1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските бањи пркнуваат

Четири од петте бањски комплекси во Македонија се приватизирани и реновирани. Бањскиот туризам би можел да биде значаен за земјата, но повеќето комплекси се` уште ја плаќаат цената од транзицијата.

default

Реконструиран едниот од базените во Катланово

Во Македонија функционираат пет бањски комплекси: Катлановска Бања кај Скопје; Негорска кај Гевгелија; Бања Банско кај Струмица; Дебарска Бања кај Дебар и Бањата Кежовица кај Штип. Во изминатите пет-шест години четири од нив се приватизирани, освен бањата Кежовица. Со приватизацијата, сите четири бањски комплески се реновирани и условите во многу се подобрени, велат управителите на овие бањи во Македонија. Во Катлановска Бања, освен реновирањето, зголемени се и сместувачките капацитети од 180 на 280 легла, појаснува д-р Мишо Михајловски, еден од двајцата управители на Катлановска Бања, „Направена е комплетна реконструкција на едниот базен и се воведени нови содржини, особено во сместувачкиот, терапевтскиот и спа-комплексот“.

Katlanovo Bad in Mazedonien

Условите се подобрени, велат и самите пациенти

За разлика од приватизираните бањи, условите за престој и лекување во државната бања Кежовица кај Штип се значително полоши. Но, поради лековитата вода слична на онаа во Карлови Вари, бањата и сега е преполна со пациенти, кои тука бараат спас за своите болки.

Дека условите во македонските бање се подобрени говорат и самите пациенти. Снежана Анѓелковска и Олгица Масевска се на лекување во Катлановска Бања. „Имам дојдено во Катланово уште горе во Пензионерскиот дом, а овде првпат уште пред пет-шест години, кога се` уште не беше направен новиот базен. Во стариот базен условите беа полоши, а сега се многу подобрени. Во Бања Банско е најсредено, најчисто, во штипската бања Кежовица условите за престој се многу лоши, а сега и во Катлановска бања со реновирањето условите за престој и лекување се одлични“, велат пациентките.

Цените варираат од 200 денари до 40 евра

Фондот за здраствено осигурување засега има склучено договори за продолжено болничко лекување во Катлановска, Дебарска и бањата Кежовица, а во преговори е и со сопствениците на останатите две бањи. Колку плаќаат за продолжено болничко лекување осигурениците кои добиле решение преку Фондот, објаснува портпаролот Бранко Аџигогов. „Осигурениците кои добиваат решение од Фондот за здраство за продолжено болничко лекување, плаќаат 200 денари болничка рехабилитација дневно. Доколку сакаат да користат некои од дополнителните услови, тогаш плаќаат според тарифникот на бањата“.

Освен преку Фондот, во сите бањи пациентите можат и приватно да се сместат, за што цените се различни. Во Дебарска бања сместувањето за еден ден е од 25 до 40 евра на ден во зависност од условите, а во Кежовица по 340 денари.

Македонија би можела да профитира од бањскиот туризам

Schweizer Kurbad in Vals von Architekt Peter Zumthor

Можат ли македонските да им конкурираат на бањите како оваа во Швајцарија?

Со приватизацијата повеќе од двојно е зголемен престојот на пациенти и гости во сите македонски бањи. Во Дебарска бања од 35 илјади во 2004 година, бројката е повеќе од двојно зголемена, потенцира Меџит Цапа, еден од двајцата сопственици на бањата.

Тој вели и дека 60% од посетителите на бањата се од странство, од соседните земји како Албанија, Косово, Србија, но и од Швајцараија, Шведска и Италија. Во Катлановска бања странските гости не се во голем број, но тие се многу значајни за развојот на бањскиот туризам во земјата, кој според управителот д-р Мишо Китановски, е во зародиш. „Се надевам дека со организиран пристап во наредниот период, со помош на државата, здраствениот бањски туризам ќе стане позначаен и заземе место во економската сфера на Република Македонија‘‘, вели Китановски.

Министерството за економија е подготвено да помогне, вели портпаролката Селвете Барути. Управителите на бањите треба да му се обратат на министерството преку своето здружение, нагласува Барути, по што владата би можела да им додели финансиска помош.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Трајче Тосев