1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонската приказна на „Кромберг и Шуберт“

Во фабриката за автомобилски кабли досега се вработени 836 исклучиво млади луѓе, до крајот на годинава ќе бидат околу илјада, а до 2015-та четири илјади. Да се биде дел од тимот на „Кромберг и Шуберт“ е сон на многумина.

Во индустриската зона „Жабени“, на само неколку километри од Битола, се наоѓа засега единствената странска инвестиција, германската фирма „Кромберг и Шуберт“. Направен е вистинскиот потег, велат стручњаците:

„Фирмата за само девет месеци работа направи 10 милиони евра извоз и последниве два месеца веќе работи со добивка“, потенцира за ДВ една од главните менаџерки на тимот на „Кромберг и Шуберт“, која како и останатите вработени сака да остане анонимна.

Вкупна површина од 22.188 метри квадратни, а самиот производствен погон има 18.228 метри квадратни. Капацитетот е околу 2 500 вработени, а планирано е и проширување на објектот во 2014/2015 година. Моментално се работи на БМВ-модули за Мини Купер и X-1, a наскоро очекуваат работа и за Мерцедес и Ауди.

Фабрика според терк на европските

Фабриката е многу едноставна, но многу функционална градба. Изградена е по примерот на европските, обоена во сиво со жолто, што е и заштитен знак на фирмата. Во внатрешноста на канцелариите и производствениот погон се‘ е како под конец. Работниците на возраст од 20 до 35 години се облечени во едноставна работна облека, панталони и маички во виолетова или жолта боја. Ги прашавме - дали и колку се задоволни од работата?

Еден 29-годишен работник кој издава материјали за производство на каблите, видно задоволен од работата потенцира:

„Имаме добри услови за работа, според европските. Задоволен сум и од работата и од платата која редовно ја добиваме. Нашата фабрика треба да биде и е пример за останатите во Македонија.“

Straße im Zentrum von Bitola Mazedonien

Битола - кој ќе следи по „Кромберг и Шуберт“?

Млада 22-годишна работничка на машина, која седум месеци е дел од производствениот тим, вели:

„Задоволна сум од работата и условите во кои работам. За споредба со други фабрики, оваа се издвојува по начинот на водење на работата, по хигиената, дисциплината и затоа резултатите не изостануваат.“

Менаџерскиот тим задоволен од работата и првите резултати

Во изјавата за ДВ, еден 35-годишен машински инженер појаснува:

„Автомобилската индустрија за нас инженерите беше голем предизвик, бидејќи беше нешто ново во Македонија. Моја проценка е дека ние одлично се вклопивме во високите германски стандарди и ги задоволивме нивните барања. Првичните резултати се очигледни и се надевам на понатамошен подем и успех во работата.“

Неговиот колега, 39-годишен машински инженер, пак потенцира:

„Условите за работа се добри, добиваме секаква подршка од другите компании, членки на групацијата. Тоа се гледа во подобрување на резултатите во процесот на производство.“

Млада 30-годишна менаџерка со повеќе стручни доквалификации во странство, за успехот на фирмата потенцира:

„Најголема заслуга за успехот е мотивираноста на менаџерскиот тим и поддршката од колегите од другите фабрики. Важиме за едни од подобрите во групацијата. Резултатите не изостанаа, благодарение на посветеноста. Да се биде дел од тимот што создава нешто ново е привилегија што не се учи од ниедна книга. Ние поминавме големи предизвици и пред нас беа поставени големи цели, го изодевме тој пат и успеавме да направиме една успешна приказна.“

Поттик за други инвеститори

Успешното работење на „Кромберг и Шуберт“ во Македонија поттикна повеќе фирми да ги посетат и веќе покренат процедура за инвестирање во индустриската зона „Жабени“. Член на менаџерскиот тим појаснува:

„Веќе четири германски фирми беа кај нас, некои со препорака од министерот за странски инвестиции Веле Самак, а и наши добавувачи кои слушнале за Македонија. Мислам дека три од четирите заинтересирани веќе имаат потпишано договор за започнување на инвестиција. Со радост очекувам наскоро да ги добиеме првите соседи, а успешната приказна да се прошири“.