1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија уште трага по својот имот низ поранешна СФРЈ

Две децении по осамостојувањето Македонија нема целосна слика за имотот во станови и деловни простори кои останаа низ поранешна Југославија. Овој процес се води надвор од сукцесијата на заедничкиот имот на СФРЈ.

default

Станови, канцеларии, претставништва, стоковни куќи, продавници и одморалишта на некогаш моќните македонски фирми останаа како заложници на распадот на поранешната држава. Многу од нив во времето на транзицијата беа заборавени или намерно непопишани за да се намали вредноста на претпријатијата кои во Македонија се продаваа на Берза.

„Од тие причини одредени имоти кои биле во поранешните ју – простори не биле прикажувани во делбениот биланс, поточно во приватизацијата за да не влезат во главнината, за да не се зголеми капиталот на фирмата“, вели директорот на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор, Цветко Грозданов.

Cvetko Grozdanov Leiter des Wohnungsamtes Mazedonien

Цветко Грозданов

За да се купат фирмите, некои ги жртвувале имотите

Ова е една од главните причини што за дел од тие имоти кои и денес имаат голема вредност се водат долги судски процеси за Македонија да си ги врати назад. Владата на Македонија одлучи откако ќе заврши процедурата за враќање на имотот Акционерското друштво за станбен и деловен простор да располага со него. Друштвото сега води судска постапка, а дел од имотите кои некогаш биле македонски, се презапишуваат во катастар и се прават напори да бидат повратени. На листата досега се водат сто шеесет и еден објект за враќање, но бројката не е конечна, вели директорот Грозданов:

„Во Србија имаме шеесет и три такви објекти коишто можеме да ги повратиме и започната е правна процедура. Во Црна Гора се девет,во Хрватска осум, во Босна и Херцеговина единаесет, во Словенија три, во Косово осум објекти. Некои се наоѓаат на поатрактивни, некои на помалку атрактивни места за живеење или се работи за деловни простории кои можат во иднина да бидат искористени“.

Дел од имотот ќе се чува и издава, а дел штом ќе бие преземен, ќе се продава

Дел од имотите зјаат празни или насилно се присвоени, а особено во становите се регистрирани дивовселени станари на кои во судска постапка им се дава разумен рок за иселување. Случаите ни малку не се лесни открива Грозданов и додава:

Slovenien Ljubljana Karte Pin Stecknadel

Дел од објектите се наоѓаат и во Љубљана

„На пример во строгиот центар во Љубљана имаме осумдесет квадратни метри канцелариски простор. Со имотниот лист го запишуваме во катастарот во Словенија од ЕМО – Охрид во имот на Акционерското друштво со станбен и деловен простор. Такви имоти се евидентирани и од: „Газела “ и од „Агромеханика “ Скопје, „Отекс “ – Охрид, од „Транскоп “ – Битола и од „Треска – мебел “ коишто се расфрлани по републиките од некогашната Југославија“.

Друштвото со дозвола од владата, односно Комисијата која го следи процесот на повраток на имотот дел од нив ќе ги дава под закуп или кирија. Но дел од руинираните простори и станови, за кои се потребни поголеми инвестиции, најверојатно со јавно наддавање ќе ги продава. Голема пречка се различните законски решенија кои се на сила во поранешните ју – републики. Некаде домицилните власти соработуваат и помагаат, други пак оставаат Акционерскто друштво со ангажирање адвокатски канцеларии да се бори со домашниот правен лавиринт.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Ж.Ацеска