1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Македонскиот спортски дух се врати на натпреварувачките терени

Македонската женска ракометна селекција е пријатно изненадување на СП во ракомет во Франција. Со учеството во вториот круг од натпреварувањето задачата е исполнета на спортски план.

default

Македонската ракометна репрезентација

По краткото неформално запознавање и претставување, тоа што може да изненади е срамежливоста и скромноста на македонските ракометарки.

За расположението кое што владее во селекцијата Драгана Пецевска рече: „Со тренерот заедно некако направивме некоја атмосфера, како што вели тој „едно семејство“ и некако е поубаво чувството да бидеш дел од оваа репрезентација.“

„Многу ми е драго што ете се врати тој „македонски дух“, кој што ни недостигаше изминатите години. Селекторот постојано инсистира заедништво, семејство, мобилизација. Тоа се нашите главни адути. Подготвките ни беа многу, многу кратки, многу малку бевме заедно, така да се направи нешто повеќе на тактички и технички план беше илузурно.“ – смета Даниела Новевска.

Учество во вториот круг

По успехот во Сан Бријо и учеството во вториот круг од светското првенство, задачата на селекционерот Љубомир Савевски стана уште потешка. Очекувањата на македонската публика се зголемија. „Самиот пласман во второто коло е голем успех. Но сепак не понесе тој амбиент и сите очекувавме дека дури можеме да ја победиме и една Норвешка, која во моментов мислам дека е најдобра репрезентација во светот. Веднаш по натпреварот девојките беа толку нерасполежени утрово, што на денешниов тренинг им дадов да играат кошарка, фудбал за да се расположат. Во нив царуваше пријателство, другарство и сите поверуваа дека можеме да направиме нешто. Јас бев мајстор во тоа да ги анимирам да создадам едно расположение и мислам дека направивме многу.“

Расположението се подобри

„Нормално светското првенство претставува предизвик за секој. Секој играч сака да се најде на нашето место. Секој играч уште од мал сонува да се најде на Светско првенство. Ова е како сон за нас. Не знам што да ви кажам. Ќе се потрудиме да ја претставиме Македонија во најдобро светло, да дознае цел свет за нас. Сепак ние сме една мала држава но многу голема, зато ќе се потрудиме да дознае цел свет за нас.“ – ни рече низ смеа Наташа Младеновска.

„Би направиле сé, ние помладите или понеискусните играчи за да ја покажеме Македонија во најдобро светло. Да биде што попозната и што поголем број на држави да дознаат која е всушност Македонија.“ - додава Робертина Нечевска.

Сплет на младоста и искуството

Валентина Радуловиќ, пак зборува за сплетот на младоста и искуството на македонската ракометна селекција. „Можам да кажам, дека е супер. Младите се вклоупуваат со старите, старите се вклоупуваат со младите и наоѓаме заеднички јазик.“

„Сите сме како едно семејство. Расположението е убаво во екипата и се надевам дека ќе покажеме исти квалитети како и при првиот круг.“ – нагласува македонската украинка, Јулијана Портјанко.

За тоа дали очекувањата на навивачите на македонските ракометарки во Македонија и ширум светот се преголеми или можат да бидат реални, тренерот Љубомир Савевски смета.

„Имам пријатели роднини кои се јавуваат со телефонски пораки. Сите се толку оптимистички расположени, а и јас сум исто така оптимистички расположен. Ама објективно гледајќи ги работите ќе сфатиме дека во моментов сме далеку од врвот на европскиот ракомет, се додека не се реорганизираме и не и посветиме повеќе внимание на работата со помладите категории. Знаејќи дека наредната година во 2008, во Охрид се одржува Европското првенство.“

Младите добија шанса

Даниела Новевска е задоволна што во Франција им е пружена шансата на младите македонски ракометарки. „Сега овај состав на македонската репрезентација е спој на една млада генерација која што настапуваше во 2003 година на Светското јуниорско првенство и поискусни ракометарки и мислам дека тоа е еден убав спој каде што можеме да направиме и веќе направивме со самото влегување во 12-те најдобри во светот, еден солиден успех.“