терен. Без пари и без кадри не може да се истражуваат говорите. Ако не сте на терен, дијалектот не може да биде истражен , ниту опишан. Апсолутно е сигурно дека дел од македонските говори можат и да се загубат, ако не бидат истражени. Вие не можете да реконструирате еден дијалект.“

Институтот за македонски јазик со години без научен подмладок и без нови истражувачи-дијалектолози

Познатиот лингвист и дијалектолог Васил Дрвошанов од Педагошкиот факултет во Скопје посочува: „Во овој момент на проектот ’Македонски дијалектен атлас’ се ангажирани петмина постојано вработени научни советници, кои се сите доктори на науки. Но, нема никаков подмладок. Ако постојат пет доктори на науки, тогаш треба да има барем десет магистри по дијалектологија, затоа што таквите кадри треба постојано да го шират кругот на научните проучувања.“

Гоце Цветановски, кој во 2007 година ја одбрани својата докторска дисертација за говорот на Македонците во Мала Преспа, во Албанија – за првпат воопшто досега научно елабориран, се надоврзува: „Не можам да ви одговорам на прашањето дали докрај Институтот за македонски јазик ќе издржи во трката со времето од едноставна причина што мислам дека веќе сме задоцниле малку на определени подрачја.“

Меѓутоа, со финансиски проблеми и недоволна грижа од страна на државата и нејзините надлежни институции се соочуваат не само дијалектологијата, туку и редица други области на македонистиката. Маја Јакимовска-Тошиќ, професорка по средновековна македонска литература во Институтот за македонска литература во Скопје, заклучува: „За истражувања на резултатите од проектите потребни се повеќе пари и поредовно финансирање. Особено, потребни се истражувања во странските библиотеки. Верувајте: голем дел од материјалите на Република Македонија се наоѓаат таму, што значи дека е потребно да се отиде во тие библиотеки, за да се добијат тие документи.

Panoramabild von Ohrid

Охридско-преспанскиот говор е еден од оние со статус културно наследство од исклучително значење

Таа дополнува: „Имаме голем број добри и осмислени проекти, но, тие остануваат само на ниво на идеја, бидејќи нема доволно, или нема воопшто финансиски средства за нивна реализација. Значи, потребен е јасен критериум за приоритетите, потребна е организација во стратегијата за приоритетите во финансирањето проекти со исклучително значење за националната самобитност на Македонија и македонскиот јазик“

Истражувањата на македонските дијалекти – потврда за постоењето и индивидуалноста на македонскиот јазик

Истражувањата на македонските дијалекти, кои се вршат уште од многу одамна, се најдиректно побивање на сите обиди на Република Грција за претставување на македонскиот јазик како непостоен, или измислен. Како што наведува Марјан Марковиќ, професор по дијалектологија на Државниот Филолошки факултет во Скопје во својот научен труд „Развојот на македонската дијалектологија и нејзините претставници“, во оваа насока „посебно се истакнуваат трудовите на рускиот научник и професор Афанасиј Матвеевич Селишчев, кој уште во 1914 година престојувал во Македонија и вршел повеќе истражувања“. Веќе во 1918 година Селишчев во Казањ, во Русија ја објавил својата докторска дисертација „Белешки од македонската дијалектологија“, во која дава преглед на дијалектните карактеристики на целата македонска јазична територија. Тој потоа објавувал и околу 20 други трудови сврзани со македонските говори.

Во периодот меѓу двете светски војни најмногу се истакнуваат трудовите на француските слависти Андре Мазон и Андре Вајан. Вајан се занимаваше со проучувањето на јужномакедонските говори. Значењето на Мазон е, исто така, огромно, бидејќи тој по Облак и Селишчев има најголеми заслуги за претставувањето на македонските дијалекти на европската славистичка и воопшто научна и интелектуална јавност. Мазон вршел истражувања и теренска работа и истражувања врз југозападните македонски дијалекти. Неговата обемна книга за говорите во Корчанско, Албанија, поточно за говорот на селата Бобоштица и Дреновени, како што вели професорот Марјановиќ, „дава извонредно богат материјал за оние говори во кои се зачувани најстарите карактеристики на македонскиот јазик“.

Во периодот меѓу двете светски војни со проучување на македонските дијалекти се занимавал и полскиот славист Мјечислав Малецки, кој предавал словенска филологија на Јагелонскиот универзитет во Краков, во Полска. Малецки ја продолжил работата на Јагич и Облак врз јужните македонски говори, поточно говорите на солунските села Сухо и Висока, кои ги истражувал повеќе години. Овој знаменит полски славист со своите студии уште еднаш маркантно ја поткрепил тезата дека македонскиот јазик претставува посебна индивидуалност во јужнословенската јазична група.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Симе Недевски