Македонската храна треба да стане препознатлива во светот | Економија | DW | 12.10.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Македонската храна треба да стане препознатлива во светот

Македонските автентични производи да се издигнат на повисоко ниво, со што ќе се подобри имиџот - тоа е стратегијата на македонските преработувачи кои се претставија на најголемиот светски саем за храна АНУГА во Келн.

Anuga Köln 2017 Mazedonien (DW/E.Milosevska Fidanoska)

Заедничкиот штанд на македонските преработувачи на АНУГА во Келн

АНУГА е од најголемо значење за македoнските преработувачи, поради тоа што оваа индустрија е извозно ориентирана, а во тој извоз германскиот пазар вредносно и количински учествува со највисок процент, изјави на крајот на најголемиот светски саем за храна и пијалоци, извршниот секретар на Македонската асоцијација на преработувачи (МАП) Сашо Ристески за ДВ. Оттука, македонските производители се обидуваат да остават што подобар впечаток со подобрена стратегија на работење и што е можно попривлечна презентација:

Deutschland ANUGA 2017 | Mazedonien | Saso Risterski (DW/E. Milosevska)

Сашо Ристески, МАП

„Полека се менува имиџот. Стратегијата оди кон тоа да бидеме доставувачи на висококвалитетни, а не на евтини производи. Промената на таквата стратегија понекогаш на почетокот може да покаже дури и негативни резултати, но гледајќи како се презентираат и промовираат другите, не постои друг начин освен да ги следиме модерните трендови. Во спротивно, би ризикувале да останеме евтини доставувачи, а оваа индустрија не го заслужува тоа“, уверен е Ристески.

Наведувајќи дека годинава на заедничкиот штанд на преработувачи на АНУГА се претставија поголем број преработувачки фирми отколку лани - 16, плус фирмите кои имаа самостојни штандови на саемот, Ристески гордо ги нагласува адутите на македонското производство:

Гледај видео 16:49
Now live
16:49 минути

ДВ на штандовите на Mama's и на Виталија

„Прво, користиме домашни суровини кои се наоѓаат во непосредна близина до преработувачките капацитети. Значи, кажано едноставно – она што наутро се бере, попладнето или вечерта е веќе преработено. Со тоа се задржуваат главните карактеристики на типичните производи, како боја, мирис на производот и.т.н. Некои други, кои тоа не можат да си го дозволат, складираат суровини, на пример во ладилници, и нормално кога производот претрпува повеќе фази во процесот на преработка, губи дел од главните карактеристики. Потоа, адут ни е и близината на европскиот пазар. Можеби има многу поголеми доставувачи, но на многу поголема далечина, а ние во рок од 24 часа можеме да испорачаме стока каде било во ЕУ. Поврзаноста, транспортните коридори, близината на тие пазари... Имаме предности кои се користат и така и ја 'билдавме' нашата конкурентност од почетокот на 2000-та.“

Деликатеси и специфики

Во прехранбената индустрија во светот конкуренцијата е огромна, па освен квалитетен производ, е неопходно да се има и добар маркетинг и „нешто посебно“.

Deutschland ANUGA 2017 | Mazedonien | Sime Stanceski (DW/E. Milosevska)

Симе Станчески (д.), „Кривогаштани Промет“

Симе Станчески, менаџер во фирмата „Кривогаштани Промет“, која првпат се претстави на АНУГА, гордо вели дека за само четири сезони во преработувачкиот бизнис фирмата успеала да освои пазари во повеќе земји, пред сѐ во Австралија, САД, Шведска, Словенија, како и земји од регионот:

„Нашата идеја кога почнавме со бизнисот беше да бидеме малку поразлични од сите останати преработувачи во Македонија. Едноставно, идејата беше да направиме деликатесни производи. Производи коишто се направени по домашни рецепти. На пример, имаме ајвар кој е произведен 100% од пиперка, како што го правеле нашите мајки и баби. Правиме и пиперчиња со сирење, а најголем адут ни е т. н. закуска - печена пиперка, сечкана и пржена во сопствен сос. Тоа ни е фактички најпродаваниот производ. Тоа е навистина деликатесен производ. Имаме феферонки, благи и лути, кои се специфични по тоа што целото производство е под наша контрола, во самиот регион.“

Амбиции и пробив

Станчески има амбиции и сака на наредната АНУГА фирмата веќе да се презентира на сопствен штанд. Свој штанд на АНУГА подолго време има „Витаминка“ од Прилеп, која се надева дека во наредните години ќе го зголеми своето присуство на германскиот пазар.

Deutschland ANUGA 2017 | Mazedonien | Petar Stojkovski (DW/E. Milosevska)

Петар Стојковски, „Витаминка“

На АНУГА посетителите најмногу интерес покажале за интегралните кекси на „Витаминка“, за чоколадата „Атлантис“ и се разбира нивниот најдобар бренд - „Стоби Флипс“.

„Запознаваме нови фирми, остваруваме нови контакти, но на саемот доаѓаат и партнерите со кои веќе соработуваме, за да се видиме, особено кога тие се стационирани во подалечни земји“, вели шефот на одделот за извоз во „Витаминка“, Петар Стојковски.

Амбиции има и новајлијата на АНУГА, фирмата „Јаболчело“, која во Македонија е позната по своите сокови од исцедено овошје и зеленчук. Искра Тренчевска од „Јаболчело“ вели дека нивните амбиции се да бидат „најдобри во тоа што го претставуваме, значи да испорачаме производи од кои потрошувачите ќе бидат задоволни“.

Deutschland ANUGA 2017 | Mazedonien | Iskra Trencevska (DW/E. Milosevska)

Искра Тренчевска, „Јаболчело“

„Пробивот е процес, но очекуваме работите да се движат во саканата насока. Ни беше предизвик и чест да бидеме меѓу најдобрите на АНУГА“, изјави за ДВ Тренчевска, не заборавајќи да додаде дека фирмата која има само 10 вработени и произведува околу 300.000 литри сокови годишно, веќе е присутна во регионот, како и во Шведска и на Блискиот Исток.

Според Сашо Ристески од МАП, македонските преработувачи имаат добар потенцијал за остварување на амбициите. Она што е неопходно е да се зголеми „додадената вредност“ со „засилување на имиџот, со брендирање на производите“, за тие да бидат препознатливи.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема