1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонските автори-рамноправни во глобалното „културно село“

Македонски автори критикуваат дека нивната сопствена татковина ги заборава кога се репрезентира книжевното и културно творештво од земјата на меѓународни саеми и манифестации, иако тие добиваат странски признанија.

default

Саемите на книгата, можност за презентација на националната култура

Младата поетска, но и прозна генерација на творци од Македонија, ја претставува се‘ поуспешно својата татковина во светот. „Но, многу повеќе индивидуално и самостојно,“ реагира критички младата поетеса Лидија Димковска, добитничка на годинашнава угледна европска награда за поезија „Хуберт Бурда“ во Германија, која живее и твори во Љубљана, Словенија.

Димковска се осврнува посебно на најновиот саем на книгата во Франкфурт, Германија: „Навистина е жално што, на пример, автори кои живеат во Германија, или кои престојуваат таму, како Никола Маџиров, Кица Колбе, номинирана за наградата ’Балканика’, Дејан Дуковски - значи, автори што требало да учествуваат, ако не биле веќе поканети други автори од Македонија на македонскиот штанд на саемот на книгата во Франкфурт. Барем тие требало да бидат поканети и да ја претстават достојно македонската литература, покрај секако одличниот роман ’Нишан’ на Блаже Миневски.“

Ова се повтори и со саемот на книгата во Лајпциг, Германија, во минатата година, дополнува Димковска: „Самиот саем ме покани мене, Никола Маџиров и Кица Колбе да учествуваме, а не Министерството за култура, или оној што го организираше претставувањето на Македонија во Лајпциг.“

Недоразбирања и недоволна комуникација

Deutschland Buchmesse Leipzig Stand Mazedonien

Кица Колбе, Никола Маџиров и Лидија Димковска на Саемот на книгата во Лајпциг

Раде Силјан, претседателот на Друштвото на писателите на Македонија вака ги коментира овие забелешки: „Што се однесува до присуството на саемите во светот, понекогаш настануваат одредени недоразбирања, или имаме недоволна комуникација со одредени имиња. Изостанувањето на овие млади, инвентивни и упатени нови имиња е минус за нашето претставување, кога одиме на саеми.“

Лидија Димковска нагласува: „Всушност, тоа е онаа рак - рана, која се повторува постојано - кога самата држава не ја става македонската литература во колку е можно пошироки рамки на културната мапа на Македонија, што треба да му се претстави на светот и на секој оној што се сомнева во националниот и

Blaze Minevski - Autor des Buches Gun Sight

Романот на Блаже Миновски претставен во Франкфурт

културниот идентитет на Македонија. Тогаш, како да го прави тоа светот, а особено оној дел од светот кој го оспорува нашето постоење, како што е сега случајот со Грција?!“

Димковска ја претставуваше македонската поезија на еден од најпрестижните меѓународни поетски фестивали, што се одржа од 14-ти до 17-ти овој месец во Лимерик, Ирска. На сцената на Градскиот театар во Грац, Австрија, во исто време беше промовиран најновиот број на книжевното списание „Манускрипте“, во кое во целост е објавена на германски јазик поемата на Димковска „Арс - поетичка балада“ од нејзината последна поетска книга „пХ - неутрална за животот и смртта“.

Околу својот меѓународен поетски ангажман таа резимира: „Сепак, онаму каде што јас сум настапувала лично, секогаш сум била добредојдена како рамноправен учесник во светската култура, никој не ги оспорил мојот јазик, потеклото и националноста, што укажува дека литературата ги преминува политичките граници дури и тогаш кога политиката сака да воспостави свои парадигми за идентитетот на еден народ.“

Поетите градат мостови, политичарите ги уриваат

Literatur Nobelpreis für Herta Müller

„Дома, пак, во Македонија може да се добие впечаток за еден недоволен внатрешен ангажман на младите поетски творци, а уште повеќе за непостоење интеркултурна и интеретничка комуникација во духовниот простор во земјата,“ смета Салајдин Салиху од Тетово, еден од побележитите млади поети:

„Тука во Македонија и поетите - Македонци и поетите - Албанци имаат што да и‘ дадат на оваа публика. Тие треба повеќе да се преведуваат меѓу себе, но, исто така треба да имаат и некои проекти со цел да се оствари повеќе влијание и одраз врз општеството - во него, каде се‘ се дели според етничка линија, да се види дека поетите можат да градат мостови. Меѓутоа, за жал, се‘ се случува како во една народна балада: поетите понекогаш сакаат да градат мостови, но нив ги уриваат политичарите.“

Нашите соговорници велат: „Иако поезијата не може да го промени светот, сепак, таа може да го подобри“. Тие продолжуваат да творат со таа визија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска