1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Македонската младина сонува за странство

Денеска во светот се одбележува 12. септември, Меѓународниот ден на младите. Младите во Македонија запаѓаат во се‘ потешка ситуација, погодени од невработеноста и бесперспективноста. Дали ќе промени нешто законот?

default

„Капитулација, конфузија, или отпор на македонскиот средношколец?“ Истражувањето под ваков симболичен и индикативен наслов, кое го реализираше Младинскиот образовен форум од Скопје, со опфат на 3607 ученици во 50 средни училишта во 13 градови, укажа на една поразителна состојба меѓу младите во земјата.

Дона Костуранова од Младинскиот образовен форум од Скопје истакнува:

„На прашањето: ’Каде се гледате себеси за 10 години?’, фрапантни 46 проценти од средношколците не се гледаат себеси за 10 години во Македонија. Средношколците попрво ќе ја напуштат земјата, отколку што сметаат дека можат да променат нешто, да бидат среќни, или да ги остварат своите амбиции во земјата.“

Правец-надвор од државата

Александар Виторовиќ, ученик во втора година во тетовската гимназија, се надоврзува:

„Тоа се споменува често кај младите луѓе, поточно кај средношколците, кои мислат дека нема услови за иднина овде, за натамошен живот. Нема никаков економски просперитет.“

Филип Павловски, ученик во четврта година во истото средно училиште, дополнува:

„Децата на моја возраст се загрижени за нивната иднина во државава: дали ќе успеат, откако ќе завршат факултет, или средно училиште. Оваа држава не ни нуди добра иднина. Кога јас би бирал, би работел надвор од неа. Значи, секако би избрал странство, пред се, Америка.“

Костуранова укажува на општата слика, произлезена од истражувањето:

„Создаваме релативно збунета, пасивна младина, која што е цинична и нема доверба во институциите, ниту во властите или во невладиниот сектор. Таа не верува дека може да смени нешто во општеството.“

Mazedonien Junge Leute Aleksandar Vitorovic Damir Neziri Filip Pavlovski

Александар Виторовиќ, Дамир Незири и Филип Павловски

Зоран Илиевски, од Прилеп, извршен директор на коалицијата на младински организации „Сега“, посочува:

„Младите во Македонија се апатични. Неопходно е да се направат промени и од страна на институциите на системот, но и од страна на невладините организации, да се обезбедат можности и простор каде што младите ќе ги зголемат своите вештини и знаења, да ги подобрат со цел да се чувствуваат како составен и корисен дел на општеството. Токму оваа апатија ги одвлекува младите од натамошен напредок, токму таа апатија влијае врз општеството.“

Анастас Вангели, аналитичар на младинската проблематика и јавните политики во Центарот за истражување и создавање политики од Скопје, истакнува:

„Ставот на многу млади е дека државата не направила конкретен исчекор за подобрување на нивната состојба и можеби затоа тие не се чувствуваат задолжени кон заедницата. Многу од нив се освестуваат и се насочуваат ,пред се, во потрага по сопствената среќа преку иселување од своето место во поголем град, или надвор од Македонија.“

„Младите како марионетки на политичките партии“

Дамир Незири од невладината организација „Институт за развој на заедницата“ од Тетово, се осврнува на едно друго истражување со младите во овој град:

„На поставено прашање, како можат да најдат најлесно работа, 46 отсто од испитаниците велат дека може најлесно да се најде работа, ако си член на политичка партија ! “

Виторовиќ додава:

„Политичките партии не‘ искористуваат, до некоја мера. Придобивањето нови членови се сведува токму на тоа: на ветувања за добра иднина и работа. Јас не верувам во тоа.“

Павловски вели:

„Поради ветувањата, кои ги добиваат од политичките партии младите нема што да се бунат и молчат како марионетки.“

Tetovo, Mazedonien


„Законот за млади – силен удар за самостојноста на младинските организации“

Илиевски напоменува што би требало, покрај другото, да се направи со законот за млади, кој се подготвува да се донесе:

„Треба да се формираат совети за млади во општините, со кои ќе се обезбеди гласот на младите да биде слушнат од страна на советниците. Треба да се формира и национален совет за млади на рамниште на целата земја, кој би бил коменаџмент – тело, во кое што младите заедно со претставниците на владините институции би расправале за одредени прашања, или за одредени законски решенија, кои ги донесуваат Владата, односно парламентот и би давале за нив свои препораки.“

Вангели предупредува:

„Донесувањето за законот за млади целосно го става младинскиот активизам ’под капата’ на официјалните институции и и‘ задава силен удар на самостојноста на младинските движења.“

Накусо, младинските организации го кренаа алармот на највисоко рамниште, кога станува збор за ситуацијата со младите во земјата.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска