1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија стравува од Данајски подарок

Решавањето на спорот за името во временски недефинирана рана фаза од преговорите, може да донесе подоцнежни штети за Македонија, предупредуваат македонски дипломати.

Иницијативата на еврокомесарот Штефан Филе за почнување преговори со ЕУ без решение за името, но со негово решавање во раната фаза од преговарачкиот процес – во основа е добра, но во себе може да крие многу стапици, оценуваат македонски дипломати. Освен позитивниот аспект, иницијативата на Филе носи и закана, предупреди деновиве поранешниот амбасадор Ристо Никовски.

„Тоа е стриктна временска рамка во која меѓународната заедница ќе очекува надминување на проблемот. Во моментот кога ќе прифатиме да одиме по тој пат, значи дека ние се откажуваме од Привремената спогодба и членот 11 - Грција да не не‘ попречува во зачленување во меѓународни организации, но се откажуваме и од хашката пресуда. Де факто прифаќаме решавањето на името да биде услов за членство во ЕУ. Тоа е нова ситуација и мора да бидеме внимателни, бидејќи тој пат може да биде без враќање“, оцени Никовски.

Македонија си ги врзува рацете

Тој не е единствениот што потенцира дека ако проблемот не се реши на почетокот, тешко е да се стигне до крајот, бидејќи Грција може да ја блокира Македонија во сите 35 поглавја. Јован Донев, експерт за меѓународни односи и иден македонски амбасадор во Лондон, вели дека Никовски е во право.

„Предлогот на Филе не‘ става во нееднаква позиција, бидејќи на Грција не и‘ се брза, а нам ни е важно овој проблем што побрзо да се реши. Но, проблем е временската рамка. Што значи рана фаза од преговорите? Колку ќе трае таа фаза? Со ова ние си ги врзуваме рацете да прифатиме нешто во одреден рок, но го прифаќаме и ризикот врз нас да падне вината ако решиме да не прифатиме одреден предлог“, објаснува Донев.

Griechenland Mazedonien Bildkombo Flaggen

Според извори во Брисел и идеалното сценарио, во декември решавањето на спорот за името би се поставило како услов за Македонија, најверојатно без да се спомнува временска рамка, но со навестени очекувања тоа да биде завршено до крајот на 2013. година. Потоа следува „скринингот“, а по него вистинските преговори, по можност за време на грчкото претседавање со ЕУ.

Од правна во дипломатска победа

Поголем оптимист е поранешниот македонски министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, кој смета дека ако ЕУ во декември донесе одлука за датум за почеток на преговори со Македонија, тоа ќе биде голем успех за земјата.

„Таква одлука нема да ја загрози судската пресуда од Хаг, напротив -

ќе можеме правната победа да ја преточиме во дипломатски успех. Македонско-грчките разговори за името во ОН и во иднина ќе се водат во рамките утврдени со Привремената спогодба, која е правно-важечка за двете страни“, вели Милошоски. Според него, сериозните напори на ЕК за окончување на македонско-грчкиот дијалог со разрешница во раната фаза на преговори за членство со ЕУ, може да ја забрза динамика на преговорите, но нема капацитет да ја измести содржината на Спогодбата.

„Грција, со својот предлог-Меморандум за разбирање, направи тактички обид правната содржина на Привремената спогодба да ја замени со политички Меморандум, но македонскиот одговор на Меморандумот беше сосема соодветен и и‘ даде дополнително внимание на Спогодбата, повикувајќи ја Атина секоја земја да се посвети на исполнување на преземените обврски", потсетува Милошоски.
Латентна недоверба

Разногласието кое се движи од умерен оптимизам до тврд песимизам е резултат на разни „формулации“ кои создаваат недоверба кон искреноста на Брисел за решавање на спорот за името во рана фаза од преговорите со ЕУ. Последното именувањето на Македонците со „Славомакедонци“ од страна на шефот на Мисијата на ЕУ во Скопје, Аиво Орав или супституирањето на името Македонија со терминот „оваа земја“ се дел од тој корпус, но не и единствени причини за страв од можен Данајски подарок.

„Грција со вметнување на нови странични прашања кои не се дел од мандатот на Нимиц, ниту на резолуциите на ОН, сака да купи време пред Европскиот совет кој за дваесетина дена треба да одлучи дали Македонија ќе започне преговори за членство во ЕУ“, велат македонски дипломати кои сакаат да останат анонимни. Дополнителна неизвесност им внесува и фактот дека за да се динамизира процесот на решавање на спорот меѓу Скопје и Атина, во европски кругови се разгледува и можноста за целосно нов тип медијаторство под покровителство на ЕУ, како во случајот на хрватско-словенечкиот спор.