1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Македонскиот читател меѓу традиционалните и интернет книжарниците

Најмногу книги од интернет купуваат на возраст од 20-40 години- 80%. Повеќе читаат жените (70%) во споредба со мажите. Книжарниците нема да „изумрат“, а физичките книги нема да исчезнат, велат познавачите.

„Просечниот македонски купувач на книги преку интернет е на возраст од 26 години, од женски пол, со високо образование, поседува платежна картичка и активна е на интернет“, вели за ДВ Томислав Зографски, менаџер во iVote, македонска софтверска компанија која пред повеќе од половина година ја „отвори “ најголемата интернет книжарница во Македонија www.kupikniga.mk.

Македонија нема развиена книжарска мрежа но, книгите сега им се достапни и на оние кои живеат во места каде нема книжарници. Најмногу книги од интернет купуваат на возраст од 20-40 години- 80%. Повеќе читаат жените (70%) во споредба со мажите.

„Не само интернет книжарниците туку генерално интернет продажбата во Македонија е на многу ниско ниво. Но, секој во Македонија може да ја најде книгата што ја сака, да ја порача и да му се испорача до дома за пристапна цена. Радува што повеќе од 50% од порачките се од другите места во земјава бидејќи за жал и во големите градови нема книжарници- во Велес има една, а во Битола само две книжарници“, вели Томислав Зографски.

Tomislav Zografski Manager Internetbuchhandel iVote

Томислав Зографски

Најмногу се продаваат - бестселерите

На порталот www.kupikniga.mk можат да се купат книги од 90% од домашните издавачи , но и од регионот и тие да бидат доставени на адреса. Оваа досега најголема интернет книжарница во земјава нуди 13 илјади наслови- половина се српски изданија, а другите на македонски јазик. Околу 1000 наслови се на англиски јазик. Зографски вели дека имаат сè повеќе порачки за книги и дека Македонците сепак- читаат. Најмногу- бестселери, бизнис и стручна литература и книги за деца.

Конвенционална или интернет книжарница?

Издавачкиот центар „Три“ со онлајн продажба на своите изданија но и на другите издавачи започна пред 9 години. Бојан Саздов, уредник во „Три“ смета дека не стагнираат популарноста и продажбата на книгите.

„Во последните години во Македонија има тренд на малку зголемена продажба на книги, но се намалува бројот на книжарници во главниот град. Истовремено како продажни места на книги се наметнаа супермаркети и бензински пумпи. Ние како издавачи излегуваме од конвенционалните простори- книжарниците и ја нудиме книгата онаму каде што се луѓето“, вели Саздов. Во Македонија 65% од населението секојдневно користи интернет, па Зографски од купикнига.мк смета дека пазарот на книгите- битно ќе се промени.

„Книжарниците нема да „изумрат“, а физичките книги нема да исчезнат, но нив ќе ги поседуваат вистинските библиофили и претпоставувам дека нивната цена ќе расте додека цената на електронските изданија сè повеќе ќе опаѓа.“ Сепак, домашните издавачи се согласуваат дека конвенционалните книжарници немаат само комерцијална цел туку пред сè имаат културна мисија.

Чувството да се има книгата в раце или на екран?

И една од најстарите издавачки куќи во земјата, „Култура“, од пред неколку месеци започна со интернет продажба на своите изданија. „Преку интернет дневно се продаваат по 2-3 книги од нашите изданија. Летово одлично се продаваа и во книжарницата. И покрај кризата, луѓето сакаат да читаат и купуваат книги. А електронското издаваштво - ќе дојде, но мислам дека чувството да се има книгата в раце е сосема поинакво “, ни кажа Предраг Крстевски, книжар во книжарницата „Култура“ во центарот на Скопје.

Од Културна установа „Блесок“ со поинаков став: „Трендот на продажба на книги воопшто, е во големо опаѓање. Се чувствува сиромаштијата“, ни рече Игор Исаковски, основач и главен уредник на „Блесок“. Тој вели дека се обидуваат подобро да ги пласираат книгите. Во следните недели „Блесок“ организира Есенски он-лајн книжевен саем. „Блесок“ од формирањето во 1998. година до денес има објавено околу 180 електронски книги.

Mazedonien Bibliothek Ohrid

Електронската книга- најголем „конкурент“ на печатената

Дали интернет продажбата на книгите само е чекор поблиску до електронското издаваштво? „Тоа е тренд во светот кој сигурно ќе дојде и кај нас, само што ние доцниме 5-6 години“, вели Зографски.

„Во моментов на нашиот портал можат да се прочитаат првите 20-тина страници од некои книги. Тоа е следниот чекор. Електронските книги имаат предност што во џеб можам да ја имам целата своја библиотека на кој било уред - таблет, смартфон или на екран на компјутерот. Освен тоа, издавањето на електронски книги е поевтино“, вели Зографски. Во издавачката куќа „Три“ во моментов не го чувствуваат толку силно притисокот од глобалната тенденција за електронско издаваштво.

„Дигитализацијата воведе многу новини и ги натера издавачите на малку поинаква политика од онаа што ја практикувале. Сепак, улогата на издавачот и тогаш ќе остане иста- независно од тоа дали ќе нуди печатени или електронски книги, тој и натаму ќе биде „филтерот“ до добрите книги“, нагласи Бојан Саздов од Издавачкиот центар „Три“.