1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонскиот кошаркарски хит продолжува

Силно, од далечната Литванија кошаркарската треска ја тресе Македонија, со секој нов ден се’ посилно, во ритамот на победничкиот чекор на македонските кошаркари!

default

Евробаскет 2011

Ова се ѕвездени спортски мигови, кога кошарката е над се’, издигната  над сите проблеми од секојдневното живеење. Ова се мигови за новите македонски спортски херои. Секоја нивна победа е ново емотивно доживување, кое као никогаш досега ја крева целата нација.

Со победата над Словенија, чиста,блескава, брилијантна, Македонија го обезбеди второто место во групата. Вечер ќе ја бие за приматот против Русија.

Како овој кошаркарски момент го доживуваат некогашните македонски баскет-асови? Благоја Георгиевски, најголемото македонско кошаркарско име, е импресиониран со игрите на македонската репрезентација.

„Сево ова навистина е неверојатно. За мене се ова фантастични и неочекувани резултати. Следејќи го почетокот на подготовките за ЕП, после релативно слабите игри на турнирот во Словенија, а подоцна и на турирот во Скопје бев скептик во однос на можностите на оваа репрезентација и на можностите за да направи вакво нешто.“   

Gorge Vojnovic Mazedonien

Ѓорѓе Војновиќ

Ѓорѓе Војновиќ, екс-македонскиот репрезентативец не ја крие својата воодушевеност, веќе прогласувајќи ги кошаркарите за спортски херои.

„Резултатот којшто го остваривме е над сите очекувања! За мене македонската кошаркарска репрезентација е веќе европски првак. Без разлика како ќе заврши во моите очи, во моите мисли и во мојата душа тие за мене се европски прваци и херои на Македонија.“

Македонците, смирени и метнално силни

Што е тоа што го краси македонскиот состав на ова европско првенство? Која е силата со која досега се потчинети кошаркарските велесили како што се Грција, Хрватска, Словенија...? За Георгиевски, хомогеноста на тимот е клучот на успешноста.

„Ме одушевува смиреноста што владее и на теренот, и на клупата и меѓу играчите. Нема нервоза, нема недоразбирања. Тоа е предуслов за добра тимска игра. Во написите на странските медиуми се истакнува дека македонската репрезентација го има Бо Мекејлеб кој е лидер и има тим без ѕвезди.“

За Војновиќ, менталниот квалитет на играчите е она што победнички ги носи низ големиот настан. „Квалитетот го гледам во менталниот склоп на играчите. Отидовме скромно без некои помпезни најави, а одигравме единствено, одигравме со срце. Тоа е она што го надополнува јазот од ’покусата’ клупа и помалиот број на звучни ѕвезди во однос на другите репрезентации.“

Русија е следниот голем предизвик

Blagoja Georgievski Mazedonien

Благоја Георгиевски

Македонија денеска влегува во последниот дуел од групната фаза против моќната Русија, единствената репрезентација се’уште непоразена досега. Натпревар за првото место, но и од кој зависи противникот на Македонија во ¼ финалето. Вакви се очекувањата на Благоја Георгиевски.

„Нормално е да сум оптимист. Игрите што ги прикажува оваа репрезентација ми влева верба дека и во овој натпревар постои можност нашата репрезентација да победи, иако шансите се на страната на Русија.“

Сега сме многу поголеми во очите на противниците. За Македонија се зборува со респект. Русија е фаворит, но кошарката е чудесна, непредвидлива-вели Ѓорѓе Војновиќ.

„Секоја чест на Русите и квалитетот кој го поседуваат, но мислам дека ние сме во нагорна линија. Без разлика на резултатот за мене секој нареден одигран натпревар значи победа на Македонија.“

Вечер во 20 часот, целата земја ќе биде со кошаркарите! Ќе се следи натпреварот против моќната „Зборнаја“! Моменти преполни со спортски емоции и со нови победнички очекувања.

Автор: Златко Калински

Редактор: Александра Трајковска