1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонскиот јазик без современи лексеми?!

Македонскиот јазик е жива материја, согласни се експертите и лекторите. Тој, како и јазиците на други мали народи, е пред искушението, секојдневно да прифаќа или отфрла лексеми од светски доминантните јазици.

Јазикот треба постојано да се осовременува

Јазикот треба постојано да се осовременува и збогатува

Македонскиот јазик, бил и ќе биде, велат лингвистите и експертите за македонски јазик. Но сосема друго е прашањето за неговото збогатување, осовременување и строга примена, пред се‘ во јавните институции и медиумите. Пред деценија и пол е донесен Законот за употреба на македонскиот јазик. Дел од неговите одредби заживеаја. Конечно, лекторите по македонски пред неполна година формираа здружение. Претседателката Лорета Шкиљевиќ, вели дека ќе се залагаат за:

„ Доследна употреба на македонскиот стандарден јазик, во смила на членот 5 од законот за употреба , а тој ги вклучува трговските друштва, претпријатијата, називите, рекламите, плакатите, натписите во средствата за јавен превоз, обележување на јавните места. Една од целите на Здружението на лекторите е да го доближиме јазикот до сите консументи без разлика дали станува збор за употреба на јазикот во домашниот контекст или надвор од него“.

Националната и универзитетска библиотека во Скопје

Националната и универзитетска библиотека во Скопје

Неминовно е јазикот да се збогатува и осовременува

Македонија во мигов нема тело кое континуирано го одобрува или отфрла наметнатото и и го врши потребното збогатување на речникот со зборови и изрази кои се општо прифатени во светот.

„Здружението стои на ставот да се формира една комисија за решавање на тие прашања. Но секако зад нас ќе треба да застане и институција, овластен субјект за јазикот. Така ќе ги решаваме проблемите со јазикот во врска со интернационалната лексика и други нестандардни елементи и нивно трансформирање, соочување со нив и изнаоѓање адекватни лексеми“, вели Шкиљевиќ .

Македонија во овој поглед треба да се огледа на Франција и Германија вели доктор Снежана Веновска Анетевска од Институтот за македонски јазик „Крсте П. Мисирков“ од Скопје:

„Таму се следи влезот на туѓата лексика, во самиот почеток се адаптира таа лексика. Токму тоа му недостига на македонскиот јазик, при влезот да се следи каква форма ќе земе определена лексема, особено од новата технологија и да се адаптира во рамките на македонскиот јазичен систем. Потребна е грижа, а не строгост и исфрлање. Во секој случај тоа е збогатување, но збогатување без адпатација е скрнавење. “

Пуризам во Македонија насочен кон јазикот немало и не постои. Странските лексеми во правилна или погрешна форма се употребуваат во комуникацијата:

„Тоа што може да се најде како наш термин, треба да го прифатиме. Од причина што конзервативноста и стабилноста се едни од основните одлики на стандардно - јазичната норма. Не треба да се стремиме кон пуризам, но сметам дека ако може да се помакедончи еден збор – тоа треба да се стори“, смета Шкиљевиќ .

Mazedonien Bibliothek Ohrid

Што поскоро – македонскиот јазичен корпус на интернет

Македонската јавност често критикува дека институциите задолжени за негување и збогатување на македонскиот јазик работат бавно и за разлика од други јазици македонскиот литературен и толковен речник го нема во електронска форма, достапен на интернет . Д-р Веновска открива дека во Институтот за македонски јазик работат на петтиот том на толковниот речник, а за некоја година ќе биде готов и шесттиот :

„Лесно е да се пушти една електронска форма од речник. Но тој треба да биде како што треба. Останува отворено прашањето за појавата на македонски јазичен корпус кој на интернет ќе го доближи македонскиот јазик до најоддалечените краишта во светот. Тоа е цел што ни е зацртана“.

Меѓу другото, Здружението работи на проект за транскрипција и транслитерација на интернационалната лексика, а наскоро ќе има и своја веб – страница преку која ќе се поддржува зборувањето и пишувањето на литературен македонски јазик.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Симе Недевски