1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонската влада со специјална седница за градежната мафија во државата

Власта почнува со уривање на дивоградбите. Градежната мафија го враќа ударот – таа се закани дури и со физичка ликвидација на министерот за градежништво, Миле Јанакиевски.

default

Над 10 илјади дивоградби во изминатата деценија. Скопје, Битола, Тетово и Охрид предничат со околу 600 импозантно изградени станови и деловни објекти, чија вредност достигнува до вртоглави 400-500 милиони евра, а државата е оштетена за најмалку сто милиони евра ненаплатени комуналии. Се појавува уште една голема градежна афера - “Фиком“ градежна фирма на еден брачен пар, за да се открие дека се оштетени над 500 семејства, со продавање двапати или трипати на еден ист стан. Во целиот скандал е вклучена и реномирана банка во Македонија која финансирала дел од оваа урбана мафија. Еден од оштетените граѓани, сопственик на земјиште во Скопје, кој бил изманипулиран од градежни мафијаши и останал и без плац и без понудените станови од пропаднатата градежна фирма “Фиком“, вели:

“Јас не верувам во толкава дрскост – да се фалсификуваат ополномоштувања, прекуноќ да се даваат одобренија за градба, едноставно да се обезбедува финансиска логистика од една финансиска институција. Недостигаат 30 милиони евра. Големите пари бараат големи играчи.“

Архитектот Бато Радоњиќ, еден од врвните луѓе во оваа бизнис сфера и сопственик на престижната градежна и проектантска асоцијација “Ајвар“, оцени:

“99% од нелегалните трансакции се извршени, според мене, од лица кои не се стручни за водење на овој бизнис. Не знам на каков начин е тој влезен, но знам од искажувањата и од медиумите дека тој гради 8,10,12 објекти. Вие рековте дека ние сме реномирана организација. Ние градиме веќе 8-10 години и немаме вкупно изградено 10-12 објекти. “

Како против урбаната мафија?

Владата е пред дилема – како против урбаната мафија во Македонија во која се вклучени градоначалници, банкари, локални архитекти, фирми и поединци кои очигледно ги перат парите од организираниот криминал. Повеќе од три години во градскиот парк во Скопје, во неговата забранета зона се гради еден од најголемте станбено-деловни објекти. Обидот да се урне само еден од катовите со илегални три илјади квадратни метри, чија пазарна вредност е над три милиони евра, доведе и до директна закана за ликвидација на младиот министер за градежништво, Миле Јанакиевски. Министрите за полиција и за надворешни работи, Гордана Јанкуловска и Антонио Милошоски реагираа:

“Има информации дека постојат сериозни закани по животот на министерот транспрот и врски. Согласно правилата за работа, ние ги преземаме сите мерки што се неопходни за заштита на неговиот личен интегритет. “

“И неофицијално, да им порача на сите луѓе кои припаѓаат на т.н. градежна мафија дека нема да има компромис за никого, дека законот важи еднакво за сите и во исто време ја повикуваме градоначалничката на општина Центар да пристапи кон уривање на овој објект.“

Јанкуловска и Милошоски во јавноста излегоа со мини владиниот кабинет како знак на владата дека е решителна да се справи со дел од урбаната мафија и да покажат решителност дека ќе го спречат дивеењето на една од најопасните мафии во урбано-градежната сфера.

Песимизам за исходот на битката

Урбаниот социолог и професор на скопскиот универзитет, Илија Ацевски, одговарајќи на прашањето дали е можно да се бие битка за спречување на владеењето на урбаната мафија, со доза на песимизам коментира:

“Тоа е систем. Вие доаѓате на власт и влегувате во системот. Тој систем вам ви нуди моќ за брзо богатење. Кој е тој што ќе почне да се расправа со тоа? Јас претпоставувам дека и оваа гарнитура на власт ќе се занимава уше неколку месеци и после тоа ќе крене раце.“

Вицепремиерот, Ставрески, денеска со решителна порака – владата нема да прави компромис со никого. Кабинетот на Никола Груевски подготвува специјално заседание по повод најновите сознанија за дивеењето на градежно-урбаната мафија во Македонија.