1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија треба да ја развива трансплантационата медицина

Во моментов трансплантација на органи се прави само од живи дарители. Можно е пресадување на бубрег и коскена срцевина, но не и на други органи. Расте и потребата од органи, вели д – р Нинослав Ивановски

Д –р Нинослав Ивановски е нeфролог кој е дел од докторскиот тим кој во ноември 1987 година ја прават првата трансплантација на бубрег од починато лице во Македониаја. Тој со своите млади колеги д – р Живко Попов – уролог и д –р Перко Колевски – дел од тимот за хистокомпатибилитет, операцијата ја прават во малите соби на старата клиника за урологија, откако успеале да добијат дозвола од семејството на починатиот. Д – р Ивановски се сеќава дека во тој период екипата работела многу професионално, со многу жар и ентузијазам и била една од најперспективните во поранешната држава. Во период од 1989 година, тие направиле над 20 трансплантации на бубрег од починато лице.

„Чувството е неверојатно! Кога стартуваше првата трансплантација, ние се разбира бевме поприлично исплашени и морам да потенцирам тогаш бевме многу млади, во раните триесети години. Првата трансплантација беше направена на еден пациент од Битола, кој доби бубрег од починато лице на 35 години од мозочно крварење, и бидејќи имавме сѐ таа трансплантација помина сосема добро. Ние го чекавме болниот во едно мало сопче во старата хирургија, каде што немаше баш најидеални услови за работа. Меѓутоа кога дојде пациентот и кога видовме дека кесата е полна со урина, бевме пресреќни! Целата таа ситуација, кога се трансплантира бубрег или друг орган е едно неверојатно чувство, како да е раѓање на нов живот.“

Трансплантација само од живи дарители

Во меѓувреме се менуваат многу работи и младиот лекарски тим се растура. Се распаѓа старата држава, а Македонија не била специјално заинтересирана да го развива проблемот на трансплантацијата. Во моментов во Македонија се врши трансплантација само од живи дарители. Д – р Нинослав Ивановски смета дека со отворањето на легислативата околу трансплантацијата од починато лице, избирањето на Националниот координатор за трансплантација и правењето на рагистарот на болни, повторно ќе се воведе трансплантацијата од починато лице.

„Регистарот се прави, тоа е процес. Ние не сме имале трансплантација од починато лице и затоа генерално немавме регистар на болни. Имаме регистар на болни кои се дијализираат, меѓутоа не сите болни кои се на дијализа се и кандидати за бубрежна трансплантација. Од околу 1.300 лица, колку што има

Porträt - Ninoslav Ivanovski

Проф. д-р Нинослав Ивановски

сега на дијализа во Македонија по моја оценка околу 300 кандидати би биле за трансплантација, кои би можеле да го поднесат тој зафат. Трансплантацијата е сложена медицинска процедура која може да го донесе пациентот во ризик. Ние гледаме секогаш пациентот да го сочуваме, значи пациентот да биде максимално сигурен. Овие 300 што се избрани се обработуваат, така што има околу 50 пациенти кои се добро обработиени и кои се сега на листата на чекање за трансплантација. Мислам дека во наредните неколку месеци ќе го направиме тој комплетен регистар на болни кои чекаат бубрег“, вели д – р Ивановски.

На повидок трансплантација на црн дроб

Во моментов во Македонија се прави трансплантација на бубрег и коскена срцевина. Не постои трансплантација на срце, црн дроб, панкреас, бели дробови или тенко црево. Професорот Нинослав Ивановски вели дека тоа е така бидејќи во изминатиот период недостасувале политики од страна на министрите за здравство со кои требале да се развијат и исфорсираат соодветните структури и специјалности, како, кардиологија, пулмологија, дигестивната хирургија. Тој смета доколку постои волја би се обезбедиле и средства за овие видови трансплантација:

„Самата трансплантација е скапа метода. Треба да биде јасно, трансплантација на срце, на црн дроб – тоа се скапи трансплантации, чинат стотина илјади евра. Толку чини имуносупресијата, толку чини трудот на докторите. Кај нас тоа се обезвреднува! Не е иста цената како во Западна Европа, меѓутоа пак е скапо и тоа треба да ни биде јасно. Ако го сакаме треба да биде вака, инаку секоја импровизација, секој лошо употребен лек, секој стручен компромис на тоа поле води кон неуспех. А, неуспехот може да заврши со умирање, со една комплетна дестимулација. Министерството за здравство неодамна ангажираше еден хирург од Франција кој ќе направи две или три трансплантации на црн дроб од жив дарител. Таа интервенција е тешка и за дарителот и за оној што го прима органот“, вели д – р Нинослав Ивановски.

Дали Законот го придвижи процесот?

Во 2011 година беше донесен Законот за земање и пресадување на делови од човечкото тело, кој требаше да го придвижи процесот на трансплантација. Законот претрпе и измени, најмногу во делот на земање на органи и ткива од умрено лице. Најновите измени предвидуваат делови од телото на умрениот да можат да се земат доколку лицето во текот на животот не се спротиставило на такво нешто.

„Бидејќи сеуште нема трансплантација од починато лице, значи процесот не е придвижен генерално. Но, морам да кажам дека Законот даде еден стимуланс на многу структури. Прво, даде стимуланс да се сфати целиот проблем, да се разбере во суштина, и целата негова компактност. Законот даде стимул на сите структури кои се важни да се придвижат од мртва точка и сега постои расположение, постојат средства, постои кампања, што според мене не е доволна. Тој проблем некако се приближи до граѓаните. Кај нас законот предвидува презумпциска согласност за земање на органите. Многу поважни се подзаконските акти кои ја дефинираат целата состојба. Дефинираат кога болниот е мртов, кога можеме да ги земеме органите, како да ги транспланираме, каков да биде односот кон семејството.“

За да се зголеми бројот на донатори д – р Ивановски смета дека клучно е да се формираат екипи кои ќе контактираат со семејствата. „Свеста на граѓаните треба да се подигне до некое задоволително ниво. Тие треба нон стоп да се информираат, да бидат во тек дека трансплантацијата е спасувачка процедура, дека многу пациенти чекаат, не само бубрези, туку и црн дроб, срце, бел дроб.“

Одбиена трговија со органи

Трговија со органи е присутна во сите делови од светот. Постојат бројни тажни приказни објавени во медумите, за вмрежени лекари и болници вклучени во нелегална трговија со органи. Најчесто во нелегалната трговија донори се сиромашните во неразвиените земји. Докторите и хирурзите имаат одговорност, во рамките на нивните можности, да обезбедат органите кои ги трансплатираат да се добиени со почитување на највисоките етички стандарди. Д – р Нинослав Ивановски вели дека во Македонија нема продажба на органи, бидејќи докторите не го дозволиле тоа:

„Пред 10-тина години дојде еден од најдобрите хирурзи на Израел во тој период, професор по кардиоваскуларна хирургија. Тој ни предложи да оперираме израелски граѓани, бидејќи виде и знаеше дека ние сме познати и сертифицирани доктори. Тој ни рече – вие ќе си добиете плата, јас ќе ве наградам со тоа што јас ќе си донесам граѓани од Израел и граѓани од другите земји кои ќе даруваат органи. Меѓутоа ние насетивме дека е тоа трговија со органи. Зошто сега израелски граѓани да дојдат во Македонија и зошто да дојдат донори од Молдавија или од не знам каде, значи нешто што е забрането на друго место да се искористи во Македонија. Во тогашно време немаше законодавство, немаше ништо и ние тоа категорично го одбивме. Потоа тој си најде друго место каде што оперираше“, вели проф. д – р Нинослав Ивановски.