1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија ќе ја надмине ситуацијата

Според македонскиот претседател Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски, Македонија во Букурешт добила најголема поддршка од било кога досега. Двајцата нагласија дека земјата мора да продолжи по својот курс

default

Учесниците на самитот на НАТО во Букурешт

„На самитот на НАТО се реализира најлошто можно сценарио за Македонија“, оцени претседателот Бранко Црвенковски пред да замине од Букурешт. Тој нагласи дека сите земји, вклучително и Грција, која го попречи приемот на Македонија, јавно признале дека земјата ги исполнува сите основни услови за членство во Алијансата. „Грција го злоупотреби правото на вето“, рече Црвенковски и додаде: „решението е големо разочарување и голема неправда, но овие чуства не смеат да не‘ изместат од основниот курс“.


Црвенковски: стратегиските цели остануваат, но некои работи треба да се променат


Македонскиот претседател нагласи дека остануваат основните стратегиски цели, но некои работи сепак треба да се променат оти може да се претпостави дека слична ситуација ја очекува Македонија и кога е во прашање приемот во ЕУ. Црвенковски смета дека политиката, но и целокупниот мислечки потенцијал на Македонија треба да биде ангажиран за дефинирање на идните постапки за да се остварат стратегиските цели. „Република Македонија ќе опстои и ќе продолжи по патот што сами го определуваме. Многу грешат оние што мислат дека ќе не спречат во тоа“нагласи, Црвенковски.


Груевски: се лаже оној кој мисли дека овој потег ќе не‘ наведе на решение кое тој го сака


Премиерот Никола Груевски пак истакна дека Македонија никогаш во историјата немала толкава поддршка. „Сите земји членки на НАТО беа на нејзина страна, освен Грција“, појасни Груевски и и’ префрли на Атина дека со ветото ја крши Привремената спогодба од 1995-та година и создаде непријатна ситуација во регионот.

„Се лаже секој што мисли дека со овој потег ќе не‘ наведе на решение како што тој сака“, рече Груевски. Премиер изрази јавна благодарност до САД за огромното залагање за Македонија, но и на Словенија, Турција и сите други, кои како што рече „дадоа се‘ што беше во нивна моќ и презедоа ризик дури и од влошување на сопствените односи со Грција“. Грчкото, де факто, вето Груевски го означи како тешка артилерија во дипломатијата и како средство по кое ретко се посегнува.

„Поминавме 17 години без да бидеме член на НАТО, сме поминале и низ потешки ситуации од оваа, ќе поминеме и сега и уште повеќе ќе се посветиме на изградбата и напредокот на земјата“, рече Груевски на маргините на самитот во Букурешт.

Македонската делегација денеска заминува од Букурешт, односно предвреме го напушти самитот.