Македонија ќе биде атрактивна за инвеститорите | Теми на денот | DW | 18.10.2006
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Македонија ќе биде атрактивна за инвеститорите

Интервју со македонскиот премиер Никола Груевски,по повод неговата посета на Германија,кое го води Нада Штајнман

Груевски со германската канцеларка Ангела Меркел

Груевски со германската канцеларка Ангела Меркел

-Господине Груевски,дојдовте да поставите сигнали,добивте сигнали од Германија,какви?

„Дадовме позитивен сигнал и примивме уште попозитивен сигнал,се разбира во рамките на можностите и на ограничувањата што се присутни во овој момент во Унијата.Јас сум задоволен од оваа посета,градиме добри односи со Германија,таа е наш одличен партнер,соработник и мислам дека во иднина ќе биде и уште повеќе.

Средбата со канцеларот Ангела Меркел,со државниот министер за надворешни работи и сите средби што ги имавме ми даваат право да кажам дека имавме добра посета во Германија,дека во неа можеме да гледаме наш сојузник и пријател,сигурно дека овие добри односи ќе ги искористиме за уште поголема соработка во иднина.“

-Добивте ли охрабрување за зачленување во ЕУ,дали има конкретни работи?

„Има две работи,два момента.Едниот е дека ние мораме да работиме на нашите реформи и да ги правиме побрзо отколку што тоа се правело досега.Им кажавме дека ние сме свесни за тоа,дека не само Германија,туку и сите држави во ЕУ го посакуваат и го бараат тоа од нас,тоа е домашната задача.Втората работа е моменталната ситуација во Унијата,која е во одредена криза во однос на прашањето на проширувањето,но тоа е повеќе психолошка ситуација,во која има страв,а тој е психолошка категорија.Порано имаше страв дека со влегувањето на Полска,Чешка ,Унгарија и т.н. ќе дојде до голем проблем во Унијата,дека којзнае колкав број луѓе од тие држави ќе се преселат во Унијата и дека ќе дојде до пад на економијата.Тој страв се чини дека сега е надминат,зашто до такви крупни пореметувања не дојде.Сега стравот е насочен кон Романија и Бугарија,дека нивното влегување е пребрзо,дека тоа многу брзо ќе се почувствува,дека погрешиле што толку брзо ги примиле во Унијата и дека тоа можело да биде изведено подобро.Јас сум убеден дека во првите неколку месеци од наредната година ќе биде надминат и овој страв,дека Бугарија и Романија ништо нема да пореметат во Унијата и дека ќе продолжат процесите онака како што беа претходно и со Хрватска и Македонија,а во некое догледно време и со другите балкански држави кога ќе ги направат потребните реформи.“

-Германија активно работи на решавање на статусот на Косово,и Македонија е заинтересирана тоа што побрзо да се реши,дали можеме да очекуваме брзо решение,што разговаравте околу тоа?

Разговаравме за можни сценарија кои би биле со решавање на финалниот статус на Косово,според она што го слушнав тука и според разговорите што ги водевме,се чини дека околу Нова година,или јануари или февруари ќе има некаков финален документ,финален статус,прерано е да се зборува за детали.Тие многу сакаа да го чујат и нашето мислење,да сондираат мислење на луѓе и политичари кои што живеат во регионот,кои секојдневно се соочуваат со проблемите на теренот, во правец на Косоварите,Албанците,Македонсците,Србите и т.н. Ние им го кажавме нашето мислење и мислам дека се задоволни.“

-Во меѓународната комуникација и другите имаат проблеми со името на Македонија,Германците поведоа една иницијатива минатата година за упростување на целата процедура околу името,дали Германија ве поддржува на овој план?

„Ние како нова влада потсетивме на иницијативата на Парламентот и препораката што ја даде до владата,иако таа не е обврзувачка за неа,владата има свои политики и тие се детерминирани од односите внатре во Унијата,каде што полноправна членка заедно со Германија и со другите е и Грција.Но,ние потсетивме на таа препорака и колку е важно да се забрза и решавањето на ова прашање,како што тоа го направија и САД,Русија,Кина,сите три членки на Советот за безбедност на ОН,како што тоа го направија околу 110 држави кои се исто членки на ОН.Ние имаме разбирање за проблемите кои ги има Грција со нашето уставно име,имаме постојани дискусии со нив во Њујорк и во Вашингтон и ќе ги прподолжиме тие дискусии,меѓутоа имаме и сопствен став во однос на нашето уставно име кое верувам дека како и 110 други членки на ОН,така во иднина ќе почнат да го почитуваат тој став и земјите од ЕУ.“

-Како млад политичар Вие дојдовте со нови идеи,акцентот беше врз врз економијата.Што планирате?

„Ние кажавме дека наскоро ќе станеме држава која ќе биде даночно најконкурентна во Европа,дека ќе имаме најниски даноци,дека ќе имаме рамен данок,дека во моментов сме веќе држава која е многу атрактивна по цената на работната сила,која е поатрактивна и од Источна Кина,каде што е концентриран поголем дел од индустријата,дека сме држава што има договори за слободна трговија со многу земји,вклучително со сите држави во ЕУ.Тоа значи се што ќе се произведе во Македонија,во ЕУ се извезува без да се плаќа царина во државите кои и припаѓаат,ние сме земја кандидат за членство во ЕУ и која нуди специјални поволности за инвеститорите,мислам дека тоа наиде на голема заинтересираност исто како во Брисел кај господин Солана,така и тука,многу луѓе го коментираат тоа дека државата во наредните месеци ќе стане многу атрактивна за странските инвеститори.“