1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонскиот граѓанин поотворен за алтернативните методи

Македонските граѓани во последните години покажуваат сè поголем интерес за алтернативните методи и духовните дисциплини кои можат да го подобрат нивното физичко и ментално здравје, а оттука и квалитетот на животот.

Познавачите се согласуваат дека тоа не е само тренд кај нас туку своевидно културно движење во целиот свет.

Фестивалот „Skopje, Body, Mind & Spirit” што ќе се одржи на 3 и 4 ноември во Скопје, по прв пат во Македонија на едно место ќе понуди предавања и работилници за јога, медитација, хомеопатија, стрес менаџмент, биоенергија, библиотерапија, Гешталт терапија и здрава исхрана .

Психо-физичка рамнотежа и личен развој

„Луѓето денес се сè поотворени не само за јога и духовност, туку воопшто за здравиот начин на живеење“, вели од своето долгогодишно искуство, за ДВ- Весна Алексовска која со јога се занимава од 1978 година и е основач на Центарот за јога и личен развој во Скопје.

Таа објаснува дека најчестите причини за практикување јога се релаксација, ослободување од стрес, потреба од психо-физичка рамнотежа, често- по препорака на лекарите или едноставно, денешниот човек во практикувањето јога која е духовна дисциплина добива можност за личен развој. Според неа, тоа се должи на експанзијата на потребите на современиот човек.

„Денес е време на стекнување „повисоко“ знаење и тоа е општ тренд на човештвото. Барањето на одговорите за себе, својот живот и постоењето ни е „предодредено“ и кај секој човек доаѓа моментот кога свесно ја отпочнува таа

потрага. Во последната деценија-две тоа е сè понагласено“, ни рече Алексовска.

Др. Ѓуроска:Луѓето сè повеќе стануваат свесни

Достапноста на информациите е еден од клучните фактори за сè поголемиот интерес и за хомеопатијата во Македонија.

Др. Билјана Ѓуроска е доктор на медицина која професионално работи како хомеопат и основач е на Школата за Интегрирана Хомеопатија. Таа појаснува дека низ историјата луѓето отсекогаш имале потреба за подобри опции за себе и своето здравје.

„Ова кај нас не е резултат на некоја „криза“. Истото се случуваше и пред 20 години кога во Македонија влезе макробиотиката, на пример. Сметам дека луѓето стануваат свесни. Доколку хомеопатијата се практикува професионално тогаш оваа тенденција во иднина ќе оди по нагорна линија. Во спротивно, ако се бега во шарлатанство и непрофесионалност, ова ќе биде само тренд што ќе помине“, вели за ДВ др Ѓуроска.

Кога човека го боли душата...

И проф.др.Емилија Стоименова- Цаневска, психотерапевт и основач на Гешталт институт- Скопје смета дека луѓето во Македонија со голема посветеност ги прифаќаат методите кои им помагаат во справувањето со психолошките проблеми кои ги наметнува современиот живот.

„Многу често слушам кога луѓето кажуваат дека ги боли душата за нешто. Душата, секогаш е главна „тема“ и копнееме да ја дофатиме. Така се роди идејата за овој фестивал, да проговориме за исцелувањето на душата“, вели за ДВ.

Оваа тенденција денес според неа е културно движење кое има не само социо-психолошка туку и егзистенцијална и спиритуална димензија.

„ Денес и психотерапијата станува сè повеќе- спиритуална. Можеби затоа денес сè повеќе луѓе бараат психотераписка помош. А во изминатите 22 години сликата е драстично променета- најмногу во последниве години, кога започна

движење за поврзување на македонската психотераписка сцена, така што таа ја дава поддршката на оние кои сакаат да се осознаат и да чекорат во животот на покреативен начин“, потенцира Стоименова-Цаневска.

21 век- „век на духовност“

„Овој век може да се нарече „век на духовност“, смета Маријана Марковиќ, психолог во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Но, смета дека луѓето денес често сакаат без многу напор и со користење на „инстант“ методи да постигнат физичко и ментално здравје.

„ Луѓето ја менуваат „насоката“ на дејствување па се обидуваат да направат промени внатре во себе, а не во средината. Ова сепак е една позитивна тенденција...Но, како и сè друго, така и овој тренд има и своја финансиска концепција“, изјави Марковиќ.

Поврзана содржина