1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија- трета во светот по гледање телевизија

Со дневно гледање од 288 минути домашни и странски ТВ-програми, македонските граѓани се трети во светот. Во земјата со само два милиона жители има дури 75 национални и локални ТВ-станици.

Веќе десеттина години по ред во Македонија се случува интересен социолошки и комуниколошки феномен: цели слоеви на населението – домаќинки, пензионери, невработени, „социјалци“ - со часови седат покрај телевизиските екрани и ги гледаат програмите. Според најновата студија „Телевизија- клужни меѓународни факти“ на интернационалната маркетинг агенција „ИП нетворк“, (компанија ќерка на медиумскиот групација РТЛ) граѓаните во Македонија во 2011-та година просечно гледале 288 минути разновидни програми од домашно и странско производство во текот на едно деноноќие. Пред Македонците се само Србите со 308 и граѓаните на САД со 290 минути следење ТВ – програми. Иако ова е пад од едно место за разлика во споредба со последната студија на „ИП нетворк“ од минатата година, сепак феноменот „телевизиоманија“ и натаму е важен белег на македонското секојдневие.

Во земјата има и 64 оператори на јавни комуникациски мрежи за пренос на аудио – визуелни содржини и околу 90 регистрирани програмски пакети на кабелски оператори, некои  и со 80 странски програми.

Телевизијата- замена за дружење, читање...

Снежана Трпевска, истражувач на телевизијата од Високата школа за новинарство и односи со јавноста во Скопје, коментира: „Се’ поголемата понуда на голем број домашни и странски ТВ-канали уште повеќе придонесува да се задржи тоа ниво на гледаност на телевизијата. Причина за ова е и економскиот статус и стандардот на населението: поефтино е да се остане дома покрај телевизорот, отколку да се оди некаде“

Линдита Кадриу, професорка во Штуловиот универзитет во Тетово и докторант за телевизија, смета: „Телевизиската програма се следи затоа што помалку одиме на културни настани и затоа што се чита многу малку ... Динамичниот стил на живеење и насоченоста на луѓето кон заработувачка, исто така, влијае врз средбите и роднинските и пријателските комуницирања. Со текот на времето се затврдуваат нормите поголемиот дел од слободното време да се помине дома. Тогаш се големи изгледите да бидете пред екранот, телевизискиот, или на компјутерот.“

Професорот по комуникологија и електронски медиуми од Државниот универзитет во Скопје Љубомир Јакимовски се надоврзува: „Огромен број порано работно ангажирани луѓе сега бараат работа и имаат огромно количество слободно време, кое е најлесно да го потрошат пред телевизорот. Има и околу 260 илјади пензионери, кои спаѓаат меѓу редовните гледачи на телевизијата. Граѓаните им даваат секогаш приоритет на трошоците за храна и живеење и така телевизорот станува како некаков вид компензација на намалениот стандард на граѓаните во општеството, во кое транзицијата трае предолго. Телевизорот стана не само основен извор на информација, туку и на културна и друга едукација.“

„ТВ – приемниците се како членови на семејствата“ 

За Кадриу, „волшебната кутија со подвижни слики“ станува член на семејствата во Македонија: „Телевизијата е дел на нашата социјализација. Приврзани сме со ТВ-приемникот толку што го чувствуваме како член на семејството.“

Трпевска нагласува: „Луѓето гледаат телевизија, за да не се чувствуваат осамени, заради забава и чувство на припадност кон заедницата. Тоа е за нив еден облик на бегство од реалноста, начин на релаксирање.“

Јакимовски вели: „Луѓето имаат потреба за идентификација со сопствените идоли, било да се филмски, музички или спортски идоли“.

Кадриу се осврнува на една противречност – иако програмата според квалитетот е се послаба, таа е се повеќе гледана: „Ги нема некогашните образовни содржини, детските програми, се’ повеќе критики има за квалитетот на телевизиската понуда, а, еве, колкава е гледаноста.“

Одговорниот уредник во Телевизија Телма од Скопје Емилија Лазаревска укажува: „Загрижува тоа што најголемиот процент гледачи седат со часови пред екраните, гледајќи неквалитетни, нискобуџетни, долготрајни серии, кои даваат погрешни информации. Граѓаните се’ помалку сакаат да се информираат, не ги интересира ниту што одлучуваат македонските политичари во нивно име. Во минатото тие беа долги години жртви на едно манипулативно новинарство и сега е добро што нема да и дозволат на ниту една телевизија, или на кој друг медиум, да го прави тоа со нив.“

Колку се подложни македонските граѓани на политички влијанија и манипулации преку телевизиските содржини од страна на политичките партии пред и во текот на предизборните кампањи?

Трпевска одговара: „Публиката кај нас е мошне критична и мошне свесна за каков било обид за манипулација, за сите политички и економски влијанија врз информирањето. Тоа се покажува и за време на изборните кампањи.“

Кадриу додава: „.Партиите ќе направат се за да си создадат колку е можно поголем простор во телевизискиот медиум, бидејќи е тој најгледан, за да исползуваат колку е можно поголем број гласачи. Но, колкав и да е обидот на политичките партии за заземање на тој медиумски простор, ефектите врз гласачите не се толкави колку што се мисли дека би требало да бидат.“

Интернетот и во Македонија постапно „испраќа во пензија“ одделни сегменти на телевизиската понуда. Младите се оние кои први во се поголема мера му го вртат грбот на класичниот ТВ-екран и во оваа држава.