1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Македонските автори ретки на Берлиналето

Во програмата на 53-тото издание на Берлиналето има пет филмови од регионот, главно копродукции меѓу кои свој потпис годинава нема Македонија, која е присутна само на маркетот со „Трето полувреме“ на Дарко Митревски.

По минатогодишниот настап на Македонија на Берлиналето, годинава на црвениот килим, барем кога се во прашање македонските автори - владее затишје! Единствен претставник е „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, кој ќе биде прикажан во рамките на Европскиот филмски маркет. Со тоа се потврдува дека филмовите се скапа работа, па очигледно за мала земја како Македонија е добро доколку има некаков ритам на претставување на Берлиналето во кој се калкулира пауза од само една година. Ова не е шпекулација, туку аргумент од досегашните настапи на земјата на Фестивалот во последниве осум години. На Берлиналето Македонија ја имало во 2006 (Марија Џиџева и Дарија Антовска), во 2008 ( Теона Митевска), 2011 ( Милчо Манчевски), 2012 ( Теона Митевска, Марија Апческа).

Отсуството на континуитет на Берлиналето, меѓутоа, не е карактеристика само на Македонија. На истиот вирус не се имуни ниту кинематографиите на земјите од регионот, па доколку се погледне со што и тие се претставувале во последниве осум години,

Bosnien Filmemacher Regisseur Danis Tanovic

Данис Тановиќ атакува на Златната мечка.

Македонија и не стои така лошо. Лани фестивалската берлинска публика виде три остварувања со потпис на Македонија и еден филм беше наменет само за маркетот. Од нив три беа копродукции: „Жената која ги избриша своите солзи“ на Теона Митевска (македонско-германско-словенечко-белгиска), „Парада“ на Срѓан Драгојевиќ (српско-македонско-хрватско-словенечка), „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски (македонско-словенечка копродукција, презентирана на Маркетот). Единствено краткиот филм „Бардо“ на Марија Апческа беше чисто „домашна“ изработка.Да потсетиме дека и остварувањето на Митевска прикажано во рамките на Панорамата во 2008 („Јас сум од Титов Велес“ ) беше македонско-франсцуско-словенечко-белгиска копродукција.

Шанса за копродукциите

Дека копродукциите се најголемата шанса за филмаџиите од регионот потврдува она што е сработено во последнава деценија и конкретно трите играни филма кои се на годинашната програма на Берлиналето. „Епизодата од животот на собирачите на железо“ на режисерот Данис Тановиќ е финансиран од сараевската Фондација за кинематографија во копродукција со Франција и Словенија. Во „Форумот“ се и српско-германската копродукција „Кругови“ на Срѓан Голубовиќ и хрватско-босанскиот проект „Обрана и заштита“ на Бобо Јелчиќ. Инаку во категоријата краткометражни филмови на Берлиналето се вклучени „Ја када сам била клинка, била сам клинац“ на Ивана Тодоровиќ и анимираниот „Рабитленд“ на Ана Недељковичќ и Никола Мајдек, кои се финансирани од српски извори.

Реалноста од регионот

кога се во прашање темите, авторите од регионот на фестивалската публика годинава и пренесуваат дел од реалноста со која живее Балканот. Сите пет филма ја транспортираат пораката за животот, за предизвиците, за военото минато кое се рефлектира во сегашното живеење на Балканот.
„Епизода во животот на собирачите на железо“ е

Deutschland Berlinale 2013 Wettbewerb Filmszene Epizoda u zivotu beraca zeljeza

Ромското семејство пренесува епизода од својот реален живот!

последното остварување на босанскиот режисер Данис Тановиќ, (добитник на Оскарот, Златната палма и Златниот глобус од 2001 за „Ничија земја“). Филмот е во главната конкуренција и ја пренесува вистинската приказна за отуѓеноста и дискриминацијата во современото општество на Босна и Херцеговина. Тоа е сторија за Назиф, собирачот на старо железо, неговата жена Сенада која се грижи за двете ќерки и домот и нехуманоста на лекарот кој констатира дека нероденото бебе во утробата на Сенада е мртво, но и покрај смртната опасност одбива да ја оперира зашто Сенада не е здравствено осигурана. Актерите не се професионалци. Тоа се Роми кои пренесуваат епизода од својот реален живот со што филмот носи голема автентичност и социјален реализам. Едновремено ја демонстрира и невидената смелост на ромското семејство и решеноста за опстанок.

Рефлексии од војната

„Кругови“ на Срѓан Голубовиќ и „Обрана и заштита“ на Бобо Јелчиќ, секој на свој начин ја преработуваат поблиската историја: последиците од војната во Босна. Во „Кругови“ дејството се одвива во Белград, Германија и Требиње. Филмот е мотивиран од вистинската приказна за српскиот војник Срѓан Алексиќ, кој во деведесеттите години бил вистински херој - му го спасил животот на еден Муслиман, но на крајот загинал од „своите“. Двигател во „Кругови“ е токму загинатиот војник, кој тука го носи името Марко. Во првата приказна централнииот лик е таткото на Марко. Тој гради црква и еден ден кај него работа бара еден од убијците на неговиот син.Втората приказна го следи најдобриот другар на Марко кој работи како доктор во Белград. Еден ден по тешка сообраќајка треба да го оперира и да му го спаси жиовотот на водачот на групата која го убила неговиот најдобар другар. Трет е кругот за Бошњакот кој бил спасен од Марко. Тој живее во Германија. Како што во едно интервју за српските медиуми вели режисерот Голубовиќ „Кругови“ не е уште еден филм за војните, туку приказна за животот, за хероите и за моќта да се простува.

Krugovi Berlinale 2013

Рефлексии од војната и минатото во денешнината: филмот „Кругови“ е во Форумот на Берлиналето


Во „Обрана и зашптита“ на Бобо Јелчиќ, снимен во Мостар, преточени се размислувањата, дилемите, предизвиците, стравовите на Хрватот Славко околу заминувањето на погреб на неговиот пријател во муслиманскиот дел од градот.

Актуелност од современоста

Во рамките на краткометражните филмови на Берлиналето е и триесетминутниот „Ја кад сам била клинац, била сам клинка“ на Ивана Тодоровиќ. Тоа е филм за Гоца која живее во Белград и се грижи за нејзината внука. Гоца има и момче кое го сака иако тој не ја почитува. Гоца е „секс работничка“ која по белградските улици се движи облечена како маж. Тоа е филм за љубовта, среќата и желбата да се припаѓа.
Светска премиера во Берлин ќе има и филмот „Рабитланд“, кус анимиран филм на Ана Недељковиќ и Никола Мајдак. Тоа е иронична и брутална слика на современото општество во кое се преиспитуваат слободите на говор, на личен и колективен идентитет, анимирана приказна за совршениот свет во кој живеат зајците без мозок со интензивно розова боја. Место мозок тие имаат дупки, но се најсреќни. Независно од она што се случува во околината нивното секојдневие е исполнето. Деновите ги минуваат гласајќи на слободни и демократски избори, кои во нивната земја се оддржуваат секој ден, зашто кај нив така функционира спроведувањето на демократијата! „Рабитланд“ ќе се прикаже во категоријата филмови за млади „Генерација 14плус2“.