Македонија ја нема на кипарската агенда | Македонија | DW | 04.07.2012
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија ја нема на кипарската агенда

Македонија не е спомната во програмата на новиот претседавач со ЕУ. Според експертите ова значи дека нема да има поместувања на земјата во насока на ЕУ, зашто неформалните рамки носат и неформални обврски, без напредок!

„Кога ја гледам агендата, програмата за работа во текот на кипарското претседателство со ЕУ,  Македонија никаде не е спомната! Ова е тажно, исто како што не се тематизирани ни Босна и Херцеговина,  ни Косово - трите земји кон кои политиката на проширување на Европската Унија унија има драматични пропусти“, изјави за Дојче веле др. Оливер Шварц, експерт за европската политика на катедрата Жан Моне на Универзитетот Дуизбург Есен.
Со оглед на  позитивните оценки од страна на Европската комисија и започнатиот неформален дијалог со ЕУ на високо ниво го прашуваме Шварц:  може ли Македонија и покрај тоа што не е на агендата на кипарското претседателство да добие европска поддршка во надминувањето на спорот со Грција или евентуално и старт на пристапните преговори?

Oliver Schwarz Experte für EU Erweiterung Universität Duisburg-Essen

Потребни се јасни позиции од страна на претседавачот со ЕУ и Комисијата за Македонија! Доктор Оливер Шварц


„Се’ додека разговорите останат во неформални рамки, не гледам никаков значителен напредок. Значи, Македонија мора да се најде на официјалната агенда. Мора конечно, како во случаите на Хрватска и Словенија, да има јасна позиција од страна претседавачот со ЕУ. Мора и Европската комисија посилно да се обврзе како посредувач. И се’ додека ова не се случи, се’ додека нема некој европски актер кој ќе сигнализира подготвеност да се вклучи во преговорите, покрај Обединетите нации, не гледам големи шанси за напредок“,  е скептичен, но јасен др.Оливер Шварц.

Кипар е лојален на Грција

Дека и во наредните шест месеци нема да има големи поместувања на Македонија во насока на ЕУ смета и др. Гунтер Зојферт, експерт за надворешната политика на ЕУ од Фондацијата за наука и политика од Берлин. Тој е познавач на Кипар и вели дека и покрај добрата подготвеност за шестмесечниот европски ангажман, политичката сила на Република Кипар е ослабена поради тоа што и самата е финансиски зависник на европскиот механизам за спасување на должниците. Но, бирократската работа и натаму ќе се одвива за темите кои се на дневен ред.
„Кипар најави дека ќе посвети внимание и на политиката на проширување на Европската унија, но јас лично мислам дека ова е повеќе  формално. На пример - Кипар блокираше 6 поглавја на Турција, што е потврда дека со проширувањето нема да се стаса далеку. Што се однесува до проширувањето на Балканот и конкретно на Македонија, знаеме дека Република Кипар и Грција токму во последниве месеци и години взаемно позасилено се потпираат. Поради ова, тешко можам да си замислам дека  Република Кипар ќе направи нешто во спорот со името за Македонија, што би било против интересите на Грција“, објаснува за ДВ, доктор Зојферт.
Значи ли ова дека во проширувањето ќе има шестмесечна пауза?!
„Не мора да значи! Преговорите ќе продолжат, на пример со Србија, но не верувам дека ќе има иницијативи во насока на Македонија“, коментира за ДВ др. Гунтер Зојферт од Фондацијата за наука и политика од Берлин.