1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонска пиперка за европските пазари

Македонска пиперка, смрзната, конзервирана, мелена, се презентираше од страна на македонските фирми на саемот Ануга. Тие истовремено не заостануваат ниту во следење на трендовите: здрави производи и мали пакувања.

Еден од најголемите светски саеми за прехранбени производи Ануга денеска (09.10.) ги затвора портитe. Епитетот најголем, се чини годинава го оправда, оти на саемот изминатите пет дена се презентираа речиси 7000 излагачи од скоро 100 земји во светот.

Меѓу излагачите беа и 14 македонски фирми. 13 македонски фирми се презентираа на националниот штанд. Десет фирми своите производи ги изложија во халата за конзервирани производи, меѓу нив производителот на мелена пиперка и зачини „Сика“, „Вори“ - фабрика за производство на конзервирани производи од зеленчук и овошје или специјализираната фирма за чаеви „Коро“.

Освен конзервната индустрија, преку фирмите „Алтра“ - Гевгелија, „Рудине“ - Скопје и „ДС Фудс“ Куманово во Келн македонските произведувачи донесоа и понуда од смрзнати земјоделски производи.

Покрај националниот македонски штанд на Ануга сопствена презентација имаше и фирмата за здрави производи „Виталија“, од каде за ДВ истакнуваат дека досега имале добри резултати и кога биле присутни на на националниот штанд на саемот. „Меѓутоа развојот на компанијата налагаше да бидеме присутни под сопствен бренд на саемот“, вели Искра Ветаџокоска - Муцунска.

Извоз во ЕУ и исполнување на стандарди

Anuga 2013 Köln Obst und Gemüse aus Mazedonien Stand

Македонски смрзнати пиперки за хотелите и рестораните во Европа

Зголемување на извозот, воспоставување на нови контакти и освојување на нови пазари и надвор од Европа се во центарот на интересот на македонските компании кои присуствуваа на саемот и кои веќе извезуваат во државите на ЕУ, но се присутни и на прекуокеанските пазари во Австралија и во Америка. Зоран Белчев, комерцијален претставник на фирмата „Алтра“ - Гевгелија за Дојче веле подвлече дека 80 до 90 проценти од производството на оваа фирма е наменето за пазарите во ЕУ, пред сѐ за пазарите во Германија, Франција и Полска. Смрзнатите земјоделски производи, во прва линија пиперката (околу 80 проценти од извозот), но и смрзнати вишни, кромид, домати и праз потекнуваат од локалното производство и не се наоѓаат во малопродажбата, туку извозот (околу 900 милиони евра годишно) е наменет за хотели, ресторани и кетеринг фирми.

Но, за да се постигне поголем извоз и да се освојат пазарите, македонските компании мораат да ги исполнуваат стандардите на ЕУ. Според македонските фирми - учесници на саемот, претпријатијата специјализирани за извоз на овошје и зеленчук ги исполнуваат без проблеми тие стандарди.

Anuga Köln 2013 eingelegte Paprika

Конзервната индустрија ги исполнува европските стандарди

„Фирмите имаат имплементирано и сертицифирано стандард за квалитет и безбедност на храна Хасап и ИСО 9001/ 2008. Конзервната фабрика во 2005. беше меѓу првите што ги имплементираше, заради барањата на купувачите коишто ги имавме. Додека млекарата пак доби извозен број и го имплементираше и сертифицираше стандардот на крајот на 2010, за во 2011. година веќе да почнеме со извоз“, истакнува Крсте Ѓоргиев претставник на конзервната фабрика „Бест фуд“ и млекарата „Ѓоргиеви“, на Ануга во Келн. Имено фабриката „Бест фуд“ пласира 90 отсто од производството на странските пазари, додека во млекарата „Ѓоргиеви“ 30 отсто од производството е наменето за извоз.

И Соња Исаева од „Сика“ подвлекува дека целосно е контролиран целиот процес на производство на пиперката во оваа фабрика за зачини, иако е потребна натамошна доедукација на некои земјоделци.

„Порано, а и сѐ уште кај некои земјоделци, постои тој стар, класичен начин на производство, колку и да е тој атрактивен со нижење на пиперките, па потоа се сушат на куќите, сепак не ги задоволува стандардите кои ги наметнува западот“, вели Исаева и подвлекува дека „на тој начин пиперките се изложени на разни временски влијанија и се подложни на создавање мувли, квасец, кои понатаму се канцерогени и нормално не се за употреба“. Со фабричката обработка на пиперките, меѓутоа, се елимираат ваквите опасности, така што „Сика“ произведува „производ којшто е здрав за употреба, може да се извезува во сите европски земји и ги поминува сите анализи“, објаснува Исаева.

На курсот на успехот: Мали пакувања и био производи

Anuga 2013 Köln Firma Vitalia Mazedonien Stand

Здрава храна од „Виталија“

Квалитетен производ и безбедност во исхраната - тоа е она што добива сѐ поголемо значење и интерес кај конзументите, е пораката од Ануга. Тренд кој го споделува и Искра Ветаџокоска-Муцунска од фирмата „Виталија“ оти како што вели, „здравјето влегува преку устата“:

„Ние работиме со биолошки производи, меѓутоа пред сѐ главниот фокус ни е на здрава конвенционална храна. Она што го работиме е да пласираме нови иновативни производи, да понудиме една здрава алтернатива на она што луѓето се навикнати да го имаат во секојдневната исхрана“.

Освен понуда на квалитетни производи важно е и пакувањето, оваа година на Ануга имено беше истакната потребата од страна на конзументите, воедно поврзана со демографскиот развој, за помали пакувања. Ваквиот развој го забележаа и македонските компании: „И кај нас се наметнува трендот, исто како овде. Трендот е помали пакувања, своевремено имавме поголеми пакувања - 720 мл тегла, додека сега 370 мл или дури 314 мл станува како стандард“, вели Крсте Ѓоргиев од „Бест фуд“ и млекарата „Ѓоргиеви“.

Претставувањето на македонските фирми на националниот штанд на Ануга е дел од програмата на Владата на Р. Македонија, која се реализира преку Министерството за земјоделство. Фирмите присутни на саемот се воглавно членови на Македонска асоцијација на преработувачи на зеленчук и овошје, која веќе 11 години ги застапува и штити интересите на индустриските субјекти во земјата.