1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

„Македонскиот дрес ми е најголемо задоволство“

Кире Лазаров е изданок на македонскиот ракомет, кој од поодамна е во светските ракометни височини. Во моментов го носи дресот на шпанскиот Сјудад Реал, клуб-великан. Но, македонскиот дрес најсилно го грее.

default

Ѕвездата на македонскиот ракомет: Кирил Лазаров

Деновиве Кире Лазаров е особено задоволен поради пласманот на Македонија на претстојното Европско првенство.

„Моментите како што се овие сега што ги доживуваме, моментите кога ќе постигнеш со својата национална селекција еден ваков успех се посебни во мојот живот. Тогаш се полни срцето, се полни душата, ги правиш среќни своите најблиски. Овие се големи работи за мене и за македонскиот спорт и од секогаш со посебно задоволство и со посебна енергија сум играл за македонската репрезентација“, вели Лазаров.

Неговата исклучителна талентираност многу рано му го отвори патот кон националните, а подоцна и меѓународните ракометни простори. Беше средношколец кога првпат го облече репрезентативниот дрес. Со само 19 години веќе играше на Светското првенство во Египет во 1999-та.

Croatia Handball World Championships

Кирил Лазаров на Светското првенство во Хрватска

„Многу рано го облеков дресот на македонската национална селекција, се сеќавам дека имав 16-17 години кога станав член на македонската репрезентација во присуство на многу постари и поискусни играчи од типот на Пепи Манасков, Томче Петрески, Боро Чулески и навистина се чувствував привилегиран да играм со нив. Минутажата што ја добив од тогашните селектори и тренери максимално ја искористив и секогаш во мојот живот ќе остане запаметено тоа светско првенство во 1999 година“.

Незаборавен настап

Десет години подоцна се издигна меѓу мондијалските великани. На светското првенство во Хрватска во 2009-та Лазаров со 92 постигнати гола стана крал на стрелците и тоа на сите времиња. Тоа беа денови кога ракометот ја крена Македонија на нозе.

„Сонови ги остваривме 2009 година на светското првенство во Хрватска. Пред се’ мислам не само како мој личен успех поради титулата најдобар стрелец во историјата на светските првенства, туку направивме и успех како репрезентација, успевајќи да поминеме една страшно тешка група во која настапуваа селекции како Полска, Русија, Германија... Едноставно успеавме да ја обединиме нашата нација, да ја дигнеме целата држава на нозе. Покажавме дека една мала држава со голем ентузијазам и со послаб индивидуален квалитет може да се носи со најдобрите селекции на тоа светско првенство“.

Mazedonien Handball Nationalmannschaft

Македонската национална селекција

Низ кариерата ме водеа разумот и чувствата

Силниот Пелистер од 90-тите години беше неговиот прозорец кон ракометниот свет. Унгарскиот Фотекс од Веспрем и Хрватскиот Загреб беа средините во кои Лазаров растеше како ракометар. Сјудад Реал е зенитот. Кире вели: ме водеше разумот, ме врзуваше убавото чувство за средините во кои играв.

„Никогаш не брзав, го следев моето срце, одев чекор по чекор. Сега дојде времето, каде што ја сменив средината, отидов во Шпанија, според мене во еден од најдобрите европски клубови. Можам да кажам дека ова е врвот на мојата кариера и допрва очекувам, од ден во ден да го подобрувам квалитетот на мојата игра, без оглед на моите години“.

Дали како Македонец во екипи со ракометари од спортски поразвиени средини понекогаш се почувствувал инфериорно?

„Доаѓањето од една мала држава, каде што не е исто како на пример да играш во еден голем гигант како што е Сјудад Реал и да си играч од Македонија или од Германија.

Handball WM 2009 Logo

Светското првенство во Хрватска, врв на кариерата на Кире Лазаров

Но, доколку сакаш, доколку веруваш во себе, доколку си вреден и способен и имаш доволно добар карактер, секогаш успесите ќе дојдат на свое место“.

Македонија во срцето

Не е тајна дека доаѓаа и предлози да го промени македонското државјанство со унгарско или хрватско. Лазаров во ниту еден момент не дојде во искушение да игра под друго знаме.

„Имав две понуди во минатото да земам хрватски, односно унгарски пасош за времето кога настапував во нивните клубови и да играм за нивните репрезентации, но никогаш, ни во еден момент не сум помислил да направам такво нешто“.

Капитен и лидер на оваа генерација најдобри македонски ракометари, Кире Лазаров во еден момент побара од луѓето во ракометната федерација подобар третман за репрезентативците.

„Јас секогаш сум погрешно сфатен! Никогаш не сум го дигнал гласот против луѓето во ракометната федерација. Јас и моите колеги се обидовме да се избориме за подобар третман зошто видовме дека многу заостануваме зад другите европски и светски селекции. Колку успеавме во тоа не знам, но некогаш е добро и народот кој не’ следи, којшто не’ сака и навива за нас да ја слушне вистината и да биде запознаен со условите во кои што работиме“.

Државата мора да има јасни приоритети

Мала држава, каква што е Македонија, мора да има јасни приоритети, вели Кире Лазаров, не само во спортот туку и во другите области на живеењето.

Handball EM der Damen in Mazedonien

Играњето пред македонската публика го исполнува срцето на Кире Лазаров

„Ние сме мала држава и немаме големи можности да правиме големи успеси. Но, државата треба еднаш за секогаш да има свои приоритети. Не е важно дали се работи за спортот, науката или културата... ќе дадам само една споредба и еден пример: во Македонија моментално имаме две успешни федерации и репрезентации, тоа се ракометот и кошарката. Другите заостануваат и немаме големи шанси да се пласираме на големи натпреварувања. Сега во поново време се појавува некој нов спорт, со голема почит према него, тоа е хокејот. Ние од никаков третман во ракометот, од никакви организациски услови успеваме да стигнеме до европски и светски првенства, а сега воведуваме нови спортови каде пред се’ немаме традиција, како на пример хокејот и вложуваме во тие спортови. Тоа е она што сакам да го кажам, државата секогаш треба да има приоритет“.

Претстојното европско првенство во јануари во Србија е предизвикот со кој се соживува Кире Лазаров, еден од најдобрите македонски спортисти. За противниците во групата во Ниш, Германија, Шведска и Чешка, вели сите се со пославно ракометно минато, но верува дека со добар настап Македонија одново ќе биде на нозе, ракометно обединета.

Автор: Златко Калински

Редактор: Горан Чутаноски