1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонскиот ритам привлечен за германската публика

Синоќа во Хамбург на концертот „Балкански ритмови – културни празници“ светски позната сопранистка Фрауке Аулберт премиерно изведе дела од балкански композитори, меѓу кои и од Македонецот Гоце Гавриловски.

Современта комуникација дозволува уметниците соработка да ја договараат и преку интернет. Германската сопранистка од светски глас Фрауке Аулберт со концертот го финализира проектот „Балкански ритмови – културни празници“, со кој синоќа на свечен начин беше отворен фестивалот на актуелна музика „Blurred edges“ во Хамбург.

Меѓу седумте композитори од Балканот, чии дела синоќа ја доживеаја светската премиера, е и композицијата „Дај дуни, дуни“ од младиот македонски композитор Гоце Гаврилоски.

„Уметницата Аулберт пред извесно време упати еден вид јавен повик до сите колеги композитори од Балканот да напишат дело за изведба од сопран во придружба на пијано. Таа самата ја изврши селекцијата – кои песни да ги пее. Денеска ми е полесно и се чувствувам среќен, откако ми јавија дека композицијата успешно е изведена и дека привлекла голем интерс кај публиката“, вели композиторот Гавриловски.

Goce Gavrilovski

Гоце Гавриловски

„Со Аулберт не се познаваме. Нашите ументички биографии и материјалот што и’ го испратив музички не’ споија. Комунициравме преку интернет и спонтано се роди соработката. Почестен сум што токму мое дело пееше уметник од светски ранг. Бев поканет да бидам на концерот, но од оправдани причини останав во мојот роден Охрид“, додава Гавриловски.

„Дај дуни, дуни“ всушност е преработка на убавата македонската народна песна „Не стој Доне Донке“, дотерана со употреба на современи музички изразни средства.

Композиторот Гавриловски собира награди по светот

Младиот македонски композитор Гоце Гавриловски чекор по чекор ја освојува меѓународната музичка сцена.

„Лани на меѓународниот конкурс ’Хорска лабораторија на 21-от век’ во Санкт Петербург, Русија, испратив две композиции. Во конкуренција од 162 композиции моето дело ’Заблеало рудо јагне’, компонирано за женски хор, го освои второто место во категоријата композиција на народен текст и фоклорни мотивски обработки. Додека со композицијата ’Медитација’, напишана за мешан хор, ја освоив третата награда во категоријата експериментално дело. Истата година двете дела беа изведени на престижниот хорски фестивал ’Огледало на времето – 21 век’ во Санкт Петербург и стнаа дел од два значајни руски композиторски зборници“, објаснува Гавриловски.

Symbolbild Keyboard Musik

Фолклорните мотиви со современи музички средства привлекуваат внимание кај странците

Тој посебно се радува што неговата композиција „Заблеало рудо јагне“ на регионалните хорски смотри во Охрид беше одлучувачка за победата на хорот од основното училиште „Братство – Единство“ од Охрид, под раководство на Бурим Хидри. Младите хористи очекуваат успех и на републичкиот натпревар во Кавадарци.

Неговото творештво се базира врз фолклорни мотиви и нивна обработка со современи музички изразни средства. Всушност, учеството во фолклорни оркестри во раната младост можеби беше пресудното тој да влезе во светот на музиката.

„Карактеристичната мелодија и ритмови се главна одлика на македонската музика, која станува се поинтересна за музичките сладокусци ширум светот. Така, презентацијата на наши дела во странство е се’ почеста, а главно се пробиваме преку повици за дела од разни изведувачи, камерни состави и ансамбли, како што всушност започна и приказната со Хамбург. Ова е периодот на нови конкурси и натпревари. Повторно испратив дело во Санкт Петербург на натпревар за хорска музика. Следува конкурсот на Македонската филхармонија и наскоро ме очекуваат уште неколку слични проекти и патувања“, објаснува 35-годишниот Гоце Гавриловски. Тој има завршено Факултет за музички уметности, магистрирал оркестрација, работел во музичките редакции на МРТВ и во Основното музичко училиште „Методи Патче“ во Охрид, а сега е професор на Музичката академија во Штип на Универзитеот „Гоце Делчев“.