1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сѐ посериозни демографски проблеми

Свето Тоевски10 април 2015

Природниот прираст на населението во Македонија бележи пад. Во декември 2014. едномесечната стапка се спуштила само на 0,8 промили. Земјата се соочува со сериозни демографски проблеми, предупредуваат експертите

https://p.dw.com/p/1F5Ms
Фотографија: DW/S. Bogdanic

Според „Месечниот статистички извештај за февруари 2015 година“, објавен на 2-ри март годинава, природниот прираст на населението во Македонија изнесувал 1,9 промили, сметано на илјада жители. Исто толкав, на пример, бил и во 2008 година. Тоа претставува демографска стагнација во период од цели пет години. Заради поцелосно согледување на трендот ќе кажеме и дека, на пример, во декември 2014 таа едномесечна стапка се спуштила на само 0,8 промили. Во целата 2014 година имало 23.674 живородени деца. Од централната статистичка институција најавуваат дека конечните податоци во врска со движењето на популацијата во оваа земја ќе бидат објавени во јуни 2015 – та. Македонија веќе 13 години нема направено нов попис, но, сепак, се прават периодични проценки на бројот на нејзиното население. Според таквата последна расположлива проценка, на крајот на 2013 година во државата живееле 2 милиона и 65 илјади жители. Подлабокото нурнување во статистичките податоци и во самата реалност, покажува загрижувачки тенденции. Општини со највисок наталитет се Тетово, Чаир, Сарај, Куманово и Студеничани, додека со најмал наталитет се Битола, Карпош, Прилеп, Велес, Кочани и Охрид.

Бездетноста станува карактеристика на цели села и региони, особено во источниот дел на земјата, што најјасно се согледува од празните, или веќе и затворени училишта, без ниедно прваче или ученик. Во поголемиот број општини од источниот дел на Македонија се бележи пад на бројот на првачиња.Само во Македонска Каменица и Пехчево имаат зголемување. Како што имаа објавено дел од локалните медиуми, на пример, во селото Владимирово, во општина Берово, во ланската 2014 / 2015 учебна година немало запишано ниедно прваче. Ова село не е без население, има околу 800 жители, но лани првпат таму се случило ниту едно дете да не се запише во прво одделение. Во беровското село Мачево, биле запишани само три првачиња, во селото Стојмирово три првоодделенци, во Митрашинци четири, во селото Будинарци во ланскиот септември биле регистрирани пет, а во селото Двориште 11 првоодделенци. Фактите од Државниот завод за статистика покажуваат повторно негативни трендови, ако се анализираат состојбите на подолг временски период. Во 2000 – та година во целата земја во прво одделение имало запишано 29 илјади и 956 ученици, а во 2013 година 20 илјади и 774 ученици. Што значи, намалување за околу десет илјади дечиња за период од 13 години. Ситуацијата е дотолку поалармантна ако се земат предвид и оние неофицијални информации од теренот дека училиштата во Македонија, не само училниците со првачиња, се празнат и поради тоа што неретко и цели семејства заминуваат во странство. Ова се бележи особено во Дебарско.

Rentner in Zagreb
Младите си заминуваат од Македонија, предупредуваат експертитеФотографија: DW/S. Bogdanic

Младите си заминуваат

Како ги коментираат експертите ваквите демографски движења, но и нивните социоекономски причини и последици? Никола Панов, експерт за социоекономска географија од државниот Институт за географија во Скопје, истакнува: „Природниот прираст постојано се намалува како последица на намалувањето на бројот на младата популација. Таа се повеќе мигрира од економски причини во странство, барајќи ја таму својата иднина. Затоа младите не се решаваат за повеќедетно семејство во Македонија. Природниот прираст е негативен во речиси сите општини во Источна Македонија, освен во Струмица. Во најголемиот број општини во Западна Македонија го нема овој тренд, но и овде, во последно време, имаме појава на семејства со само едно до две дечиња, наспроти поранешниот тренд за повеќедетни семејства особено во средините со Албанци. Сепак, овде природниот прираст е се уште релативно висок и го зголемува вкупниот просек за Македонија. Ако продолжи ваквиот тренд, постои голема можност до крајот на 2050 година бројот на македонската и албанската популација речиси целосно да се израмни.“

Мирјанка Маџевиќ, експерт за демографија од истиот институт, се надоврзува: „Демографските проблеми со кои се соочува Македонија се навистина сериозни. Тие се досегашните општествени текови, нерамномерниот социо-економски развој, но и нашиот однос во поглед на нашата иднина. Справувањето со нискиот наталитет, а во тој контекст и со сериозно намалениот природен прираст, бара комплексен приод. Ако се има предвид дека врз наталитетот, смртноста и од нив произлезениот природен прираст влијаат цел комплекс на фактори, кои може да се групираат како биолошки, социо-економски, демографски, лични и други, тогаш е јасно дека треба да се дејствува на тие полиња. Поддршката од различен аспект за зголемување на наталитетот од страна на институциите, но и пошироко, е неминовна. Кога велам поддршка не мислам само на финансиската помош за родено трето дете во текот на одреден временски период. Таа поддршка треба да биде повеќестрана и поширока во поглед на други бенефиции, кои би ги имале повеќедетните семејства, но не и само тие. За тоа се потребни време, ресурси, организираност и реализација. Регионите кои веќе имаат негативен природен прираст се најзагрозени и кај нив потешко може да се подобри состојбата.“

Македонија има своја „Стратегија за демографски развој за 2008 – 2015 година“, но ресорното Министерство за труд и социјална политика уште во јануари 2013 година најави ревидирање на овој стратегиски демографски документ. Дојче веле го праша ова министерство: дали е извршена таа ревизија и кои ќе бидат главните приоритети на демографската политика во следните години? Во добиениот писмен одговор се наведува кратко: „Се работи за првична верзија, за која се вршат меѓусекторски и меѓуресорски координации и консултации на постојниот нацрт документ за наредните години. Јавноста ќе биде запозната навреме со неговите содржини.“

Ревидирање на демографската стратегија

Во очекување да се заврши ревидирањето на демографската стратегија потсетуваме на дел од искажувањата на официјалните претставници на Министерството за труд и социјална политика на една конференција, посветена на овој демографски документ во јануари 2013: „Големи општини во Македонија имаат изразито негативен прираст - две починати лица на едно новороденче: Битола, Карпош, Охрид, Берово Валандово, Вевчани, Велес, Вранешница, Гевгелија, Градско, Делчево, Кратово, Македонски Брод, Пробиштип... Ако се направи проекција за наредните 20 години, ќе се соочиме со страшна слика за популационите трендови. Целта е да се ревидира ’Стратегијата за демографски развој', заради поуспешна примена на сеопфатни семејни мерки и политики за вработување, родова еднаквост, грижа за децата, здравствени услуги ...“

Grundschule in Kuratica Mazedonien
Училиште во селото КуратицаФотографија: DW

Во овој контекст професорката Маџевиќ дополнува: „Треба да се имаат предвид и други сегменти, кои влијаат врз природниот прираст. Да го споменеме трендот на подоцнежно стапување во брак. Тоа многу се одразува врз наталитетот преку скратувањето на оптималниот период на плодност, во кој се реализира биолошката репродукција. Комплексната поддршка на младите брачни двојки, кои се почесто се определуваат да имаат само едно дете, подршката на родителството, вреднувањето на семејството со функциите кои ги има, може да се приклучат кон поголемиот број на мерки за поттикнување на наталитетот.“

Професорот Панов заклучува: „Кај оние села кои имаат многу мал број жители, некои од нив треба целосно да се раселат и да се интегрираат во една заедничка целина, односно населба. Има голем број такви случаи во источниот дел од земјата. Денес 170 села во Македонија се целосно раселени, во 400 од нив има само по педесетттина жители, а во половината од нив само по 20 жители.“