1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија ќе ги продолжи преговорите во Њујорк

Владата во Скопје со писмо до медијаторот Метју Нимиц официјално потврдила дека, и покрај тужбата против Грција во Меѓународниот суд на правдата, не се откажува од преговарачкиот процес за името.

default

Преговарачкиот процес за името продолжува

Македонија ќе ги продолжи преговорите со Грција за надминување на спорот за името, што се водат во Њујорк со посредство на ОН. Македонската влада испратила официјално писмо со кое го известува медијаторот Метју Нимиц дека тужбата против Грција пред Меѓународниот суд на правдата не значи и прекин на преговорите, изјавија за Дојче Веле владини извори. Од таму уште се вели дека наскоро владата треба да го соопшти името на новиот преговарач, што ќе го замени амбасадорот Никола Димитров, кој беше отповикан од страна претседателот на државата Бранко Црвенковски.

Инаку, одлуката за покренување на тужба против Грција пред судот во Хаг предизвикува многу реакции во македонската јавност. Засега премиерот Никола Груевски се воздржува од јавно коментирање. И претседателот Црвенковски не даде јавна оценка за тужбата, но ги посочи концепциските разлики меѓу него и премиерот Груевски околу прашањата: Како да се преговара со Грција и дали пролонгирањето на овие разговори би можело да ја одведе Македонија во изолација?

„Премиерот Груевски вели дека Македонија треба да чека пет, а можеби и десет години во статус-кво ситуација за да се зачува уставното име и за меѓународна употреба. Јас прв ќе се согласам со тоа, ако добијам одговор на прашањето: Што ќе чекаме?“, изјави Црвенковски.

Тужбата може да ги пролонгира преговорите

Nimitz in Skopje

Македонската влада упатила писмо до медијаторот Нимиц

Пратениците од редовите на опозицијата во македонското собрание денеска оценија дека тужбата на Македонија против Грција во Меѓународниот суд на правдата претставува натамошно пролонгирање на преговарачкиот процес за спорот за името. Лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференција истакна дека тужбата ја влошува преговарачката позиција на Македонија.

Најголем дел од експертите за меѓународно право во земјата ја подржуваат одлуката на владата.

„Задоволна сум од овој потег, бидејќи во изминативе две години го потенцирав фактот дека Македонија треба да ги искористи токму овие објективни правни сретства што стојат на располагање“, вели Јана Лозановска, аналитичарка од организацијата Евро Балкан.

Според универзитетскиот професор Тони Десковски, Македонија, со поднесувањето на тужбата, истовремено се обврзала да се придржува кон своите обврски од Времената спогодба со Грција.

„Една од нив е и преговарањето со Атина за спорот околу името“, истакнува Десковски. Тој на почетокот на годината, пред самитот на НАТО во Букурешт, и’ сугерираше на македонската влада да покрене постапка против Грција во Меѓународниот суд на правдата, за да спречи Атина постојано да го користи правото на вето за да го блокира приемот на Македонија во НАТО и Европската Унија.