1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонската стенд-ап комедија во потрага по дијалог со општеството

Стенд-ап комедијата станува сè попопуларна во Македонија во последните неколку години. Од комичарот се очекува да биде смешен, отворен, ироничен. Дали тоа е израз на потребата за поинаков дијалог со општеството?

Македонската стенд-ап комедија во последните неколку години доживува вистинска експанзија. Од комичарот се очекува да биде забавен, понекогаш да „боцне“ и гласно да го каже она што „не е за кажување“! На вака „забревтаната“ стенд-ап сцена во формирање, ѝ пркосат и оние кои стенд-ап жанрот го третираат сериозно, но и оние кои оваа уметност ја сфаќаат како тривијално локално шегобијство или подбивање со стереотипите наместо- нивно рушење!

Стенд-ап комедијата бара поинаков „софтвер“

Aктерката Весна Петрушевска со стенд-ап започнала да се занимава пред 10 години. Вели дека учи од најдобриот- Џорџ Карлин. Отворено и дрско сака да се шегува со себе, со машко-женските односи и политиката. „Стенд-ап формата е многу тешка и морате да промовирате свој став- колку тој и да е застрашувачки. Не импровизирам и не одам на ефтини ’фори’“, вели Петрушевска во разговорот за ДВ.

„Имајќи го во предвид фактот дека кај нас сè е политика, тогаш јас тоа го ’симнав’ надолу па си реков -дај малку да се занимавам со животни работи, женско-машки односи кои реално постојат. А притоа, не треба да звучиш вулгарно затоа што стенд-ап не поднесува култура на говор- како во театар. Исто така, треба да си пишувач. Не мора да си глумец за да бидеш стенд-ап комичар. На крајот на краиштата, хуморот не се црта, туку се живее. Но, ако немаш личен однос кон сам себе, тогаш не излегувај како стенд-ап комичар.“

Стенд-ап комедијата е претстава во која „закача“ и политичари и пејачи!

Die Bühne im Jugendkulturzentrums MKC in Skopje

На бините во Македонија се’ почест гостин се стенд-ап актерите

Актерот Сашко Коцев објаснува дека стенд-ап не е „тезга“, туку перформанс за кој мора да се поседува талент. „Треба да се биде свој и искрен со публиката. Не правам теми кои ќе предизвикаат скандал и гледам никого да не навредам со својот настап“, зборува за своето искуство Коцев.

„Политиката и политичката сатира сè помалку ги третирам во своите стенд-ап настапи на сцена, во клуб. Публиката е премногу оптоварена со политика. Она што можеби најмногу ми лежи е кога правам шеги на моја сметка односно кога зборувам за моите лични проблеми во кои ги вметнувам политиката, спортот.“

„Должност на комичарот е да препознае каде е границата и- свесно да ја пречекори“, изјавил еден од највлијателните американски стенд-ап комичари и сатиричари Џорџ Карлин.

Сериозна и сурова, исто како и времето во кое се создава

Младиот актер од Битола, Марјан Георгиевски го сврте вниманието на јавноста во последните неколку месеци. Колку на интернет обидувајќи се така да ја промовира својата работа, толку и во клубовите низ земјата. Стенд-ап комедијата ја споредува со рап музиката или со „поезија без рима“. „Најважната работа во стенд-ап комедијата е да имате став и да го покажете. Но, кај нас се мисли дека секој може да биде стенд-ап комичар“, ни рече во разговорот Георгиевски.

Marjan Georgievski

Стенд-ап комичарот против стереотипите и табуата - Марјан Георгиевски, млад актер од Битола

„Стенд-ап е култура која постепено ќе се гради кај нас. Стенд-ап комедијата треба да биде пред сè социјална критика која ќе зборува за стереотипи, предрасуди, табуа. Таа е дијалог со луѓето и моја исповед со некаков пресек на нивните проблеми. И тоа ги погодува ’во нерв’, затоа што кај нас има многу исфрустрираност, потиснатост, неправда и кога ќе се појави некој кој искрено ќе ги каже работите, луѓето тоа го препознаваат и затоа ’се лепат’ на стенд-ап комедијата“.

Шармот на македонската стенд-ап сцена: за да се стаса до цинизам и сатира, потребно е повеќе

Македонските стенд-ап комичари провокацијата за критика и добра смеа повеќе ја наоѓаат во спалните соби, а помалку на насловните страници од дневниот печат!

„Во Македонија постои тренд на стенд-ап комедијата која ја модерираат исклучително добри актери кои во моментов повеќе се занимаваат со комичното и ироничното“, смета театрологот Јелена Лужина.

„Има голем дијапазон меѓу комичното ’на прва топка’ и сатиричното кое подразбира ’касање’. Да се стаса до цинизам и сатира, потребно е повеќе... Стенд- ап комедијата претставува, дијалог со нашето живеење“.

„Петре Прличко- најголемиот стенд-ап комичар на македонските простори“

Историјата пишува дека стенд ап комедијата е американска измислица. Но, „во секоја епоха имало стенд-ап комичари“, вели Лужина.

„Петре Прличко исто така беше стенд-ап комичар! Тој 16 години бил патувачки актер- стенд-ап комичар а тоа значи, човек кој одел од кафеана до кафеана и играл инсерти од претстави и кажувал шеги“.

Насмевките и срдечното смеење во неколку минути се крупни работи“, објаснува на крајот професор Јелена Лужина.

Автор: Сузана Тодоровска-Павлоска

Редактор: Александра Трајковска