1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Самостојност на Македонија

Македонија ја заслужи независноста, но не ја оправда

Новинарството беше приврзaно кон идејата за суверена Македонија и демократија, оценува новинарот Ерол Ризаов. Тој објаснува и зошто Турција најави, дека прва ќе ја признае Македонија, но Бугарија беше побрза.

default

Ерол Ризаов

Вистинска слика за дводецениската самостојност можат да дадат само историчари, кои не се идеолошки оптоварени. „Ние како актери и хроничари на целиот процес на раздвојување и стекнување независна држава, бевме сведоци на тектонски промени. Затоа се’ уште неможе непристрасно да ги оценуваме настаните и личностите битни за текот на третата македонска држава, по Илинденската и Асномската“, вели Ерол Ризаов.

Улогата на политичарите и медиумите

Тој потсетува дека Македонија на мирен начин се раздружи од екс-Југославија. „Македонија на мирен начин стана независна држава, без ниедна жртва. Toj историски факт се должи, не само на настаните што се случуваа во Македонија, туку и на личностите, кои тогаш беа на власт, и на медиумите. Медиумите по мое длабоко мислење, некаде од 1985 година до 1995 година, одиграа многу значајна улога во македонската, не само самостојност, туку воoпшто во демократизацијата на Македонија. Сите, директори, главни уредници, влијателни новинари беа определени, по мое длабоко убедување за демократско општество. Последната социјалистичка, комунистичка влада и парламент исто така имаат многу голема историска улога, бидејќи ги донесоа сите подготовки, сите закони, за мирно предавање на власта“.

Тој е еден од најистакнатите новинарски пера, кој започна во весникот „Нова Македонија“, а беше главен и одговорен уредник. По нејзиниот распад, стана основач на „Утрински весник“, каде и денеска е неделен и остар аналитичар на македонските политичко-економски движења и процеси.

Symbolbild Jugoslawien Zerfall NO-FLASH

„Независноста е заслужена, но дали ја оправдавме? Моите оценки, она што јас го пишувам денес, за жал мислам дека граѓаните на Македонија, а повеќе политичките елити на Македонија, не ја оправдаа независноста. Не ја оправдаа, затоа што резултатите што ги имаме во овие 20 години се полоши отколку на нашите соседи, кои тогаш имаа полоши резултати од нас. Стратешките цели, ЕУ и НАТО не се остварени. Нашите соседи, кои беа во полоша позиција, ги остварија. За Македонија, не ги убрзавме процесите историски, не ја унапредивме демократијата во Македонија и Македонија не може да ги достигне стандардите од 1989 година, најкризната година на Југославија“, објаснува Ризаов. Тој вели дека тогашното новинарство беше подемократско ориентирано. „Млад борец“ отвори големи табу теми од комунистичките пресметки, што на „Нова Македонија“ и овозможи да ги отвори досиејата на Ченто, Фотев.

Македонија имаше јасен став: нема влегување во скратена Југославија

Karte ehemaliges Jugoslawien Slowenien, Kroatien, Bosnien und Herzigowina, Serbien, Montenegro, Kosovo, Highlight: Mazedonien,

Ризаов ја објаснува и пред референдумската атмосфера. „Македонскиот став беше јасен. Нема влегување во скратена Југославија, без Словенија, а подоцна и Хрватска. Тогашното раководство многу јасно и децидно, мислам дека Петар Гошев, тоа го кажа. Новинарството за наша среќа, беше чекор пред политиката. Мислам дека новинарите побрзо се определија, дека Македонија оди кон независност и дека таа независност, треба политички да се одработи, бидејќи не беше лесно во такви услови да се одработи гласањето на референдум за независност.“

Турчин по националност, Ризаов постојано работеше во весници на македонски јазик, стана препознатлив и по серијата интервјуа со водечки политичари, државници и интелектуалци од цел свет, што ги направи во деведесетитте години.

Непосредно по референдумското изјаснување, Ризаов во Анкара го интервјуираше тогашниот премиер Сулејман Демирел, по што ја јави веста дека Турција прва и веднаш ќе ја признае независна Македонија, поради турското малцинство и стратешкиот интерес за нејзино постоење на Балканот. Турција е единствена земја, која остана доследна на почитувањето на македонското име и националните идентитетски прашања, вели Ерол Ризаов. Тој вели дека во директен контакт со Демирел добил објаснување дека Турција прво ќе ја информира Грција, како сосед, дека ќе ја признае Македонија под нејзиното име, што Демирел го направи на форумот Давос, каде го информирал Мицотакис за одлуката на турската влада.

Ризаов против поделбата на патриоти и предавници

Mazedonien TV Alfa

Коментаторот на „Утрински весник“ Ерол Ризаов не ја прифаќа актуелната поделба на новинарските имиња на патриоти и предавници, поради изнесените гледишта околу опциите за решавање на спорот со името. „Огромно мнозинство се против промена на името на државата. Еден голем дел сакаат прагматизам и сакаат од тоа да се направи ситуација да влеземе во ЕУ. Власта, владата е таа што треба да го реши проблемот.“

Распадот на моќните медиумски монополи на почетокот од транзицијата, „Нова Македонија“ и МРТВ, Ризаов ги објаснува со нивна неприлагоденост кон општествените и економските промени. Недостигаа модели за нивна трансформација, немаше медиумски менаџери, оценува Ерол Ризаов, еден од ветераните на македонскиот журнализам и хроничар на многу настани од распадот на Југославија и формирањето на самостојна Македонија.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска