1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија - школски пример за „авторитарно искушение“

„НЦЦ“ во текстот „Никола Груевски - малиот диктатор“ пишува дека Груевски, кој е на власт од 2006 година, во земјата „инсталираше полуавторитарен режим“. Во тоа, според весникот, му помага грчката политика на блокада.

„Кога во Брисел и во европските главни градови станува збор за Западниот Балкан, Македонија е ретко тема.(...) За меѓународните медиуми Македонија е непознат терен. Само монументалниот проект за обнова на градот 'Скопје 2014', еден вид национален тематски парк, одвреме навреме привлекува новинари во земјата: Овој обид да се скрои историски идентитет, предизвикува исмејување.

Скапи подароци

Напротив, Македонија е тема, дури школски пример, кога станува збор за трендот, кој политикологот од Грац Флоријан Бибер го опишува како 'авторитарно искушение' на Југоисточна Европа: слаби држави, чии институции се користени од владејачките партии, за да се згрижат приврзeниците и со перманентни кампањи идеолошки да се држат будни. Бидејќи медиумите се зависни од владата и правосудните органи се слаби, во јавниот простор во кој доминира државата опозицијата е успешно потисната на маргините. Овој модел во нијанси се етаблираше од Грција до Унгарија, од Србија до Романија во и вон ЕУ.

Она што Македонија ја чини специфична е консеквентноста со која премиерот Никола Груевски етаблираше авторитарна полудемократија. Од 2006 година тој е премиер (...) Неговото владеење почива на три потпори: една идеологија на закана однадвор и одвнатре, една хомогена историска слика за националната заедница како и ефикасна контрола на институциите и медиумите. Сето ова чини скапо, и токму тоа е Ахиловата пета на системот. Тој функционира само, додека послушниците материјално можат да бидат обезбедени. Во економски слабата Македонија долгорочно ова станува проблем.

Logo: Neue Züricher Zeitung, NZZ

Часот на раѓањето на системот беше 3. април 2008 година. На самитот на НАТО во Букурешт, барањето за прием на Македонија беше прескокнато поради заканите за вето од Грција. Со тоа беше јасно дека евроатлантската интеграција на Македонија ќе биде блокирана за долго време. По прогласувањето независност на поранешната југословенска република во 1991 година Грција се противи, новата држава да го носи името Македонија.(...) Додуша двете држави во 1995 година склучија договор, во кој Македонија се одрекува од какво и да е зголемување на територијата и Атина се обврза дека нема да стои на патот на пристапот на соседот во меѓународните организации. Меѓутоа Атина не се придржува до тоа. Македонија оттогаш сѐ повеќе запаѓа во нездрава изолација.

Само до пред неколку години земјата се сметаше за успешна приказна“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“ напоменувајќи го Охридскиот договор, со кој под притисок на Брисел и Вашингтон беа договорени реформи. „Тие го зголемија учеството на Албанците во државата, без да се стави под знак прашање нејзиното единство. Напротив, како резултат на тоа се зајакна друг развој: Политичките елити на Македонците и на Албанците неформално ја поделија државата и ја контролираат преку нивните партии. Во општеството се продлабочува сегрегација.

Национален кич

Груевски во Грција има непријателска слика, која ја култивира со страст, најубедливо во проектот 'Скопје 2014'.(...) Пораката е јасна: Овде живеат потомците на еден антички народ. Дека култот по Александар ја отежнува спогодбата со од кризи и диктати за штедење понижениот сосед Грција е јасно. Но, можеби Груевски воопшто не го интересира спогодба. Оти блокадата од Атина му ги заштедува реформите, кои би биле неодминливи со почеток на преговори со ЕУ. (...)

Млади луѓе со нови идеи

Опозицијата против 'Скопје 2014' донесе нови протестни движења, вон традиционалните партии.(...) Она што ги поврзува претежно младите луѓе (Македонци и Албанци) се желбата за градски стил на живеење и одбивање на етнички заснованото владеење на етаблираните партии. Меѓутоа досега не постигнаа многу. (...)

Во слепа улица

Македонија се наоѓа очигледно во опасна слепа улица. Постојаното одвраќање од ЕУ-интеграцијата го зголемува ризикот од интеретнички конфликти. И веќе е сомнително, дали земјата сѐ уште ги исполнува критериумите за преговорите за пристап, дури и без грчко вето. Што да се стори? Наместо решението за името да се земе како предуслов за преговори за пристап, тоа би требало да биде на крај, последен услов за пристап во ЕУ. Надежта е оправдана, дека во долгите години на преговори со Брисел ќе се иницира општествена промена, која ќе го оменкне аворитарниот систем на Груевски,“ заклучува „НЦЦ“.