1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија ќе биде членка на НАТО, на овој или оној начин...

Интервју со Срѓан Керим, претседател на Генералното собрание на Обединетите нации, кој не ја исклучува можноста вгодина да се кандидира за претседател на Македонија

default

Срѓан Керим

Господине Керим, безмалку десет месеци сте претседател на Генералното собрание на Обединетите Нации. Што е она што ќе остане како ваш “потпис”, ваш придонес во Светската оргaнизација која последниве години се соочува со многу предизвици?

Керим: „Токму затоа што се соочува со многу предизвици Светската организација мора да има одговори на тие предизвици и еден активен однос кон нив. Поттикнат од еден ваков пристап и сознание, јас им предложив на земјите членки , уште во периодот кога се подготвував за преземање на функцијата, да го оптовариме Генералното собрание со релевантни теми и прашања како што се климатските промени, милениумските развојни цели, финансирањето на развојот, борбата против тероризмот и реформите на Светската организација и системот на ОН . Тоа беше прифатено и се спроведува како дневен ред. Мислам дека ове е едно исклучително динамично Генерално собрание. Работи во континуитет и сигурен сум дека ќе остави траги меѓу земјите членки. Тоа и го чувствувам. Имам големо дипломатско искуство и нескриено можам да кажам дека чувствувам големо задоволство и сатисфакција од фактот што земјите членки со еден мошне активен и конструктивен однос не само што ги поддржуваат овие теми, туку се обидуваат на сите начини да дојдат до компромисни и добри решенија. Ова го покажуваат сите овие тематски дебати. Второ, мислам дека е многу добар приодот на самите земји членки што излегуваат со сопствени иницијативи, предизвикани токму од курсот на активност што го иницирав и што даваат сопствен придонес за многу теми и прашања. И трето, што ангажирав голем број познати личности од светот на бизнисот, уметноста филмот...Бидејки преку такви личности како Тед Тарнер сопственикот на СНН, Ричард Брансон сопственикот на Верџин, голем број познати артисти кои ги знаеме само како холивудски ѕвезди, а помалку како луѓе кои се подготвени секогаш да се ангажираат за хуманитарни цели и афирмирање на вредностите врз кои почиваат Обединетите нации. Нивното ангажирање не е пресметано на евтина популартност, туку на сознанието дека пораките што излегуваат и се испраќаат од нив наидуваат на многу поголемо разбирање и резонанца на луѓето од светот. А тоа е и целта - ОН треба да им служат на луѓето во светот и светската јавност и преку такви личности постигнуваме многу добри резултати. И конечно, сепак името на Македонија и се она што е врзано за моето потекло и припадност има свое значење бидејќи на тој начин се афирмираме и како земја не само во рамки на Обединетоте Нации туку и во пошироката светска јавност. Јас патувам низ сите земји и еве како сега во Германија, имам прилика да видам со каков интерес и чувство на одговорност и заинтересираност луѓето ги примаат сите тие настапи, како и ова во Германското друштво на обединетите нации. Да видиме што се оди во прилог на афирмација на нашата држава како конструктивен активен член на меѓународната заедница, што само може да ја зајакне меѓународната позиција на Република Македонија“.

Во истовреме откако сте на функцијата во Светската организација, под капата на ОН се интензивирани преговорите за решавање на спорот со името што Македонија го има со Грција. Како го гледате вие решението? Може ли за ова последниот збор да го има народот, со оглед на најавите за референдум од страна на ВМРО-ДПМНЕ?

Керим: „Тоа прашање е од егистенцијален карактер за Република Македонија и има секако и внатрешно и надворешна политичка димензија од капитално значење. Според тоа мора да му се пристапи со сета сериозност и да се согледаат сите можни аспекти како да се реши позитивно, а при тоа да не бидат нарушени националните интереси и идентитот на македонската држава. Значи сите мерки што водат во таа насока и што можат да дадат ефекти се добредојдени и затоа мислам дека сите оние кои учествуваат во процесот на одлучување - како да се реши тој спор од наша страна, мора да водат сметка при формирањето на нашиот пристап и нашата стратегија во овие моменти“.

Решавањето на спорот со името стана политички критериум и за членството на Македонија во НАТО? Ќе успее ли земјата да го фати чекорот и до наредниот самит на Алијансата да ја добие очекуваната покана?

Керим: „Мислам дека би било погрешно и тактички неповолно за нашата држава да го редуцираме прашањето на членство на НАТО само спорот околу името со Грција. Бидејќи Грција е една членка, а има уште 25-26 други кои имаат поинакви гледања. Важно е да се концентрираме на тоа соработката со НАТО, односот на Македонија со НАТО да не бидат пореметени и покрај овој реален и сериозен спор. И да не дозволиме тој да фрли сенка врз она што е наша извесна иднина - дека Македонија ќе биде членка на НАТО, на овој или оној начин“.

Колку според вас е реално до есен да се донесат пресостанатите 150-тина закони, битни за добивање датум за преговори за членство со ЕУ?

Керим: „Императив за секоја македонска влада , па и и за оваа што ќе победи на наредните избори е што мора да се раководи од тој принцип - дека се она што ќе го правиме во законодавството, во однесувањето, во организирањето на нашата држава, во начинот на размислувањето, во однесувањето кон нашите меѓународни обврски, било да се работи за ЕУ, НАТО или Обердинетите Нации, - мора да биде постојано земено передвид, како критериум и да се разбере дека патот на Македонија кон ЕУ води кон доследно, јасно, конзистентно следење на се она што се стандарди и барања од ЕУ . Но, притоа се разбира водејќи смета за нашите интереси, нашиот национален идентите и се она што може и Македонија да придонесе утре како идна членка на ЕУ“.

В недела во Македонија се парламентарните, а в година и претседателските избори. Дали во вашата агенда за 2009 е кандидатурата за претседател на Македонија?

Керим: „Во мојата агенда тоа не е. Меѓутоа, ако има интерес и потерба за мој ангажман, тој збор ќе го кажат оние што се повикани кај нас тоа да го направат - политичките партии . И сигирно дека ако постои таква понуда или размислување ќе го земам сериозно предвид при плнирањето на моите идни активности за кои како што реков не е нешто што самиот го планирам. Но, се разбира се работи за толку одговорна и важна работа за нашата држава, што не би одбегнал таков вид на разговори, како што и до сега тоа сум го правел - како долгогодишен амбасадор, поранешен министер никогаш не сум бегал од одговорности кои биле за доброто на Македонија, така што не би бегал, доколку се разбира, има една сериозна намера и потреба за тоа . Меѓутоа ниту намерата ниту потребата нема да потекнат од мене“.