1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија ја тужи Грција

Онлајн изданието на „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ во текст со наслов „Mакедонија ја тужи Грција“ пишува дека спорот околу името и натаму се заострува. Повод за тужбата е блокирањето на приемот на Македонија во НАТО

default

„Во понеделник македонската влада поднесе тужба против Грција пред Меѓународниот суд на правдата. Судот со седиште во Ден Хаг е главен правосуден орган на ОН. Тужбата се однесува на тоа дека владата во Атина, наспроти залагањето на сите останати членови, го блокира приклучувањето на балканската држава кон НАТО.

Затоа и пропадна приемот на Македонија на самитот на алијансата во Букурешт во април годинава, и покрај поддршката што ја даваа САД и иако земјата формално ги исполнуваше условите за приклучување.

Во соопштение на македонската влада во врска со тужбата пред Меѓународниот суд на правдата, се вели: „Двете соседни држави, под покровителство на ОН, во 1995 година потпишаа Времена спогодба, со која Грција се обврза да не го попречува приемот на Македонија во меѓународни организации, доколку е под провизорното име „Поранешна Југословенска Република Македонија“.

Правните советници на македонската влада велат дека Грција, со спречувањето на приемот на Македонија во НАТО под привременото име „тешко ја прекшила“ Времената спогодба од 1995 година. Раководител на македонскиот советнички тим е хрватскиот професор по меѓународно право Будислав Вукас.

И покрај грчкиот став, Македонија, од прогласувањето независност во 1991 година до денес, е веќе призната под уставното име од страна на повеќе од 120 земји, меѓу кои и САД, Русија, Кина и Индија.

DW.COM