1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Македонските ватерполисти во битка за Олимпијадата

Двата први големи настани за македонскиот спорт во 2012-та ќе се одигруваат истовремено. Во следниот викенд ќе стартуваат европските првенства во ракомет во Србија и во ватерполо во Холандија.

default

Двете селекции во моментов, надвор од Македонија ги прават завршните подготовки. Ватерполистите, го одиграа турнирот во Турција. За деновите пред патот во Холандија разговаравме со директорот на репрезентацијата Владимир Димовски.

„Во Истанбул одигравме три тест натпревари.Учествуваа Македонија, Турција, Романија и Холандија. Првиот меч против Турција го добивме со 11:6. Вториот, против Холандија беше малку потежок, но победивме со 11:10. Од големиот фаворит и исто така учесник на Европското првенство, Романија, загубивме со 10:6.“

Mazedonien Skopje Schwimmbad Vlatko Dimovski

Владимир Димовски

Завршните подготовки во Белград

До патот во Холандија, Македонскиот тим ќе претстојува во Белград. Ќе спарингува со силниот српски прволигаш Црвена Звезда. Имаше ли репрезентацијата добри услови за подготовки? Димовски смета дека ватерполо федерацијата вложила голем напор.

„Очекуваме во Белград да се испеглаат последните недостатоци во екипата. Македонската ватерполо федерација направи максимални напори, се да биде в ред. Тука беше и прекрасниот дуел против Хрватска во Скопје од светската лига. Екипата е подготвена. Мал проблем се повредите на Летица, кој не патуваше во Турција, а таму се повреди и капитенот Петровиќ. Има 6 копчиња на аркадата. Но, се надевам дека до Европското првенство се ќе биде в ред и со него.“

Капацитет за 6-то место на ЕП, желба пат на ОИ

Каде и е местото на македонската репрезентација на Европското првенство? Според Димовски,најмалку на 8-то место, но реалност треба да е и 6-то место, што обезбедува континуитет за учество на големите ватерполо манифестации.

„Според согледувањата на стручниот штаб и на самите играчи, веруваме дека од Турција и од Холандија сме подобри и дека тие натпревари ќе ги добиеме. Со уште една победа во групата би биле 3-ти, а со тоа ќе бидеме минимум на 6-то место на Европското првенство. Тоа директно не води на наредното светско и европско првенство. Ако победиме само во уште еден натпревар, обезбедуваме учество на Олимписките игри.“

Mazedonien Wasserball Nationalteam

Дали со македонската ватерполо репрезентација, чија окосница, не е тајна, ја сочинуваат натурализирани Македонци, се развива и базата на овој спорт? Димовски укажува на проблемите, на тоа дека играњето ватерполо во Македонија е премногу скапо.

„Со оглед на тоа дека во Скопје имаме огромни проблеми со базените, не можеме во континуитет преку цела година да имаме користење на базените, со оглед на високите цени и на ватерполистите и на пливачите за користење на базените, ние од година на година губиме на квантитет. Со тоа автоматски губиме и на квалитет. Затоа, апелираме до државата, до општините, до институциите на системот, ако може да ни помогнат да имаме континуирано користење на базените и прилагодување на цените низ разни субвенции од државата, како би можеле да привлечеме што поголем број на спортисти“, вели Владимир Димовски директор на ватерполо репрезентацијата на Македонија.

Автор: Златко Калински

Редактор: Борис Георгиевски