1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонската мајка од куќата на Тегелорт

Доста Вегнер е Македонка и за многумина позната како - мајката од Куќата на Тегелорт. Тоа е жената која го отворила својот дом за стотина деца бегалци и каде моментно живеат млади од Виетнам, Русија, Либан, Африка...

default

Доста Вегнер

Крај Тегелското Езеро, на периферијата на Берлин, има една куќа која однадвор е обична, но одвнатре, по луѓето кои во неа живеат е - посебна. Куќата на Тегелорт, како што се вика, од почетокот на деведесеттите без прекин е дом на многу деца и мајки бегалци. И денес тука престојуваат најмладите кои илегално стигнале во Германија и кои го чекорат патот на интеграцијата и подобрата иднина.

Старт со „Македонија грил“

Главата на таа куќа, или како што сите ја нарекуваат „мајката“ е - Македонката од Лабуништа, Доста Вегнер, со моминско презиме Секулоска. Посебното е што во Берлин има само два објекта каде згрижувањето на децата бегалци им е доверено на приватни лица. И уште попосебно е што Доста која стигнала во Берлин во 1964, имала животни перипетии и професионални пресвртници какви што не сонувала. Не ја доби потребната стипендија за студиите по медицина во Берлин, но затоа го научи германскиот јазик и започна да работи во угостителството, струка на нејзиниот татко, за што кажува дека по „Ново Скопје“, ресторанот на Гојко „Македонија грил“ бил прв ресторан што го отворила една жена, Македонка и тоа со само 23 години.

Доста го водеше ресторанот полни 30 години. Во меѓувреме се омажи, ја роди ќерката Клаудија, но „Македонија грил“ бил место кое редовно го посетувале Германци и нашинци од Берлин и од татковината. Тоа биле златни времиња, се сеќава Доста забележувајќи дека на почетокот на деведесеттите без план, но со многу срце, зачекорила во социјалната бранша.

И Босанци и Срби под еден покрив

Haus Tegelort

Доста Вегнер и 15-годишната Ти Ту Трам од Виетнам

Почетокот на социјалниот ангажман на Доста се поклопи со војните во некогашна Југославија. Во Берлин стасале бегалци од Србија, од Босна... На предлог на еден нејзин сосед социјален работник, во куќата на Доста стигнале првите деца од Ју-просторот. Се грижела за нив како вистинска мајка, па во празните соби во нејзината куќа полека почнале да се полнат и така паралелно со ресторанот започнала да работи за социјалната служба и Сенатот на Берлин. Во куќата на Тегелорт прибежиште и топлина нашле повеќе десетици мајки и деца. Многумина се чуделе како под ист покрив живееле бегалци од Босна, од Србија, од Косово...

„Во оваа кука ништо лошо никогаш не се случило. Сите деца кои беа од Косово, од Босна, од Србија, Хрватска многу добро се сложуваа“, подвлекува Доста.

Доверба на патот на интеграцијата

Haus Tegelort

Сунг Дунг од Виетнамдомот на Доста Вегнер го чувствува како свој

Задача на Доста била и се‘ уште е - да ја замени мајката, да им даде емоционална топлина и да ја придобие довербата на децата кои се далеку семејството. Нејзина обврска е и да ја поддржи интеграцијата и учењето германски јазик, со што децата би имале шанса во општество. Ваквата мајчинска грижа не се заборава, зашто, како што вели Доста, има деца кои со неа минале по седум-осум години. Се сеќава на Рамиз кој сега живее во Америка, на Сабри Исмаили, Ахмед и Ремзи од Косово. Но, и на Фадиља од Босна која до денес и се јавува и ја вика мама.

Добро е што немало бегалци од Македонија, забележува Доста патем споменувајќи дека за нејзината Струга во тешките времиња донирала медицинска опрема за дијализа и хирургија...

Мулти-култи Божик

Сега со Доста Вегнер живеат десетина деца. Ги сретнавме Ти Ту Тран и Сун Дунг од Виетнам и Албер Мајуг од Русија. Како и во секој дом, така и се слави Божик и Нова година. Како и секоја мајка Доста Вегнер подготвува подароци за своите деца. На празникот заеднички се готви, се јаде и покрај виетнамска, руска и африканска, најмногу се слуша македонска музика...

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска