1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Македонија - јазична лабораторија“

И во минатото и во ерата на светската глобализација во Македонија има заемни јазични влијанија меѓу етникумите во земјата. Процесите придонесуваат и за јакнење на врските меѓу етникумите.

default

Јазикот и неговите влијанија

Интерференцијата – заемното влијаење на јазиците во Македонија, во пошироката балканска рамка е процес присутен со векови, кој продолжува и во ерата на глобализација.

Светски истакнатиот славист и македонист Виктор Фридман, професор на Универзитетот во Чикаго, во предавањето, деновиве, на Штуловиот универзитет во Тетово, истакна: „Македонија, како место на добро и мирно јазично соживеење и на мултијазичноста, има многу нешта да и‘ понуди и да и‘ покаже на Европа, која нема таква повеќејазичност како на овие простори.“

Етнички комуницирања наспроти јазичните разлики

Убавка Гајдова, професорка од катедрата за македонски јазик на Државниот универзитет во Тетово, објаснува на што се должи меѓусебното влијаење на јазиците: „Промени во јазиците се правени поради потребата луѓето да комуницираат и да се разбираат. Ако таквите промени се случуваат и натаму од тие причини, тогаш е нормално што ќе постои такво позитивно влијание.“

Studenten - Uni Skopje

Филолошкиот факлутет во Скопје

Агим Полјоска, професор на катедрата за превод и толкување на Филолошкиот факултет во Скопје, во една своја студија утврдил дека во македонските и албанските дијалекти во југозападниот дел на Македонија се користат се’ уште исти зборови од старобалканско потекло, зборови од латинскиот, грчкиот, романскиот и албанскиот, како и од словенските јазици. Тој дополнува: „Тој број се движи од 380 до 600 лексеми, зборови. Јазичните контакти во денешно време на дијалектно рамниште, исто така, се карактерични особено за двојазичните и повеќејазичните средини.“

„Македонистичка вечер“ - традиција

Значаен практичен придонес кон одржувањето и збогатувањето на јазичните врски веќе пет години дава катедрата за македонски јазик на тетовскиот државен универзитет, на која има и студенти Албанци. Традиционалната манифестација, наречена „Македонистичка вечер“, која на крајот на оваа академска година се одржа минатиот викенд, повторно го покажа таквото доближување, повторно покажа како можат да комуницираат двата народа, македонскиот и албанскиот, иако нивните јазици се различни.

Universität von Tetovo, Mazedonien

Универзитетот во Тетово

Студентите Албанци и нивните колеги Македонци заедно презентираа извадоци од трудовите на „Македонскиот литературен кружок“ во Софија, во Бугарија, од пред околу 80 години: „Гласот на вистината за Македонија треба да се чуе колку е можно подалеку и погласно во светот...“, како и стихови на Вапцаров: „Над мојата земја пролетта со сјај се плиска (...) “, рецитирани на македонски и албански јазик.

Самите студенти велат: „Јас сум Албанец, но сум раснел со двата јазика, и албанскиот и македонскиот. Мислам дека тоа не е ништо лошо, туку дека запознавањето на јазикот на другиот не‘ зближува.“

„За мене значи премногу тоа што сум студент и дел од таа програма. Ова е вистинскиот избор.“

„На овој начин ќе се растури тој ѕид што можеби постои за некои, за оние кои прават разлики меѓу етничките групи.“

Заемните јазични влијанија ја јакнат внатрешната етничка кохезија

Професорот по македонски јазик и култура на изразувањето на Педагошкиот факултет во Скопје, Васил Дрвошанов истакнува дека не запираат лингвистичките релации меѓу етникумите во Македонија и посочува: „Еден американски лингвист Македонија со право ја нарече ’јазична лабораторија’.“

Експертите заклучуваат: „Интерферирањата, заемните влијанија меѓу македонскиот, албанскиот, турскиот, влашкиот и другите јазици во Македонија се процес не само со јазично влијание, туку дека е тоа и интегративен фактор, кој придонесува и кон јакнењето на внатрешните кохезивни врски меѓу етникумите во земјата.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска