1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонската литература во Лајпциг - ни во ќоше!

На саемот на книгата во Лајпциг се претставуваат сите држави од Балканот освен Македонија. Со тоа, како велат познавачите, се пропушта можноста да се испрати политичка порака дека македонскиот јазик и литература постојат

По минатогодишната успешна презентација на македонската литература на Саемот на книгата во Лајпциг, годинава Македонија повторно ја нема меѓу над 2000-те излагачи од 43 земји кои го претставуваат најновото од својата книжевна продукција. Тука се Србија, Хрватска, Словенија,  Република Српска, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Романија, но не и Македонија. Според информациите кои ДВ ги доби од „Традуки“ и неколкумината македонски автори, за Министерството за култура на РМ годинава Лајпциг не бил приоритет, така што не било прифатено финансирањето на штанд и престој на неколкумината автори.
„Како непристрасен набљудувач, морам да кажам дека преку претставувањето на македонската литература и нејзините творци, владата пропушта да испрати политичка порака за постоењето на македонскиот јазик. Место да се сконцентрира на сегашноста и актуелното творештво, акцентот се става на минатото, на антиквизацијата, а вредното како литературата и нејзиното пласирање пред светот остануваат во некое ќоше“, изјави за ДВ Антје Контиус, раководител на Фондацијата „Фишер“,  која стои зад преведувачката мрежа „Традуки“ преку која во Лајпциг се претставуваат четврорица македонски автори: Ермис Лафазановски, Ким Мехмети, Јовица Ивановски и Роберт Алаѓозовски.

Mazedonische Autoren Leipziger Buchmesse 2013

Ермис Лафазановски и Јовица Ивановски првпат во Лајпциг



Книжуле место штанд

Место штанд со најновите изданија, четворицата македонски автори се претставени во книжуле изложено на просторот на „Традуки“. На германски јазик, исклучиво за Лајпциг, е преведено дел од творештвото на  Лафазановски, Мехмети, Ивановски и Алаѓозовски.
Ермис Лафазановски беше прв од авторите чие творештво завчера (14 март) беше претставено пред саемската публика. Беа читани делови од неговиот роман „Чрапешко“, во превод на Тина Фахрни. Како што  изјави за ДВ Лафазановски,  во текот на саемските денови ќе се обиде да најде германски издавач за својот роман. Дали ќе  успее - не знае, но дополнува дека има интересирање за преводи на неговите романи на полски и романски јазик, а благодарение на ангажманот на „Традуки“,  книгата им е достапна и на читателите од Србија, Хрватска и Словенија. На прашањето дали може да се живее од пишувањето и Лафазановски, а и поетот Јовица Ивановски велат дека би гладувале,  доколку егзистенцијата би им била само од пишување. Лафазановски, кој е ангажиран и во Институтот за фолклор и на Американскиот колеџ, пред непол месец ја  издаде и книгата „Историјата на луѓето кои умреа од страв“ и вели ќе се радува доколку неговото творештво стаса и до публиката од германското говорно подрачје. Во текот на фестивалските денови ќе биде читан и избор од поезијата на  Ивановски во превод на Елизабета Линднер, како и делови од  творештвото на Ким Мехмети. Роберт Алаѓозовски, пак, се претставува со статија во  списанието „Бетон“.

Mazedonische Autoren Leipziger Buchmesse 2013

Единствен преведен автор Гоце Смилевски со „Сестрата на Зигмунд Фројд“



Издавачите незаинтересирани

Многу писатели од различни јазични подрачја на Европа во Лајпциг бараат издавачи. На литературните читања,  пак,  издавачите бараат интересни автори. Какви се шансите на македонските творци да бидат преведени на германски?
„Кога го нема македонското творештво на еден штанд, па издавачите да можат да видат што се пишува и да се сретнат со авторите,  логично дека се мали и шансите некој и да се заинтерсира за превод на македонската литература!“, кусо коментира Антје Контиус која забележува дека иако „Традуки“ не е посредничка агенција  прави многу за малите јазици и преводите посебно во Југоисточна Европа. И тоа не само на германски јазик, туку на пример и од македонски - на јазиците на соседите. Така на пример  на бугарски и српски беше преведен Гоце Смилевски, со што се сака да се потврди дека македонскиот иако е мал, е свој и посебен јазик. Кога се во прашање, пак, преводите на германски, среќа е што има нова генерација преведувачи кои и‘ даваат свој акцент и сила на современата македонска литература. За македонските автори кои сепак и без поддршка од министерството стасаа во Лајпциг, со пробните преводи  ќе се подготват портфолија и ќе се направи обид да се најдат издавачи за нивното творештво.


Од целиот саем само на  штандот на берлинскиот издавач „Матес и Зајц“  беше презентиран  македонски автор, романот на Гоце Смилевски „Сестрата на Зигмунд Фројд“ во превод на  Бенјамин Лангер.
„Романот пред само неколку недели излезе од печат, така што за било какви реакции е се’ уште рано. Но, нема сомневање дека ќе има позитивен одек, зашто станува збор за извонреднен автор и дело, а публиката секогаш  има желба да види како странските автори гледаат кон Фројд. Интересно е што Смилевски беше откриен во текот на патувањето на г. Матес низ регионот, а исклучително добар е и  преводот на  Бенјамин Лангер“, изјави за ДВ Себастијан  Гуголц од берлинскиот издавач  „Матес и Зајц’ , кој  поодвлече дека се планира  германски превод на уште еден роман од Гоце Смилевски, но во моментов не и од други македонски автори.