1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Македонската економија влегува во рецесија?

Бројот индустриски работници во Македонија во мај е за шест проценти помал од истиот месец лани, во текстилната индустрија намалувањето е за 22,9 насто. Падот на економската активност е 0,9 проценти.

default

Во единствената челичарница во Македонија, „Макстил“, единствена и во регионот која не го запре производството во овие кризни времиња, владее работна атмосфера. Работниците се во погоните - ги полнат печките, раководствто во кабинетот на управната зграда ги прави проекциите за наредниот период. Но никој не крие дека се работи во грч, дека неизвесноста доминира дека не се бркаат големи успеси туку можности за стабилизација. Директорот Митко Кочовски објаснува дека во „Макстил“ сега работат 1180 работници. Иако не е предвидена редукција на бројот на работни места, работниците се исплашени.

Но, состојбата е полоша во фабриките чии производи се берзанска стока. „Фени“ работи со една печка, „Митал“ го запре производството, „Силмак“ исто така. Не работат ниту останатите погони од некогашната скопска „Железарница“. Тие се борат да опстанат додека во светот не почнат да се бараат нивните производи. Но нивната судбина е неизвесна ако опоравувањето на светската економија потрае.

Статистиката загрижува

Лошата состојба во фабриките ја потврди статистиката. Во најновите податоци е обелоденето дека се намалува бројот на работници во индустријата. Во мај годинава во индустријата имало за шест про­цен­ти помалку работници, во однос на мај 2008 година.

Finanzkrise in Polen

Текстилната индустрија-од позагрозените

"До крајот на годинава кризата може да земе поголем замав и да има уште от­пуш­та­ња", предупредува Димитар Стојановски, од организацијата на ра­бо­то­да­вци во Македонија.

Ваквите предупредувања се реални, потврдуваат и економските експерти.

Нај­го­ле­мо намалување на бројот на работници има во текстилната ин­дус­три­ја, која впрочем беше прва и најпогодена од последиците на светскaта криза, за 22,9 проценти споредено со истиот месец лани. Споредено со 2005 година, бројот на работници во текстилната индустрија е речиси преполовен.
Негативен е и растот на бруто домашниот производ во првиот квартал од годинава. Падот на економската активност изнесува 0,9 проценти. Експертите прогнозираат негативен резултат и во вториот квартал од годината, со што македонската економија официјално ќе влезе во рецесија.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска