1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија стои пред нови предизвици

По препораката од Европската комисија треба да продолжат реформите, а приемот во Европската унија најмногу зависи од Македонија, истакнува евроамбасадорот Ерван Фуере во интервјуто за Дојче веле.

default

ЕУ амбасадорот во Македонија Ерван Фуере

ДВ: Г- не Фуере, некои странски политичари велат дека Македонија ќе се соочи со вистинските предизвици откако ќе ги почне преговорите за членство во ЕУ. Каков е вашиот став за ова?

Symbolbild, EU, Fahne, Flagge, Hände, Hand

ЕУ

Ерван Фуере: Нема сомнение дека е така. Секако за секоја земја којашто сака да и се приклучи на ЕУ голем предизвик пред се’ е да стекне кандидатски статус. Македонија се избори за тоа. Следен предизвик е да добие препорака за датум за отворање на преговори, и во текот на сите овие чекори, земјата да продолжи со реформскиот процес. Додека почнат преговорите обично се чека три, четири, пет години, но, доколку најголемиот дел од подготвителната работа е завршен за време на кандидатскиот статус, преговарачкиот процес ќе се одвива брзо. Што се однесува до одлуките што треба да се донесат во наредните месеци, секако дека земјата треба да се потпре на она што е досега постигнато и да продолжи со реформите, затоа што тоа е исто така многу важно за иднината на земјата.

Кои се клучните слабости од една и предностите од друга страна во македонското општество?

Секако дека, од она што го видовме последниве месеци, може многу да се постигне со политичкиот консензус меѓу партиите. Доколку тоа продолжи, можам да ви гарантирам дека реформскиот процес ќе биде многу полесен, а политичката стабилност многу подобра од она што претходно го видовме – еден чекор напред, два назад. Сега имам впечаток дека процесот постојано се движи напред. Во таа смисла, визната либерализација е одличен пример. Мислам дека голема предност овде е мултиетничкиот карактер на општеството, и мислам дека тоа е силна порака за тоа како различни етнички заедници можат да живеат заедно. Тоа подразбира взаемна доверба, разбирање и почит. Втора голема предност е духот на решителност меѓу младите луѓе и граѓаните, и покрај фактот што многу од нив се невработени. Постои голема желба да се создаде средина, кадешто работните места ќе бидат гарантирани и ќе има поголеми инвестиции. На тој начин земјата напредува кон ЕУ. Таквата средина ги зголемува придобивките за граѓаните, но сепак бара постојани напори од политичките лидери.

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje

На што треба тие да се фокусираат, кои се приоритете за наредниот период?

Мислам дека е потребен напор за зајакнување на деловната клима што ќе ја направи земјата поатрактивна за странските инвеститори и ќе донесе повеќе ресурси. Тоа подразбира зајакнување на независноста на судството, порешителна борба против корупцијата, затоа што корупција се’ уште има, се’ уште има проблем со јавните тендери. Ова се областите на коишто владата треба и може да влијае и сето ова ќе помогне во креирањето на една подобра средина. Исто така владата мора да го мобилизира цивилниот сектор. Тој игра голема улога во креирањето на јавното мислење во предизвиците коишто претстојат, можностите за пристапување, обврските од членството во ЕУ. Мислам дека од интерес на владата е да работи рака под рака со цивилното општество и со бизнис заедницата.

Дали македонските граѓани имаат европска политичка култура?

Да, Македонија е дел од европскиот континент, и нејзината иднина лежи во ЕУ. Но, од друга страна тие мораат да демонстрираат поголема политичка зрелост во нивните политички размислувања што се однесува до изградбата на консензус. Тоа беше мошне тежок процес, да се натераат луѓето да сфатат дека успехот може да се постигне само со меѓусебна комуникација и заедничка работа. Видовме одредени проблеми, како на пример со енциклопедијата, ова можеби беше промашена можност да се промовира помирувањето. Тоа треба да биде поука за владата и за земјата, дека се потребни дополнителни напори за помирување на сите етнички заедници, и да се демонстрира пред граѓаните, дека мултиентничкиот карактер на земјата е единствена предност, којашто може да ја збогати ЕУ.

Galerie EU Erweiterung Plakat

ЕУ

Дојдовте во Македонија пред четири години, си заминувате за неколку месеци. Во која сфера забележувате најголем напредок?

Мислам дека фокусот е насочен кон потребата од дијалог и тоа е охрабрувачки. Тоа се случува само во последните неколку месеци, но она што сметаме дека треба да се зајакне е тој да стане постојан принцип на политиката. Исто така треба да се зајакне избирачкиот процес, така што следните избори кога и да се случат ќе бидат без заплашување и нерегуларности какви што имавме во минатото. Така што има многу позитивни примери на напредок, но тие треба и натаму да се надградуваат.

Можете ли да предвидите колку ќе траат преговорите за членство и дали извештајот ќе ја мотивира Македонија побрзо да напредува на европскиот пат?

Да секако, секој чекор на земја кандидат во евроитегративниот процес е важен во јакнењето на капацитетот на државата, јакнење на политичката зрелост, јакнење на нивото на подготвеност. Сега многу повеќе луѓе со визната либерализација ќе видат како функционираат работите во ЕУ и ќе ги пренесат нивните искуства во земјата. Штом ќе почнат преговорите, ако работите се одвиваат добро, процесот може да трае четири до пет години. Но, може и пократко, зависи од решеноста на земјата да ги спроведе реформите.

Автор: Горан Петрески

Редактор:Александра Трајковска