1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските деца се’ подебели

Секое трето дете во Македонија има проблем со прекумерна тежина. Македонија полека но сигурно станува земја на дебели луѓе. На што се должат ваквите трендови и што преземаат надлежните?

default

Марко, детето на соседот има само 8 години, а веќе тежи 60 килограми. Неговите родители не се загрижени за прекумерната тежина на второоделенецот. Напротив, со гордост раскажуваат дека Марко појадува четвртина бурек со сирење и половина литар јогурт. Овој пример само го надополнува се’ повисокиот процент на деца со прекумерна тежина.

Дебелината е здравствен не само естетски проблем

Македонија постепено станува земја на дебели луѓе, а од ваквиот тренд не се поштедени ниту најмалите. Напротив дебелината е особено алармантна кај младата популација, и тоа кај децата од предучилишна возраст и адолесцентите,

Dicke Kinder bei McDonald's Schnellrestaurant Übergewicht

вели прим. д-р Златанка Димитровска од Републичкиот завод за здравствена заштита.

„Оваа состојба на здебеленост како едно комплексно мултифункционално нарушување е една од битните причини за нарушено здравје и претставува зголемен ризик од прерана смрт во повозрасниот период. Бидејќи навиките во исхраната и стилот на живеење се создаваат во раната детска возраст треба да се внимава да не се направат пореметувања кои ќе се рефлектираат во текот на целиот живот“, изјави д-р Димитровска за Дојче веле.

80 проценти од адолесцентите имаат проблем со тежината

Речиси една третина од децата од предучилишна возраст, односно 32,6 отсто, имаат прекумерна телесна тежина, покажуваат истражувањата на Институтот за јавно здравје на Република Македонија. Според споменатата студија, околу 28,2 отсто од второодделенците го имаат истиот проблем. Се смета дека 20 до 40 отсто од децата, како и 80 проценти од адолесцентите целиот живот ќе бидат соочени со проблемот со прекумерна телесна тежина.

Децата се здебелуваат зашто уште од мали нозе се учат да седат пред телевизор или пред компјутер и да грицкаат соленки и чипсови, објаснуваат лекарите. Порачуваат со превентива против дебелината, која е се’ поголем здравствен и општествен проблем, да се почне во семејството. Наместо готова брза храна да се јаде свежо или дома готвено јадење. Наместо слатки да се ужина јаболко, препорачува нутриционистот Цвета Динева.

Пореметен биоритам и нездрава исхрана

Hausgemachter Kirschplotzer Kuchen

Слатките честопати во менито на децата

„Се’ повеќе се користи концентрирана индустриски преработена храна, се’ она што не е природна храна. Наместо овошје на децата им се даваат колачи, сладоледи, торти, храна со адитиви и прости шеќери кои го атакуваат здравјето на детето, а секако ја зголемуваат и телесната тежина“, објаснува Динева за ДВ.

Дебелината кај децата во Македонија е трипати зголемена во последните 30 години. Тоа се должи на преголемото внесување калории во споредба со нивното трошење. Меѓу клучните причини за зголемената телесна тежина се лошите навики за исхрана и слабата физичка активност на децата.

Истражувањата покажуваат дека дебелите деца се со трипати поголем ризик да имаат проблеми со холестеролот, покачен крвен притисок и да заболат од дијабет.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска